Македонија
Идентификуван возачот на камионот кој загина кај Охрид

Педесет и седумгодишниот велешанец Љубе Ј. е возачот на камионот кој што утринава загина во сообраќајна несреќа што се случи на магистралниот пат Ресен-Охрид во близина на тунелите на превојот кон Буково
Педесет и седумгодишниот велешанец Љубе Ј. е возачот на камионот кој што утринава загина во сообраќајна несреќа што се случи на магистралниот пат Ресен-Охрид во близина на тунелите на превојот кон Буково, јавува Ohridnews.
Како што информираат од СВР Охрид, возилото се движело кон Охрид и на критичното место изгубило контрола и преминало на спротивната коловозна лента.
Возачот успеал да го врати на десната коловозна лента, но повторно изгубил контрола, по што камионот излетал од патот се превртил и завршил на левата коловозна лента.
Од повредите здобиени во несреќата возачот починал на лице место.
Екипа на СВР Охрид и заменик јавен обвинител извршиле увид на местото на несреќата, а по наредба на истражен судија врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција. /крај/охњус/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со умерена облачност. Попладне облачноста ќе се зголеми, а во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе има пообилни врнежи од дожд (над 30л/м2), а на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60км/ч), особено вдолж Повардарието. Дневните температури значително ќе опаднат. Во деновите од викендот и во понеделник ќе има услови за слаб локален дожд, а дневните температури повторно ќе бидат во пораст.
Македонија
Без вода денеска дел од Карпош

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради дефект на приклучна цевка ф 1“ на улицата Ванчо Мицков бр.40, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Ванчо Мицков, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до санирање на дефектот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Потребни се гаранции за македонската евроинтеграција

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Карен Пирс, специјална пратеничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, чија посета ја оцени како јасен показател за британската заинтересираност и посветеност на Западен Балкан.
Според неа, оценувањето на напредокот треба да биде меритократско, со фокус на исполнувањето на копенхагенските критериуми. Таа укажа на деструктивноста на билатерализацијата на преговарачкиот процес под закана со вето.
Информираше за заситеноста и заморот на македонските граѓани од бројните преседани, блокади и двојни стандарди. За неа, спротивно на европските темелни вредности и принципи е негирањето на националниот и културниот идентитет, како и непочитувањето на дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани.
Можно надминување на блокадата, претседателката гледа во креативно толкување на Преговарачката рамка и надлежноста на Мешовитата комисија за историски и образовани прашања.
Специјалната пратеничка Карен Пирс изрази разбирање за потребата од надминување на македонската евроинтеграциска блокада.
Соговорничките ја оценија британско-македонската соработка како успешна, изразувајќи подготвеност за нејзино продлабочување и проширување.
Обете од претстојниот Самит на Берлинскиот процес во Лондон очекуваат важни придобивки за регионот.