Македонија
Полициската злоупотреба се намалува
Полициска злоупотреба се уште постои во Македонија, меѓутоа се забележува тенденција на нејзино намалување
Полициска злоупотреба се уште постои во Македонија, меѓутоа се забележува тенденција на нејзино намалување.Ова се наведува во извештајот за заштита на правата на човекот при полициска злоупотреба или тортура „Пристап до правдата “ за 2008 година, изготвен од невладините организации „Центар за демократски развој“ од Тетово, „Форум за правата на Ромите – Арка“ од Куманово, „Центар за граѓанска иницијатива“ од Прилеп, „Избор“ од Струмица и Коалицијата „Сите за правично судење“.Според извештајот, што беше објавен денеска, бројот на евидентирани случаи на злоупотреба од страна на полициски службени лица за 2008 изнесува 37, што претставува намалување од 16% во однос во 2007 година.Најголем број случаи на полициска злоупотреба во 2008 година биле регистрирани во регионот на југозападна Македонија, а според истата евиденција најмал број регистрирани случаи се забележува во регионот што ги опфаќа Скопје и Велес.Граѓаните најчесто се жалат на прекумерна употреба на сила и нанесување телесни повреди, што за 2008 година е 38% од вкупниот број регистрирани случаи на граѓаните кои сметаат дека се жртви на полициска злоупотребаКако најчести жртви по националност се пријавуваат Македонците 61%, Албанците 21 % и Ромите 18 %.НВО кои го изготвија извештајот потенцираат дека е загрижувачка тенденцијата на спектакуларни апсења, со кои се повредува правото на приватност и на презумпција на невиност.Најмногу поплаки во 2008 година, процентуално имало за униформирани полициски службеници – 39%, инспектори 29%, неуниформирани 16%. Позитивно се намалува бројот на поплаки за командири на полициски станици, сообраќајна полиција и посебната мобилна единица Алфи.Претставниците од невладините организации посочија дека минатата година, во рамки на Проектот за поддршка на човековите права биле подготвени и поднесени 31 претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР за евидентираните 37 случаи. Секторот за внатрешна контрола за поднесени 31 претставка доставил 29 одговори.Во 76 % од одговорите кои ги доставил Секторот за внатрешна контрола е констатирано дека претставките се неосновани и оти недостасува правна поука, како и можност за второстепено постапување по поднесената претставка.Минатата година се зголемила и соработката на граѓанскиот сектор со Народниот правобранител, се наведува во извештајот.Според извештајот, во Македонија постои недоверба кон државните институции и распространето е мислењето дека постои т.н. полициска субкултура, како брана пред можноста случаите на полициски злоупотреби да бидат целосно истражени, документирани и осудени.Невладините организации го имплементираат Проектот за поддршка на човековите права, поддржан од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Фондот за жртви од тортура при Обединетите нации. Проектот овозможува бесплатна правна помош на граѓаните кои сметаат дека се жртви од полициска злоупотреба или тортура./крај/амп/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

