Свет
Најмалку 19 мртви во талибански напад врз хотел во Кабул

Во нападот на талибаните кој започнал ноќта кон петокот во хотел во близина на авганистанскиот главен град Кабул, биле убиени 19 лица а напаѓачите и самит биле ликвидирани во судри со авганистанските безбедносни сили, соопшти министерството за внатрешни работи.
Нападот се случил врз хотелскиот комплекс на брегот од езерото Карга, туристичка дестинација десет километри од Кабул, каде што вообичаено на викенди или излети доаѓаа цели семејства од главниот град.
Според полицијата, напаѓачите во нападот употребиле рачни фрлачи на гранати и тешки митралези.
Интернет страницата на Press TV пишува дека талибанските милитанти со себе зеле и заложници. Пред крајот на дванаесетчасовната борба, биле ослободен и40 заложници.
Генералот Саланги за агенцијата DPA рекол дека во хотелот „Спожмаи“ во моментот на нападот имало меѓу 350 и 400 годи, како и дека биле убиени седум бунтовници кои учествувале во нападот.
„Петнаесет цивили, тројца припадници на хотелското обезбедување и полицаец се убиени“, изјавил началникот на кабулската полиција, генералот Ајуб Саланги.
Додал дека безбедносните сили ја пребаруваат околината во потрага по други талибански борци.
Авганистанските безбедносни сили и коалициските меѓународни сили се распоредени на местото од нападот за да пружат отпор при евентуален нов напад на талибаните.
Началникот на одделот за криминалистичка истрага во кабулската полиција Мохамад Захр, изјавил дека нападот започнал во 23.30 часот по локално време во четвртокот (19 часот по средноевропско време) кога вооружените напаѓачи влетале во лобито на хотелот каде што се одржувала свадбена прослава. Додека, пак, авганистанската полиција започнала напад врз милитантите за окончување на кризата во хотелот во 5,30 часот (1,00 часот по средноевропско време).
Полициски извори рекле дека двајца од шесте напаѓачите активирале експлозив што го носеле на себе, додека други напаѓачи земале во заложништво поголема група хотелски гости.
Портпаролот на авганистанските талибани, Забиулах Муџахид, во текстуална порака до уредништвата на западните агенции соопштил дека „муџахедините го нападнале тој хотел бидејќи во него секој четврток се собираат функционери на ИСАФ и на кабулската администрација и таму организираат развратни забави, со алкохол и проститутки“, пренесува AFP.
Муџахид во пораката, исто така, дека „борците нападнале два хотела коишто ги користат странците, убивајќи 25 од нив, од кои 14 се високи авганистански функционери“, пишува Press TV.
Меѓутоа, властите потврдуваа дека бил нападнат само еден хотел, забележува агенцијата.
Нападот на езерото Карги се случи само неколку часа по говорот на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи во кој предупреди дека „во последните два до три месеца“ расте бројот на нападите врз локалните полициски сили и авганистанските војници.
Овој напад доаѓа само два дена откако во самоубиствен напад изведен со мотоцикл-бомба беа убиени 21 припадник на заедничка патрола на авганистанските безбедносни сили и сили на НАТО во близина на источниот град Кост.
Во друг бомбашки напад во средата во провинцијата Логар загинаа осум авганистански цивили, жени и деца.
Нападот во Карга иако е успешно завршен од аспект на авганистанските безбедносни сили, покажува дека талибаните се осмелуваат и можат да нападнат каде и да е во Авганистан и кога ќе посакаат, па дури и во околината и во самата престолнина Кабул./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Камења паѓаат, животни бегаат во водата: блогер објави видео во моментот на разорниот земјотрес

Додека разорниот земјотрес со магнитуда од 8,8 степени ја погоди Камчатка, туристот и блогер Иван Герасименко се најде на експедициски брод во непосредна близина на епицентарот. Според него, сè се случило ненадејно и драматично – масивни камења почнале да паѓаат од стрмните карпи, а животните реагирале во паника.
„Земјотресот ме затекна во близина на островот Парамушир додека пловевме по малиот остров Анциферов на експедициски бродови од типот Зодијак“, напиша Герасименко на социјалните мрежи, а објави и видео снимено во тој момент.
Според неговиот опис, масивните камења почнале да се кршат и да паѓаат во морето, предизвикувајќи општа паника кај екипажот, патниците, па дури и кај животните во областа.
„Камењата летаа со таков шум што дури и морските лавови скокнаа во водата и долго време кружеа околу Охотското Море од страв“, напиша тој, пренесува Dnevnik.hr.
Блогерот истакна дека сите патници биле потресени.
Епицентарот на земјотресот се наоѓал на околу 150 километри од местото каде што се наоѓал бродот во моментот на ударот.
Фото: принтскрин
Свет
„Мораме да ги натераме да се плашат од нас“: Макрон за трговскиот договор меѓу САД и ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека Европската Унија не успеала да го искористи својот огромен единствен пазар и доволно да ги исплаши САД за да прифатат подобар договор од оној постигнат во неделата.
„Мораме да ги натераме да се плашат од нас“, им рече Макрон на министрите на денешниот состанок, изјави француски функционер близок до претседателот за „Политико“.
Макрон беше забележливо тивок откако американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, постигнаа договор, според кој ЕУ ќе плаќа царини од 15 проценти за поголемиот дел од својот извоз во САД, анализира медиумот.
Денес, тој го критикуваше договорот, но со многу поблаг тон од премиерот Франсоа Баиру, кој рече дека тоа е „црн ден за Европа“.
Денес, претседателот на Франција истакна дека верува оти сè уште има време договорот да се подобри и рече: „приказната не е завршена, нема да застанеме тука“.
Францускиот министер за трговија Лоран Сен Мартен и министерот за Европа, Бенџамин Хадад, ја повикаа Европската комисија да престане да го користи таканаречениот инструмент против принуда, алатка дизајнирана да одговори на економскиот притисок што му дава на Брисел моќ да го ограничи пристапот на американските компании до јавни набавки, странски директни инвестиции и финансиски пазари во ЕУ.
Брисел, пак, ги обвини сите критичари дека одлучиле да „играат квотербек“ кога сè беше договорено и тврди дека овој договор е најдобриот што можеле да го добијат и дека претставува значително подобрување во однос на царините од 30 проценти со кои се закани администрацијата на Трамп.
Фото: принтскрин
Свет
Претседателката на Молдавија: Русија од есен сака да ја контролира нашата држава

Претседателката на Молдавија, Маја Санду денес ги прогласи корупцијата и нелегалното финансирање од Русија за најголема закана за парламентарните избори што се одржуваат на 28 септември во таа источноевропска земја.
„Руската Федерација сака да ја контролира Република Молдавија од есен па натаму и подготвува невидено влијание врз изборите во септември“, рече молдавската претседателка на прес-конференција во Кишињев.
Кремљ ги отфрли тврдењата дека Русија се мешала во изборниот процес на земјата со два и пол милиони жители.
„Најголемата опасност од руско влијание врз нашите внатрешни работи е тоа што претставува директна закана за националната безбедност, суверенитетот и европската иднина на нашата земја“, рече Санду.
Кишињев тврди дека Русија ќе дејствува преку поткуп на гласачи, кибернапади, платени протести и дезинформации. „Финансирање вредно околу 100 милиони евра е планирано само преку криптовалути“, рече Санду, без да даде докази за тврдењето.