Свет
Фелата на несовесните адвокати сака да им простува
Само неколку адвокати се казнети со забрана за вршење на дејноста од една година
Само неколку адвокати се казнети со забрана за вршење на дејноста од една година
Околу 30 обвиненија се поднесени во последните три години од дисциплинските органи на Адвокатската комора на Македонија за оние нивни колеги кои го рушат угледот на адвокатската професија и им нанесуваат штета на граѓаните со евентуални злоупотреби. Највисоката казна што може да се изрече е привремена забрана за вршење на адвокатската дејност до една година. Оваа мерка е примената во неколку случаи, а последен таков пример е скопскиот адвокат Кирил Смичковски. За помали дисциплински повреди адвокатите можат да поминат со парична казна во висина до десеткратен износ на годишната членарина или, пак, само со јавна опомена.
Во Комората се свесни дека прават скромни напори на овој план, но, како што велат, не е ништо поинаква состојбата и во регионот. Сепак, тие се задоволни од тоа што „нешто се движи“, бидејќи по прекин речиси од 20 години, кога била изречена последната казна, во последниве неколку години, профункционирале органите на Комората: дисциплински обвинител, дисциплински суд и жалбен суд.
Кумановскиот адвокат Синиша Станковиќ, кој го привршува својот четиригодишен мандат на дисциплински обвинител во АКРМ, за „Утрински весник“ нагласува дека со внимание ги следат последните случувања во судството околу фалсификуваните извршни судски решенија, каде што во негативен контекст се споменуваат некои нивни колеги.
„Очекуваме пријава од надлежните органи, бидејќи она што го имаме како сознание е добиено од медиумите, а тоа не е доволно за да го испитаме случајот“, вели Станковиќ. Според податоците од Комората, за извештајниот период април 2005 – април 2006 година, дисциплинскиот обвинител примил 142 пријави во работа против 167 адвокати. Само од почетокот на оваа година се примени 98 пријави против 120 адвокати. Споредено со претходниот извештај, кога се примени вкупно 88 пријави против 97 адвокати, евидентно е дека бројот на пријави значително е зголемен. Или од вкупниот број адвокати во земјава, кој заклучно со крајот на март изнесува 1.550, излегува дека пријава има за 11 отсто од адвокатите. Најголем број од пријавите се од Скопје – 106, Штип – 8, Кавадарци, Тетово и Гостивар – 6, по четири пријави се стасани за адвокати од Битола и од Кочани, по три за Куманово, Гевгелија, Охрид и Кичево. Нема пријави за злоупотреби на адвокати од Берово, Дебар, Вевчани, Пробиштип, Крушево, Валандово, Македонска Каменица, Демир Хисар, Неготино и Пехчево.
Како потешки дисциплински повреди се сметаат неизвршување или несовесно вршење на правната помош, давање услуги на двете странки истовремено, непостапување според преземените овластувања, повреда на чување тајна, искористување на податоците против странките.
Инаку, дисциплинскиот обвинител постапува по пријава или по лични сознанија. Дисциплинскиот суд одлучува во прв степен за добиените обвиненија од обвинителот, а жалбениот совет одлучува за жалбите на одлуките на понискиот суд.
„Работиме на ист принцип како кога обвинителот ќе добие пријава. Ги проверуваме податоците, бараме докази, му даваме право на осомничениот да даде писмен одговор, а ако има потреба, доаѓа и до соочување“, додава на крајот дисциплинскиот обвинител. Колку пати Комората и нејзините органи самоиницијативно отвориле постапка за некој свој колега кој се огрешил пред законот, но и пред своите колеги? Дисциплинскиот обвинител признава дека досега немале таков таков случај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

