Свет
Пет кафулиња затворени оти не издавале фискални
Инспекторите на Управата за јавни приходи (УЈП) викендов затворија пет кафулиња во центарот на Скопје оти не издавале фискални сметки.
ПОЛНОЌНА КОНТРОЛА НА УЈП ВО СКОПЈЕ
Инспекторите на Управата за јавни приходи (УЈП) викендов затворија пет кафулиња во центарот на Скопје оти не издавале фискални сметки. Во контрола на 15-ина локали на најфреквентните скопски места, улицата Македонија и кејот 13 Ноември, инспекторите ги затворија кафе-баровите "Тренд", "Картел", "Барселона", "Чекпоинт" и дискотеката "Процес".
УЈП, по инспекцискиот надзор во овие пет локали, официјално соопшти дека инспекцијата утврдила дека кај сите се појавува неевидентиран готовински промет преку фискалните каси, неуредно користење на фискални апарати и неиздавање на фискални сметки.
"На сите пет угостителски субјекти, покрај парична казна за сторен прекршок, изречена им е забрана за работа во период од 30 дена", се вели во официјалното соопштение од УЈП. Правниот субјект се казнува со 1.000 евра, додека директорот или управителот на локалот со 500 евра.
По оваа акција, во саботата попладне инспекторите исконтролирале уште десетина други кафе-барови и дискотеки, но немало неправилности во работењето. Притоа инспекторите повторно влегле во кафе-барот "Тренд", чии газди сами ги симнале пломбите поставени претходната ноќ, со објаснување дека инспекторите направиле контрола само во ноќниот клуб, а не и кафулето кое работи во текот на денот. Портпаролот на УЈП, Весна Новковиќ, вчера изјави дека и во контролата на дневниот дел од "Тренд" биле утврдени неправилности во работењето. Против газдите на локалот ќе поднесат кривични пријави зашто самоволно ги симнале пломбите.
Според Новковиќ, УЈП викендов направила редовна инспекциска контрола на спроведување на Законот за регистрирањето на готовинските плаќања, а преку претходни анализи во Управата бил направен изборот на локалите во кои влегоа инспекторите. Поради недоволниот број инспектори, кои биле придружувани од полиција, првата ноќ УЈП влегла само во пет локали.
Газдите на затворените локали вчера реагираа дека не се затворени поради неиздавање фискални сметки.
(Т.Ј.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

