Свет
Анализа на СТРАТФОР: Авганистан по заминувањето на генерал Мекристал
Американскиот претседател Барак Обама во среда ја прифати оставката на човекот кој тој самиот го избра минатата година за да ја спроведе новата стратегија за Авганистан и да ја заврши војната во таа земја. На некој начин, командантот на американските сили
Американскиот претседател Барак Обама во среда ја прифати оставката на човекот кој тој самиот го избра минатата година за да ја спроведе новата стратегија за Авганистан и да ја заврши војната во таа земја. На некој начин, командантот на американските сили во Авганистан и на Меѓународните сили за асистенција при безбедноста (ИСАФ), предводени од НАТО, генерал Стенли Мекристал, му остави на претседателот многу малку избор по отворено критичките изјави за високи функционери во администрацијата, дадени во рамките на интервјуто за магазинот „Ролинг стоун“.
Но, она што е битно во оваа вест е дека претседателот Обама не се разбуди во понеделникот со намера, или мисла, да го смени Мекристал во наредните денови. Тој си имаше доволно грижи со нафтената дамка и домашната економија. И така, иако во Вашингтон деновине не недостасуваа теории на заговор поврзани со смената, факт е дека оставката на генералот се должи само и единствено на написот во „Ролинг стоун“, кој во продавниците треба да се појави во петок.
Обама дури и застрани од суштината на говорот кој го држеше во Роуз Гарден во средата, за да го истакне континуитетот на напорите во Авганистан и на стратегијата зад нив со тоа што објави дека шефот на централната команда на САД (ЦЕНТЦОМ), генерал Дејвид Петраус ќе го замени Мекристал. Секако, имајќи го предвид фактот дека Петраус е толку проминентна фигура во контра-востаничката парадигма на која и се приклучи и Мекристал и бидејќи Петраус одигра клучна улога при формулирањето, лобирањето и имплементирањето на тековната американска стратегија во Авганистан, тешко е да се замисли друг потенцијален кандидат за таа работа кој толку целосно би го отелотворувал континуитетот.
Но, војните не можат да се свртат по порачка. Статусот на војната не се преоценува за 24 часа: за тековната стратегија беа потребни шест месеци дискусии и дебати. Претседателот сигурно не си ги одбира теренските команданти за 24 часа, освен ако апсолутно не мора. А бидејќи командувањето со војната во Авганистан и водењето на ЦЕНТЦОМ се секоја за себе и отповеќе работа за еден човек, никој нема да може сам да ги работи и двете. Затоа, останува целосно нејасно дали ова е конечната командна структура.
Главната поента е дека висок офицер е сменет затоа што неговото однесување доведе до тоа. Оставката на Мекристал не претставува промена на стратегијата, но тоа тешко дека значи оти се е во ред со оваа стратегија. На пример, одложувањето на долго очекуваната офанзива во Кандахар се чини симптоматично за некои подлабоки стратешки проблеми. Слично на ова, акцентот ставен на континуитетот на стратешките намери не гарантира мазна транзиција на командата.
Оваа промена на командата доаѓа во време кога талибаните сметаат дека ја добиваат војната, а на западот се зголемува перцепцијата дека НАТО ја губи истата, а Авганистанците и натаму остануваат крајно скептични кон владата во Кабул и интервенцијата на САД во Авганистан.
Перцепцијата е од критично значење во оваа војна. САД мора да се здобијат со следбеници во Авганистан, покрај општо познатиот факт дека САД нема долго да останат во регионот. Натаму, останува да се види како оваа смена ќе биде прифатена и толкувана од сите во Авганистан, од лидерот на талибаните, Мула Омар, до претседателот Хамид Карзаи и од локалните Авганистанци, до американските критичари. А на Американците им е доволно тешко во Авганистан и без последниве настани.
На крајот на денот, без оглед на тоа кој е главен, интервенцијата во Авганистан предводена од Американците останува тешко оптоварена со ограничените можности за успех. Оттаму, нашите погледи повторно се враќаат на завршувањето на војната и на ефективноста на стратегијата која служи како предводник на тој напор. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.

