Свет
Осуммина убиени во Мексико
Осум лица загинаа а четири се ранети од рафална стрелба со „калашникови“ на забава на плажа крај мексиканскиот град Наволато
Во нападот што со автоматски пушки го извеле неколку напаѓачи загинале и двајца малолетници, 15-годишно момче и 17-годишна девојка. Associated Press пренесува дека во истиот напад е убиена и дваесетгодишната ќерка на локален полицаец, но мексиканската полиција засега не излегува со мотивите на масакрот. Сепак, постои сомневање дека и зад овој напад стојат злогласните мексикански нарко картели. Во нападот покрај осумте убиени, има и четири ранети лица. Портпаролот на обвинителството во Наволато, Мартин Робертс, изјавил дека на посетителите на забавата е стрелано од автомобил кој се движел со голема брзина. Војната меѓу нарко картелите и насилствата поврзани со нелегалниот пазар на дроги во Мексико кој трае од 2006 г. досега се убиени 13.500 лица, припадници на бандите, недолжни цивили, полицајци и војници кои се ангажирани со наредба на претседателот Фелипе Калдерон. Според официјалните податоци само две илајди лица ги загубиле живототе во првите три месеца од 2009 г. Убиствата се карактеризираат со брутални масакри, мачења и унакажувања на жртвите. Бандитите се осилени толку што дрско ги напааѓаат и полицајците и нивните семејства, како и војниците, кои досега бележат повеќе од стотина жртви.По наредба на Калдерон, 36 илјади полицајци и војници се ангажирани во борбата против наркокартелите. Во април, при посетата на Мексико, американскиот претседател Барак Обама потврди дека САД ќе го помагаат Мексико во оваа војна, и на мексиканска и на американска територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фински политичар до малите држави: Приклучете се кон ЕУ, тоа ви носи заштита
Во рамки на дискусијата за глобалната трговија и иднината на државите во новиот светски поредок, финскиот политичар Александар Стуб даде јасен совет за обезбедување стабилност. Според него, најдобриот рецепт за помалите држави е членство во Европската унија, додека директорката на Светската трговска организација (СТО), Нгози Окоњо-Ивеала, истакна дека и покрај критиките, постоечкиот систем покажува отпорност.
На прашањето како другите земји би требало да постапат за да си ја обезбедат иднината, Стуб полушеговито одговорил: „Приклучете се кон Европската унија – тоа ви носи заштита“, изјавил тој.
Како што посочил дека важноста на ваквите сојузи станала уште поочигледна по заканите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд.
Стуб објасни дека царини не може да се воведат само за некои членки, бидејќи „тогаш царина од 25% би важела за целата Европска унија“. На малите и средни сили кои не се членки на ЕУ им препорача активно да се вклучат и да ги поддржат мултилатералните трговски организации, за да обезбедат одредено ниво на заштита.
Претходно, на иста тема се осврна и директорката на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала, која изјави дека иако не се согласува со едностраните потези на САД, се согласува со многу од нивните критики кон трговскиот систем.
„Системот не се развиваше, не се менуваше брзо и не реагираше соодветно на светските промени. Некои од критиките дека не функционира добро се основани“, призна таа.
Сепак, таа нагласи дека:
„И покрај огромните пореметувања и најголемото поткопување на глобалните трговски правила во последните 80 години, системот покажува отпорност.“
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.

