Македонија
Осум уапсени во акцијата “Патра“
Вкупно осум лица од Куманово, осомничени за криумчарење мигранти преку територијата на Македонија се уапсени во акцијата “Патра“.
Вкупно осум лица од Куманово, осомничени за криумчарење мигранти преку територијата на Македонија се уапсени во акцијата “Патра“. Кумановците се осомничени дека во 12 наврати од Грција преку територијата на Македонија во Србија илегално префрлиле 78 авганистански, пакистански и државјани од други арапски земји. Четворица од нив се уапсени во обидот да пренесат седум лица од Мароко. Како што информираше министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, станува збор за меѓународно организиран канал на криумчарење мигранти, кој е дел од засилениот миграциски бран кој во последно време се одвива кон Европската Унија. „Евидентно е дека илегалните мигранти, кои понатаму бараат азил во западно европските земји, користеле и копнени рути. Ова е една од нив. Во функција на пресекување на овој канал на криумчарење мигранти, во соработка со други земји, преку СЕКИ-центарот, беше организирана оваа акција која евидентно беше успешна и овој канал на мигранти е пресечен“, изјави Јанкуловска.Утврдено е дека мигрантите биле прифаќани во Битола и пренесувани во Куманово, од каде преку нелегални премини биле префрлани во Србија. За оваа услуга, кумановците наплаќале 1.500 до 2.500 евра по мигрант. Според пресметките на МВР, од досегашната активност тие нелегално заработиле околу 150.000 евра. Дополнително, полицијата изврши претрес во осум објекти во Куманово, при што се одземени шест патнички возила, телефони и СИМ-картички. Осомничените, кои се на возраст од 22 до 40 години, се изнесени пред Истражен судија. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

