Економија
ЕБОР обезбеди 2,5 млн. евра заем за Витаминка

Европската банка за обнова и разбој (ЕБОР) денеска објави дека и одобри заем од 2,5 милиони евра на Витаминка, еден од водечките производители на брендирана храна во Македонија.
Европската банка за обнова и разбој (ЕБОР) денеска објави дека и одобри заем од 2,5 милиони евра на Витаминка, еден од водечките производители на брендирана храна во Македонија.„Заемот на ЕБОР ќе се искористи за финансирање на купување на опрема за производство и пакување, како и за имплементација на најсовремени мерки за енергетска ефикасност во Витаминка“, се наведува во соопштението на банката. Проектот се очекува да и овозможи на Витаминка да ги оптимизира оперативните трошоци, да ја подобри конкурентноста, како и да го зголеми производниот капацитет на некои од своите водечки групи на производи.„Ни претставува задоволство да ја продолжиме соработката со Витаминка и да ја поддржиме развојната стратегија и натамошниот раст на компанијата. Новиот заем ќе и помогне на Витаминка да го зголеми обемот на производство на напитоците во прав и крцкавите производи, со цел да ја задоволи растечката побарувачка за овие производи, како и да ја подобри сопствената енергетска ефикасност“, истакна Елена Урумовска, Претставник на ЕБОР за Македонија. Претседател на Управниот одбор на Витаминка Симон Наумоски истакна дека финансирањето од страна на ЕБОР ќе ја поддржи развојната стратегија на компанијата. „Целите на Витаминка вклучуваат проширување и модернизација на производните капацитети и асортиманот на производи, како и зголемување на стандардите за енергетска ефикасност во нашата компанија, подобрување на продуктивноста и работните услови во некои од нашите производни погони“, истакна Наумоски.Во 2007 ЕБОР обезбеди заем од четири милиони евра на Витаминка, за финансирање на нејзината инвестициона програма, која вклучуваше набавка на нова производна линија за меки кекси и опрема за пакување.Витаминка е една од најголемите компании од прехрамбената индустрија во Македонија, која произведува широк асортиман на брендирани прехранбени производи под сопствен бренд, како и за други приватни марки – кондиторски производи, крцкави производи, производи во прав и адитиви, кечап, мајонез и меки кекси. Компанијата извезува над 40 проценти од своите производи, првенствено во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.