Црна хроника
Ќе се прави обдукција и на вториот труп пронајден на Бистра
Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар во моментов е на лице место и врши увид на локацијата на падините на Бистра, во близина на селото Гари, каде што во петокот попладнето беше пронајдено уште едно безживотно тело.
Притоа, надлежниот обвинител веднаш издаде наредба за обдукција на пронајденото тело, која ќе се врши на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија во Скопје.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство – Гостивар ги очекува резултатите од обдукцијата на првопронајдениот машки труп во распаѓање, а за кого првичните сознанија упатуваа дека е еден од двете исчезнати лица – татко и син, по кои неколку дена интензивно се трагаше на Бистра.
Реултатите од обдукцијата треба да го утврдат точниот идентитет, како и да ги расветлат причините за смртта на двете лица. По добивањето на официјалните резултати од Институт за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Основното јавно обвинителство – Гостивар ќе ја информира јавноста.
Првичните сознанија упатуваат дека починатите лица се двајцата исчезнати – татко и син по кои се трагаше во изминатиот период на падините на Бистра. Сепак, обдукцијата треба да го утврди точниот идентитет на жртвата и причините за смртта, соопштија од обвинителството.
Инаку, во потрагата која траше две седмици по исчезнувањето на 78-годишниот Љубомир Мицевски и неговиот 50-годишен син Сашо, се вклучија и армиските сили. Се трагаше од земја и од воздух, а трагаа роднините и пријателите, полицајци од повеќе сектори на МВР, како и обучени полициски кучиња, по шумите и долините на Бистра за да најдат каква и да е трага која ќе може да им навести дека таткото и синот минале по некоја патека.
Таткото и синот биле облечени во воено-маскирни панталони. На соселаните кои ги сретнале во селската продавница од каде тоа утро купиле јадење им рекле дека одат да берат печурки. По неколку часа, по мобилен телефон неколкупати контактирале со соселаните. Им рекле дека се загубиле и дека не знаат каде се. Во краткиот опис за локацијата каде се наоѓаат, рекле дека околу нив има многу папрати. Претпоставувајќи дека се во месноста Ѓурепи, неколку селани од Лазарополе започнале потрага. Но, до вечерта не ги нашле. Следниот ден во потрагата се вклучиле и полициски специјалци.
Љубомир Мицевски е поранешен офицер на ЈНА. Родум е од Велес, но безмалку цел живот го минал работно во Скопје. Неговиот син Сашо работи во МВР. Куќата во Лазарополе ја имале од поодамна.
Последен контакт пред да им се испразни батеријата од мобилниот бил околу 22 часот. Од тогаш никој не знае каде се./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Нападнати деца на училиште, во автобус, градинка – во Скопје пријавени повеќе случаи на насилство со малолетници за еден ден
Во текот на вчерашниот ден во полицијата биле пријавени неколку случаи на физички напади, најголем дел врз малолетни лица, кои се случиле на различни локации во главниот град. Надлежните служби преземаат мерки за расчистување на сите случаи.
Напад во автобус на ЈСП
Татко пријавил дека вчера неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници од селото Батинци, додека се возел во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие на подрачјето на Драчево.
Младо момче нападнато од малолетници
Дваесет и шест годишниот С.Т. Зелениково пријавил дека околу 23:10 часот, во паркот во село Пакошево бил физички нападнат од двајца малолетници, кои употребиле тврд предмет. Тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Инцидент во средно училиште во Центар
Во 21:15 часот, Ж.П. (47) од Скопје пријавил дека околу 12:00 часот, во двор на средно училиште на подрачјето на Центар, неговиот 16-годишен син бил нападнат од друг ученик.
Напад во градинка во Чаир
Во 13:00 часот, Н.Ќ. (49) од с. Страхојадица, општина Зелениково, пријавил дека околу 12:30 часот, во двор од градинка на подрачјето на Чаир, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку други малолетници.
Напад во Кисела Вода
Во 22:30 часот, Н.Ц. (46) од Скопје пријавила дека околу 20:30 часот, нејзиниот 15-годишен син бил физички нападнат од женско лице на подрачјето на Кисела Вода.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за сите случаи се преземаат мерки за расчистување.
Црна хроника
Возило удри во 7-годишно девојче во Куманово, со повреди донесено на Клиника
Во текот на вчерашниот ден на булеварот Октомвриска Револуција во Куманово, автомобил „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки удрил во седумгодишно девојче од Куманово.
Како што соопшти МВР, возилото го управувала 23-годишната С.В. од Куманово.
Во несреќата девојчето се здобило со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршила полициска екипа.
Црна хроника
(Фото) Експлозија во куќа во охридско, тешко повредено едно лице
Едно лице е повредено во експлозија што се случила денеска во охридското село Велгошти, информира територијалната противпожарна единица Охрид.
„Во текот на денешниот ден ТППЕ Охрид , интервенираше на санирање на последиците од разорна експлозија во куќа во Охрид,с.Велгошти. Експлозијата е предизвикана од зголемена концентрација на гасови ( плин ) и останати фактори, кои допринеле за високо ниво на експлозивност. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите спречено е и опожарување на објектот. Повредена е и 1 жена која е преземена од екипите на брза помош“, соопшти противпожарната служба.
Од полицијата соопштија дека пожарот се случил околу 11 часот и дека тешко е повредена 44-годишна жена.
„На 06.02.2026 година во 10.58 часот, во СВР Охрид е пријавено дека избувнал пожар во куќа во охридското село Велгошти при што, Е.Т.Ѓ.(44) од истото село се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид. Се преземаат мерки за утврдување на причините за пожарот“, соопшти СВР Охрид.

