Свет
ООН ја осуди нуклеарната проба во Северна Кореја
Советот за безбедност на ООН ја осуди нуклеарната проба во Северна Кореја и реши да подготви нова резолуција
Советот за безбедност на ООН ја осуди нуклеарната проба во Северна Кореја и реши да подготви нова резолуција во врска со нуклеарните активности на Пјонгјанг.
Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин, чија држава претседава со СБ на ООН, изјави дека членките на ова тело на ООН констатирале оти Северна Кореја ја прекршила претходната резолуција.
“Членките на СБ на ООН изразија остро противење и ја осудија нуклеарната проба што Северна Кореја ја изврши на 25 мај оваа година и што претставува јасно кршење на Резолуцијата 1718 на СБ на ООН“, рече Чуркин.
Тој додаде дека СБ на ООН решиле веднаш да почнат да работат на резолуцијата по тоа прашање “во согласност со своите одговорности според Повелбата на ООН“.
Американската амбасадорка во ООН Сузан Рајс рече дека САД сакаат новата резолуција за Северна Кореја да биде “остра“ по новата нуклеарна проба.
СБ на ООН, во понеделникот, на барање на Јапонија одржа вонредна седница поради нуклеарната проба во Северна Кореја./крај/он/ис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Украина слави Божиќ, Зеленски упати честитка: „Сплотени сме, злото нема шанси“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати Божиќна честитка.
„По втор пат го славиме Божиќ на ист датум како едно големо семејство, една земја. По втор пат во модерната историја, Божиќ ги обединува сите Украинци.
Без разлика дали лично или во мислите, ќе се поздравиме, ќе им се јавиме на родителите, ќе ги бакнеме децата, ќе ги гушкаме нашите најблиски и ќе се сеќаваме на оние кои ни се драги. Лице в лице, оддалеку или во нивните срца, Украинците денес се заедно. И се додека го правиме тоа, злото нема шанси.
Ова единство и топлина кон другите го отелотворува вистинскиот дух на Божиќ, уникатна атмосфера што ќе ја зачуваме во себе и ќе ја споделиме со оние околу нас. Со оние што ги сакаме. Со оние кои се наше семејство, а денес тоа е секој Украинец.
Среќен Божиќ на сите! Христос се роди! Да го славиме!“, порача украинскиот претседател.
Украина втора година по ред Божиќ го празнува според Грегоријанскиот календар – одлука што беше донесена за да се приближи до западниот свет, а да се оддалечи од Руската православна црква.
Регион
Децата кои беа ранети во училиштето во Загреб се пуштени од болница, празниците ќе ги поминат со своите семејства
Двете момчиња, ранети во страотниот напад во петокот во основното училиште „Пречко“ во Загреб, денеска се пуштени на домашно лекување од Детската болница.
Лекарите процениле дека момчињата на возраст од седум и 11 години се опоравиле доволно за да ги поминат Бадник и Божиќ дома со своите семејства.
„Најдобрата можна вест денеска од болницата Клаиќ е дека децата се добро. Чекаме психолошкиот тим да развие план за натамошно следење на нашите пациенти, а очекуваме да бидат отпуштени во текот на денот, што сите не радува многу – изјави Фран Штампалија, специјалист за детска хирургија за ХРТ.
Тој нагласи дека на родителите и на децата им олеснало кога дознале дека дошол овој момент.
„Ги пречекав, бев на должност во саботата, но целата екипа, вклучувајќи ги и нашите медицински сестри, кои особено морам да ги пофалам, завршија одлична работа, како и анестезиолозите, другите хирурзи и ургентното одделение“, рече Штапалија.
Тој додаде дека планот е да се следи закрепнувањето на децата откако ќе бидат отпуштени од болница.
„На сите им е јасно дека физичките рани ќе зараснат, но психолошките рани треба да се следат подолго време и на тој начин да нема опаѓање. Засега сме на нагорна патека и сакаме така да остане“, заклучи Штампалија.
Наставничката повредена во истиот напад е во стабилна состојба и и’ е укажана психолошка помош.
Свет
Претседателката на Молдавија: Ни претстои тешка зима без рускиот гас
На Молдавија ѝ претстои тешка зима, но ќе го надмине овој предизвик, изјави денеска претседателката Маја Санду на инаугурацијата на нејзиниот втор мандат.
Санду, која тесно победи на изборите во ноември, се соочува со потенцијална енергетска криза поради заканата дека Русија ќе го прекине снабдувањето со гас за малата источноевропска земја.
„Не е тајна дека зимата ќе биде тешка. Но, драги луѓе, ќе ја поминеме“, рече Санду на церемонијата во главниот град Кишињев.
„Бевме уценувани со гас, а сега со темнина, ова не е прв пат. Но светлината ќе надвладее, ние ќе победиме“, додаде таа.
Во нејзиниот прв мандат, Санду го сврте кормилото на Молдавија кон Европската унија и НАТО и подалеку од Москва, која управуваше со земјата за време на советската ера.
Санду постојано се залагаше за влез на Молдавија во ЕУ.
Се очекува Русија да ја прекине испораката на гас за Молдавија и нејзиниот отцепен регион Придњестровје од 1 јануари, кога истекува постоечкиот договор. Како резултат на тоа, Кишињев прогласи вонредна состојба на почетокот на овој месец.
Санду, која постојано се залагаше за влез на Молдавија во ЕУ, го доби својот втор мандат со помала разлика од нејзината прва изборна победа во 2020 година.
Овој пат таа го победи поранешниот главен обвинител кој беше поддржан од традиционално проруската партија, а изборите беа проследени со полемики за мешањето на Москва, што партијата го негира. Санду, која на крајот освои 55,33 отсто од вкупните гласови, победи само благодарение на силната поддршка од дијаспората. Во границите на земјата таа би загубила со мала разлика.