Економија
ЕЛЕМ и ЕВН Македонија ги затоплија односите

Компаниите за производство на електрична енергија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и за дистрибуција ЕВН Македонија одлучија наместо по судови, проблемите да ги решат на заедничка маса
За таа цел денеска во Скопје, под покровителство на македонската влада, ЕЛЕМ и ЕВН потпишаа Протокол за уредување на начинот на пресметка и фактурирање на испорачана електрична енергија и два Договора за купопродажба на електричната енергија. Двете страни изразија уверување дека со денешниот настан се подобрува атмосферата во енергетскиот сектор, но и се затвора празнината, настаната по донесувањето на новиот Закон за енергетика.Согласно Протоколот се регулира начинот на пресметката и фактурирање на испорачана електрична енергија од ЕЛЕМ кон ЕВН од септември 2008 година.Истовремено ЕЛЕМ се обврзува да ги повлече сите тужби против ЕВН настанати од периодот 05.09.2008 до 30.11.2008 година, додека ЕВН Македонија ќе ги сторнира доставените фактури до ЕЛЕМ за вишоците на набавена електрична енергија.Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес конференција изјави дека Протоколот со кој се регулира начинот на пресметката на испорачаната електрична енергија помеѓу ЕЛЕМ и ЕВН Македонија е резултат на напорите на владата во насока на подобрување на бизнис климата, за што бенефит ќе имаат и крајните потрошувачи.За министерот за економија Фатмир Бесими потпишаниот договор претставува многу повеќе од лист хартија.„Ја поздравувам оваа решеност на двете компании и ветувам дека министерството за економија ќе продолжи во креирањето на поволни услови во енергетскиот сектор“, рече Бесими.За генералниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чингоски, потпишаниот Протокол претставува основа за регулирање на деловните релации меѓу двете компании и зајакнување на партнерските односи во функција на унапредување на сите сегменти во секторот, со цел задоволување на крајните корисници на електрична енергија.„Со денешниот договор ја надминуваме празнината која беше креирана со измените на Законот за енергетика, во интерес на потрошувачите“, рече претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Георг Валднер.Затоплувањето на односите помеѓу двете страни би можело да доведе и до повлекување на тужбата на ЕЛЕМ против ЕВН Македонија пред домашните судови тешка над 200 милиони евра, како и до повлекување на контратужбата поднесена од ЕВН Македонија пред судот во Вашингтон.ЕЛЕМ по судски пат бара наплата на побарувања од над 200 милиони евра за периодот 1995-2004 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска-Кочоска учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка во Вашингтон

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска ќе престојува во работна посета на САД, каде што ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, коишто се одржуваат оваа недела во Вашингтон.
Посетата ќе биде можност министерката за финансии на средби со високи претставници од овие меѓународни финансиски институции да ги претстави економските и пред сѐ фискалните политики што ги спроведува Владата, напорите за фискална консолидација, за одржување макроекономска стабилност и за обезбедување одржлив економски раст. Согласно агендата, министерката ќе оствари средби со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор Јерон Клик, замениците на извршните директори Марникс ван Рај и Владислав Рашкован, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили. Исто така, средби се предвидени и со потпретседателката на Светската банка Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка Јуџин Ругенат, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија Шиаочин Ју и со директорката за земјава во СБ Карол Межеван.
Димитриеска-Кочоска во Вашингтон ќе има можност да оствари средби и со претставници на Трезорот на САД, со којшто е воспоставена соработка во насока на зајакнување на ефикасноста на институциите, како и со повеќе инвеститори коишто се вклучени во процесот на издавање еврообврзници.
Годишните средби на ММФ и СБ оваа година се одржуваат под мотото „Можност во време на промени“, а на нив учесниците, односно министрите за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл. ќе можат да се осврнат на актуелните состојби и на предизвиците во глобални рамки, како и на изнаоѓање можни решенија. На годишните средби во Вашингтон министерката за финансии учествува заедно со гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)