Македонија
Церемонија вo Вашингтон во чест на македонските војници во Авганистан
Амбасадорот Јолевски ја потенцираше соработката меѓу Македонија и САД преку мировниците во состав на силите на Националната гарда на Вермонт
од Јане Бојаџиевски, Глас на Америка на македонски Во Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон четвртокот се одржа примопредавање на знамињата на единиците на АРМ кои во рамки на силите на Националната гарда на сојузната држава Вермонт служат во мировната мисија во Авганистан. Пред гости од дипломатските и политички кругови на главниот американски град, амбасадорот Зоран Јолевски ги предаде знамињата на трите македонски единици – Ренџерите, Воената полиција и Волците – на генерал-мајорот Мајкл Дуби, командантот на Националната гарда на Вермонт, воедно подвлекувајќи го партнерскиот однос меѓу Македонија и САД на армиското поле.„Војниците кои сега се заедно со Националната гарда на Вермонт покажуваат едно ново ниво на интероперативност и соработка на македонската со американската армија. За првпат во историјата на Република Македонија имаме наши војници кои се заедно, во иста единица, во ист вод, со американски војници“.Генерал-мајорот Дуби се осврна на професионалноста на македонските војници, за кои смета дека се добро обучени и подготвени за мисијата. „Работат рамо до рамо со американските војници. Иако мисијата е тешка, тие добро се снаоѓаат“, рече Дуби.На прашање на Гласот на Америка – како да се надмине јазот меѓу армиската подготвеност на Македонија и политичките препреки на патот кон НАТО, првиот човек на Гардата на Вермонт коментираше дека фактот дека македонските војници се професионални и ценети за армиски прашања може само да и` помогне на Македонија на светската сцена.„Добро е познато колку е добра македонската армија и тоа може да помогне други луѓе дознаат колку е добра Македонија во целина“, кажа Дуби. На примопредавањето на знамињата на македонските мировници кои се дел од мисијата ИСАФ во Авганистан, американски официјални претставници изразија задоволство од борбената готовност, но и од професионалноста на македонскиот војник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

