Македонија
И по две децении плурализам определбата на Македонија останува иста
По дваесет години од првото повеќе партиско Собрание, парламентарците од првиот парламентарен состав се присетија на тоа времето во кое, како што велат, биле донесени најзначајните одлуки за Македонија
Правејќи споредба со денешниот состав сметаат дека станува збор за различни времиња и различни проблеми, но оти определбата на земјата и натаму е иста„Парламентот ја изгуби онаа водечка улога во историски процеси во земјата, на тоа сигурно влијаат повеќе фактори. Тоа што го направивме во 1991 г. е основен правец на сите политички сили понатаму и јас длабоко верувам дека Македонија има иднина, има европска иднина во современиот свет и сигурност на сите граѓани без разлика на сите моментални потешкотии“, изјави првиот претседател на Собранието, Стојан Андов.Томислав Стефковски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во првиот парламентарен состав вели дека мнозинството секогаш треба да ја врши работата беспрекорно.„Целта во 1990-тите години ни беше да имаме обединета Македонија во обединета Европа. А мнозинството секогаш треба да ја врши работата беспрекорно“, вели Стефковски.Пратеникот на СДСМ од тогашниот состав, Туше Гошев смета дека дваесет години подоцна е променета политичката клима.„Дваесет години подоцна е променета политичката клима, имаме харизматичко владеење на лидерите почнувајќи од изборниот модел – пропорционалниот, кој не им дозволува на пратениците до крај да ги покажат своите квалитети и знаења. Мислам дека не се исполнуваат задачи кои треба да се исполнат согласно Уставот, за да докрај се изгради нашата држава како демократска“, рече Гошев.Пратеникот од некогашната Партија за демократски просперитет (ПДП), Сејфедин Харуни вели дека во првиот повеќепартиски состав имало подобар политички дијалог и поконструктивна дебата, за сегашниот вели дека се наметнува улична дебата.„Мислам дека првиот повеќепартиски состав на Парламентот беше поквалитетен во споредба со денешниот. Покрај дебата имаше и конструктивна дебата, ќе морам да кажам дека ни се наметна улична демократија“, истакна Харуни.Абдулархман Алити од Партија за демократски просперитет во Македонија и Народна демократска партија рече дека споредби меѓу двата состави од тогаш и сега се невозможни бидејќи се работи за различни времиња и за други проблеми. Според него, тогаш поважни биле меѓуетничките проблеми.Пред две децении на 8 јануари се одржа првата конститутивна седница на повеќе партиското Собрание на Македонија. Првиот повеќепартиски парламент беше клучен за фактичкото спроведување на независноста на земјава затоа што беа усвоени темелните акти што го даваат државниот карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

