Свет
Казахстан: Вкупно 83-ца кандидати за претседател

Повеќе од 80 кандидати се подготвени да учествуваат на претседателските избори кои во октомври ќе се одржат во Казахстан.
Повеќе од 80 кандидати се подготвени да учествуваат на претседателските избори кои во октомври ќе се одржат во Казахстан. Членот на изборната комисија Јанизбег Акматов изјави дека за претседателските избори кои се закажани за 30.октомври се регистрирани 83-ца кандидати, меѓу кои се и премиерот на државата, како и лидер на една националистичка партија. За да учествуваат на изборите потенцијалните претседателски кандидати ќе мораат до 25.септември да соберат 30.000 потписи и да платат такса од 1.565 евра). Кандидатите ќе мора да полагаат тест на знаење на казахстанскиот јазик, а испитот ќе биде директно емитуван на државната телевизија. Претпоставките се дека голем број на кандидати, поради наведените услови, ќе бидат елиминирани. Меѓу потенцијалните учесници на претседателските избори само 16 се предложени од политичките партии, додека останатите пријавени се независни кандидати. Вршителката на должноста, претседател на Казахстан, Роза Отумбаева, нема право да учествува на изборите. Крај/24 сата/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
ЕУ и Трамп се многу блиску до договор за царините, тврдат дипломати

Европската унија и САД се на добар пат да постигнат договор со кој царините за поголем дел од производите би се фиксирале на 15 отсто, пренесуваат „Блумберг“ и „Ројтерс“, повикувајќи се на дипломати запознаени со текот на преговорите.
Според истите извори, земјите членки на ЕУ се подготвени да прифатат 15 проценти царина, а европските претставници се залагаат договорот да ги опфати и клучните сектори, како автомобилската индустрија. Еден од дипломатите додал дека увозот на челик и алуминиум над одредени квоти сепак ќе остане подложен на висока царина од 50 проценти.
Иако во Брисел преовладува претпазлив оптимизам дека е можно да се постигне договор, дипломатите предупредуваат дека конечната одлука ја носи американскиот претседател Доналд Трамп, чии одлуки често се тешко предвидливи.
Иако се вели дека страните се блиску до договор, еден претставник на американската администрација предупредил дека преговорите и натаму се променливи и дека договор сè уште не е на повидок.
Двете страни ги засилија преговорите последниве недели со цел да избегнат целосна трговска војна, предизвикана од низата царини кои Трамп ги воведе кон партнери ширум светот. Преговарачите од ЕУ и САД биле блиску до договор пред две недели, но разговорите се закочиле откако Трамп се заканил со 30 отсто царина за поголем дел од европските производи доколку не се постигне договор до 1 август.
Доколку не се постигне договор до тогаш и Трамп ја реализира својата закана, ЕУ подготвува соодветен одговор.
Во случај на неуспех, Европската унија планира да воведе царини на американски производи во вредност од околу 100 милијарди евра (приближно 118 милијарди долари), со стапки кои би одговарале на најавените 30% од страна на Трамп.
Свет
Сѐ повеќе луѓе во Германија работат на црно додека примаат социјална помош

Сивата економија во Германија е во пораст, а комбинацијата од социјална помош и работа на црно станува секојдневен модел за преживување, пишува „Дојче веле“.
Минатата година, вредноста на сивата економија во Германија надмина 480 милијарди евра, а се очекува дополнителен раст и во 2025 година. Со падот на економијата, сѐ повеќе луѓе се насочуваат кон работа на црно, често истовремено користејќи и социјална помош. Германската влада подготвува контрамерки, а експертите предупредуваат дека станува збор за системски проблем.
Германија веќе со години бележи економски пад, а прогнозите за 2025 година предвидуваат минимален раст. Според економистот Фридрих Шнајдер од Универзитетот во Линц, сивата економија достигнала 482 милијарди евра – највисоко ниво во последната деценија.
„Тоа се легални економски активности – како поправка на автомобили или чистење – кои се вршат надвор од државниот систем, без плаќање даноци и социјални придонеси“, објаснува Шнајдер.
За 2025 година се прогнозира раст до 511 милијарди евра, што е пораст од повеќе од шест отсто. Главни причини за ширењето, според него, се чувството кај граѓаните дека плаќаат преголеми даноци и незадоволството од јавните услуги. „Кога луѓето чувствуваат дека не добиваат соодветна услуга за парите што ги плаќаат, тогаш паѓа нивниот даночен морал“, вели тој.
Шнајдер додава дека не се чуди што луѓето избираат работа на црно. „Тоа е даночен бунт на малиот човек“, изјави тој, објаснувајќи дека често се работи за мали работи, како приватни часови или реновирање бања.
По зголемувањето на социјалната помош во јануари 2024 година, сѐ повеќе луѓе ги напуштаат легалните нископлатени работи и преминуваат на работа на црно.
„Околу 88.000 до 100.000 луѓе ги напуштија своите работни места со скратено работно време“, вели Шнајдер, предупредувајќи дека токму овие работни места недостигаат на пазарот.
Министерката за труд Бербел Бас најави речиси 52 милијарди евра за социјални давања во 2025 година и призна дека постои проблем со злоупотреба на системот.
„Станува збор за мафијашки структури“, рече таа, алудирајќи на случаи каде што криминални мрежи носат луѓе од странство, ги вработуваат на црно и истовремено им овозможуваат да примаат социјална помош.
Советникот Маркус Карбаум, кој во Берлин им помага на приматели на социјална помош да најдат работа, често се среќава со т.н. „приватен модел на комбинирана заработка“. „Постои тренд работодавачите да нудат премалку работни часови за некој да може да преживее“, вели Карбаум.
Овој модел се состои од три извори на приход: мини-работа, дополнителна заработка на црно и социјална помош. Често, самите работодавачи ги поттикнуваат ваквите аранжмани: „Парите што ти недостигаат, побарај ги од државата“, пренесува Карбаум, додавајќи дека ова станало речиси системска пракса.
Карбаум предупредува дека луѓето често мислат дека имаат право на сето тоа. „Имам право на социјална помош. Немојте сега да ми го одземете тоа право“, е став што често го слуша на терен.
Тој запознал корисници кои возат скапи автомобили, имаат најнови мобилни телефони и секоја година одат на одмор.
„Станува збор за поединечни случаи, не за мнозинство“, нагласува тој, но додава дека таквите примери се показател за структурна измама.
Владата планира засилена соработка меѓу Агенцијата за вработување и царинската управа, со цел да се спречат измамите и работата на црно.
„Кога има силен економски раст, работата на црно опаѓа“, заклучи Шнајдер, истакнувајќи дека економската стабилност е најдобар лек против сивата економија.
Свет
Полска ги предупреди своите граѓани: Ако е можно, напуштете ја Русија

Министерството за надворешни работи на Полска издаде препорака со која силно ги советува сите полски државјани кои престојуваат во Русија, доколку е можно, да ја напуштат таа земја, јавува ТВП.
Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на владата, министерството советува да се избегнува секое патување во Русија, повикувајќи се на конфликтот во Украина и официјалното руско прогласување на Полска за „непријателска држава“.
Русија официјално ја вклучи Полска – која се приклучи на западните санкции и беше еден од најсилните поддржувачи на Украина – на списокот на „непријателски држави“ уште во 2022 година. Оваа ознака им овозможува на руските власти да воведат ограничувања кон дипломатските мисии и често подразбира ограничувања во трговијата и финансиските трансакции.
Затоа на полските државјани кои живеат во Русија им се препорачува „да ја напуштат територијата на Русија со достапни комерцијални или приватни средства, освен ако нивната лична, семејна или професионална ситуација не бара останување во земјата“, наведува министерството.
Полските власти исто така предупредија на можни проблеми при добивање директна конзуларна помош, поради затворање на дипломатски претставништва, што може да бара од граѓаните да патуваат до многу оддалечени конзулати.
Препораката исто така укажува на неколку други пречки со кои се соочуваат полските државјани во Русија, вклучувајќи го укинувањето на директните летови меѓу двете земји, ограничените можности за патување и тешкотиите при користење полски банкарски картички.