Македонија
Андов: Ивановски го сметам за невин , се додека не се заврши постапката
Пратеникот Стојан Андов, еден од предлагачите на Законот за лустрација денеска рече дека претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски го смета за невин, се додека не се заврши целосно постапката со која ќе се утврди дали бил соработник на тајните служби.
Пратеникот Стојан Андов, еден од предлагачите на Законот за лустрација денеска рече дека претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски го смета за невин, се додека не се заврши целосно постапката со која ќе се утврди дали бил соработник на тајните служби.
На денешната дебата „Нашата лустрација“ во организација на иницијативата „Граѓани за европска македонија“ (ГЕМ), Андов посочи дека со тоа што Ивановски без целосно завршена постапка некои го сметаат како виновен прават прекршување на принципот на пресумпција на невиност.
„Ивановски го сметам за невин, додека не заврши постапката. Тоа што некои го осудуваат дека е виновен, е непотребно истрчување . Требаше да го остават Ивановски по свој пат да се брани. Ако Комисијата така заклучила, тогаш тој ќе ги наведеше своите аргументи во жалбата до Управниот суд, а после до Врховен. И кога ќе се заврши тогаш ќе се знае дека е виновен. Некои викаа дека има последици од неговата работа. Тоа е прекршување на принципот на пресумпција на невиност. Без завршена постапка не може да се каже дали бил соработник на тајните служби или не“, рече Андов.
Тој и забележува на Комисијата за како што рече, истрчувањето со информации, кои потоа ги повлекува.
„Кај нас Комисијата нема друга улога освен да ги спореди исказите на засегнатото лице со документите кои ги добила и верифицирала. Таа неможе да навлезе во автентичноста на документите. Затоа е предвидено да не се објавува ништо додека не заврши постапката. Според Законот е така. Тие не објавија име, но кажаа дека за еден уставен судија се верифицирани документите, а не се верифицирани на други двајца пратеници , за кои доставиле службите документи. Околу верификацијата има проблем со гласање. Треба таа да се држи до својата улога. Неможе со надгласување таа да ги решава работите. Со тоа мора да се престане. Комисијата треба да утврди дали се од службата дадени тие документи и дали се исто така во согласност со Законот“, вели Андов.
Тој смета дека дел од членовите на Комисијата за верификација на фактите се обесхрабрени.
„Членовите на комисијата јас ги имам запознаено како одговорни личности, но македонската јавност треба да ги охрабри за тоа што го работат. Јасно се гледа дека има притисок, кој мора да биде спречен и треба да се создаде атмосфера за спроведување на процесот на лустрација“, рече Андов.
Политичкиот аналитичар и колумнист Жарко Трајановски од ГЕМ смета дека треба да се донесат и закони кои ќе бидат првенствено фокусирани на жртвите.
„Треба да се пристапи кон довршување на оние други проекти кои првенствено се фокусирани на жртвите. Закон за рехабилитација и обештетување. Ние ги заборавивме тие закони. Значи вршиме од една страна лустрација од име на жртвите, а жртвите ги заборавивме и никаде ги нема во процесот“, рече Трајановски.
Од друга страна како што рече тој има фокус на сторителите, меѓутоа посочи дека не се знае дали навистина станува збор за нив или за помагачите.Трајановски смета дека сторителите се практично засега изземени од процесот.
„Се надевам дека ќе се создадат некои услови за поправична лустрација затоа што лустрацијта е елемент на транзициската правда“, рече Трајановски.
И Андов смета дека се неопходни закони за рехабилитација и обештетување. Вели дека доцна се почнало со процесот на лустрација и оти немал можност да ги изготви.
Измени во законското решение за процесот на лустрација, Андов смета дека треба да се направат, но вели дека ќе чека да ги види предлозите кои ги најави ВМРО-ДПМНЕ./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Со робусно ‘извештајче’ Европа прати јасен сигнал дека владата е неспособна и антиевропска“, велат од СДСМ
„ВМРО-ДПМНЕ покажува ароганција зад која се крие неуспешен обид да го омаловажи Извештајот на ЕК затоа што е најреалниот доказ за неспособноста на владата на Мицкоски“, велат од СДСМ.
„ЕК дава јасни, детални и објективни оценки во кои е содржана најреалната слика за тоа каде ја доведе Македонија власта на Христијан Мицкоски: во застој, назадување и целосна институционална парализа.
Ова е најлошиот извештај за Македонија во последните десет години. Македонија нема напредок во ниту една област, реформите се блокирани, а владата нема волја, ниту капацитет да ја сработи работата што е во интерес на граѓаните и на државата.
Драстично е назадувањето во владеењето на правото и правдата, со оценка „единица“ во поглавјето 24, најлоша досега.
Судството е под политички притисоци, реформите се во застој, антикорупциските механизми не функционираат, јавната администрација е нефункционална, а 60% од законите се носат набрзина, без дебата и без транспарентност.
Во економијата и земјоделството има стагнација и слабости во јавните инвестиции, доцнења со поврат на ДДВ, а во образованието и младинските политики резултатите се поразителни, државата бележи пад и под просекот на ЕУ.
Дека реформите не се приторитет за власта покажува фактот што нема пари ниту предвиден буџет за спроведување на Планот за раст, што значи дека владата на Мицкоски нема капацитет.
Со робусно „извештајче“ Европа прати јасен сигнал дека владата е неспособна и антиевропска. ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на прашањето: зошто државата назадува во секоја област“, прашува СДСМ преку писменото соопштение.
Македонија
Директорот на Царина за извештајот на ЕК: Нотиран висок напредок во областа Царинска унија
Високо ниво на напредок во областа Царинска унија со која раководи Царинска управа, е нотирано во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.
„Високото ниво на напредок, нотирано од Европската комисија, е уште еден цврст доказ дека Царинската управа спроведува значителни реформски мерки и политики коишто треба да овозможат забрзување на интеграцијата на нашата држава во единствениот пазар на ЕУ“, вели директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.
Во извештајот на ЕК се нотира зголемената наплата на приходи на Царинската управа. Вкупните приходи во 2024 година се за 6,3 проценти повисоки споредбено со 2023 година, надминувајќи две милијарди евра.
Во делот на оперативни и административни капацитети се истакнува новата Стратегија за развој на Царинската управа 2025 – 2027, со особен акцент на воспоставениот сеопфатен разузнавачки систем.
Притоа во извештајот е забележан и зголемениот број на случаи на заплени.
Особено е потенциран напредокот во усогласување на ИКТ системите и нивно унапредување – новиот компјутеризиран транзитен систем фаза 5 кој е завршен и пуштен во употреба во јануари годинава, како и развој на системот за регистрација и идентификација на економските оператори ЕОРИ и унифицирано управување со корисници и дигитален потпис.
Во делот на законодавството, Комисијата нотира високо ниво на усогласеност на Царинското законодавство со правото на ЕУ. Ратификуван е Протоколот за елиминација на нелегалната трговија со тутунски производи од Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутун, при што како што подвлекува Комисијата, државата има важна обврска во борбата против царински измами, особено во спречување шверц на тутунски производи.
Во борбата со корупција, како еден од главните приоритети на Царинската управа, во извештајот е истакната усвоената Стратегија за интегритет и борба против корупција за периодот 2024-2027, која вклучува 22 таргетирани мерки за спречување корупција.
Во делот на заштита на правата од интелектуална сопственост особено се потенцирани резултатите на Царинската управа. Притоа Европската комисија наведува дека во 2024 година во 73 случаи запленети се 147.525 стоки поради сомневање за повреда на правата од интелектуална сопственост.
Во областа на добрососедски односи и регионална соработка во извештајот на ЕК е истакнат потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Царинските управи на Македонија и Црна Гора, чија цел е подобрување на ефикасноста на царинските контроли и спречување на царинска измама, како и забрзување на легалната трговија меѓу двете земји.
Македонија
АХВ заплени небезбедна храна со непознато потекло по спроведен вонреден инспекциски надзор
По добиена пријава, со интервенција од Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонреден инспекциски надзор на возило во кое се превезувало храна со непознато потекло, на подрачјето во општина Чучер-Сандево.
При извршениот надзор пронајдени се 1.060 килограми кршени ореви и 581 килограми кикирики во зачинета обвивка, во рефус состојба, без идентификација и без потребни информации за потрошувачите. Во рамки на истата пратка со надзорот најдени се и 900 килограми индиски ореви, со декларација, извести АХВ.
„Бидејќи производите биле без соодветна документација за потекло и квалитет, согласно Законот за безбедност на храна, затекнатите количини се прогласени за небезбедни и истите ќе бидат нештетно уништени. Против лицето затекнато при контролата, поведена е прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна, односно, заради пуштање во промет на храна од страна на нерегистриран оператор и немање на потребни информации за потрошувачите.
На сторителот изречена му е глоба од 600 евра во денарска противвредност“, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство и додаваат дека ќе продолжат со спроведување засилени контроли на терен, со цел спречување на пласман на небезбедна храна и заштита на здравјето на потрошувачите.
фото: принтскрин

