Свет
Обама изрази сочувство на семејствата на загинатите во Авганистан
Американскиот претседател Барак Обама изрази сочувство до семејствата загинати во Авганистан, во градот Мазар-и-Шариф, во судирите кои беа предизвикани поради палењето на Куранот во американската држава Флорида.
Американскиот претседател Барак Обама изрази сочувство до семејствата загинати во Авганистан, во градот Мазар-и-Шариф, во судирите кои беа предизвикани поради палењето на Куранот во американската држава Флорида.
Обама палењето на светата книга на муслиманите го оцени како „дело на екстремна нетолеранција и предрасуди“, но додаде дека тоа не ги оправдува нападите и убивањето на невини луѓе, бидејќи тоа е „скандалозно и навреда на човечката пристојност и достоинство“, пренесува Асошиејтед прес.
Во нападот на демонстрантите на зградата на Обединетите нации(ОН) во Мазар-и-Шариф, на северот на Авганистан, завчера се убиени 11 луѓе, меѓу кои седум странци вработени во ОН.
Протестите поради палењето на Куранот во Авганистан продолжија и вчера, а во Кандахар, на југот на земјата, загинаа девет, додека повредени се повеќе од 80 луѓе.
Во соопштението на претседателот на САД се наведува дека ниту една религија не толерира „масакр на невини“.
Обама рече дека е време за свртување кон заедничката човечност. /крај/ап/б/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пилотите и кабинскиот персонал на „Луфтханза“ најавија целодневен штрајк
Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе почнат целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.
Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за различни колективни договори.
На патниците им е порачано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да ги погоди сите поаѓања од Германија. Ќе бидат засегнати и товарните летови.
Засега не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпаролот на компанијата изјави дека очекуваат подетални информации од синдикатите.
Пилотите минатата година со мнозинство гласови одлучиле да преземат индустриска акција поради барањата за повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензии.
Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективните договори во матичната компанија Луфтханза и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.
Според билтенот на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега безуспешно се чекало отворање на разговори за колективен договор.
Свет
ЕУ воведува апликација за пријавување сајбер-насилство кај младите
Младите во Европската Унија наскоро ќе можат преку посебна апликација да пријавуваат сајбер-насилство, најави еврокомесарката за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, во Стразбур.
Апликацијата е дел од Акцискиот план за борба против кибернетичкото злоставување, претставен на Меѓународниот ден за побезбеден интернет. Виркунен изјави дека „сите жртви и сведоци на злоставување мора да знаат каде можат да се обратат за помош“, поради што ќе се воведе алатка на ниво на ЕУ.
Таа повика земјите-членки да изработат национални планови и да воспостават заедничка дефиниција за сајбер-насилство, со цел подобра споредба на податоци и поефикасна заштита на младите.
Европската комисија потсети дека со Актот за дигитални услуги од платформите се бара повисоко ниво на приватност и заштита на малолетниците, додека со Актот за вештачка интелигенција се забранува манипулација и измама на корисниците.
Европратениците повикаа на поголема одговорност на социјалните мрежи.
Свет
Витакер: Трамп и Зеленски ќе го потпишат мировниот договор кога ќе дојде време
Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека мирот во Украина е поблиску од кога било досега, иако сè уште не е утврдено кога украинскиот и американскиот претседател ќе го потпишат мировниот договор за ставање крај на руската агресија.
Витакер рече дека договорот ќе биде потпишан „кога ќе дојде време“ и дека верува оти завојуваните страни се блиску до постигнување мир.
„Постојано го повторувам тоа, не само затоа што верувам во тоа, туку и затоа што внимателно ги следам преговорите. Мислам дека сме поблиску до мир во Украина од кога било“, изјави тој.
Додаде дека документите за мировниот договор ќе ги потпишат Доналд Трамп и Володимир Зеленски „кога тоа ќе биде соодветно и кога ќе дојде време“.
„Сметам дека треба да продолжиме да се молиме за мир, но истовремено да обезбедиме Украина и натаму да има, преку програмата ПУРЛ (програма преку која европските членки на НАТО од САД купуваат оружје за Украина) и други иницијативи, сè што ѝ е потребно за да се брани“, рече Витакер.
САД очекуваат земјите-членки на НАТО во наредните два дена да објават нови обврски за купување американско оружје за Украина.
Витакер посочи дека трите земји кои досега купиле најмногу американско оружје за Украина преку програмата ПУРЛ се Германија, Холандија и Норвешка.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на Украина вети дека ќе обезбеди повеќе од 15 милијарди долари за купување вооружување за украинските вооружени сили во рамки на истиот програм.

