Свет
Во нападот во Кабул убиени најмалку седум, над 90 ранети

Самоубиствениот напад во кој беа повредени четворицата македонски војници во Авганистан ги однесе животите на најмалку седум авганистански цивили
Самоубиствениот напад во кој беа повредени четворицата македонски војници во Авганистан ги однесе животите на најмалку седум авганистански цивили, а ранети се 91 лице.
Нападот со автомобил бомба се случи пред влезот на штабот на ИСАФ во Кабул.
Меѓу ранетите има четворица авганистански војници и еден пратеник, кој не е во тешка состојба, како и 12 жени и едно дете. Портпаролот на ИСАФ генерал Ерик Трамбле прецизира дека пет војници од силите на НАТО се ранети, но животот им е надвор од опасност.
Атентаторот-самоубиец бил запрен од авганистанските сили за безбедност уште на првата врата, која води кон штабот, објасни тој.
Експлозијата уништила голема бетонска бариера, што ја штити базата, каде се распоредени стотици странски војници, и оштети многу возила и ги искрши прозорците на зградите во квартот, каде се наоѓа американската амбасада и резиденцијата на претседателот Хамид Карзаи.
Во телефонски разговор со АФП портпаролот на талибанците Забихула Муџахид ја презема одговорноста за нападот, кој е нова демонстрација на сила на бунтовниците пет дена пред претседателските избори во државата
Според талибанците биле употребени 500 кг експлозив./крај/бгнес/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Политико“: ЕУ го одложува воведувањето на 19 пакет-санкции против Русија

Европската комисија (ЕК) нема да воведе нов пакет санкции против Русија во среда, како што се очекуваше, објавувањето е одложено на неодредено време, објавува „Политико“, повикувајќи се на европски дипломат и функционер на една од земјите на блокот.
Според нив, објавувањето на 19 пакет санкции „веќе не се очекува во среда“, а ЕК не прецизирала нови можни датуми за официјално презентирање на новите санкции, според бриселскиот портал.
„Политико“ пишува дека одложувањето е последица на поместувањето на фокусот на ЕУ од воведување нови санкции против Русија кон вршење притисок врз Словачка и Унгарија за „намалување на нивната зависност од руската нафта“, објавува Танјуг.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе строги санкции против Русија доколку сите членки на Северноатлантската алијанса дејствуваат заедно и престанат да купуваат руска нафта.
Тој истакна дека фактот што некои сојузници на НАТО континуирано увезуваат енергетски ресурси од Русија „ја ослабува преговарачката позиција на алијансата“.
Свет
Велика Британија испраќа „тајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „еврофајтер тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор откога Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникот британскиот премиер, Кир Стармер.
Во наредните денови овие авиони ќе им се придружат на француските „рафали“, на германските „еврофајтери“ и на данските „Ф-16“ како дел од операцијата на НАТО – „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, а Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според „Ројтерс“, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат речиси 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец Полска ги почна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат речиси 30.000 војници вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин
Свет
Рубио: Трамп е единствениот лидер што може да разговара со Русија, Украина и со Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски следната недела во Њујорк, објави американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Според американските медиуми, Рубио нагласил дека Трамп е единствениот лидер во светот што има капацитет да разговара со Украина и со Европа, како и со Русија. Тој додаде дека американскиот претседател ќе продолжи со своите напори за наоѓање решение за украинскиот конфликт.
Во исто време, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон продолжуваат на разни нивоа.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, претходно изјави дека двете страни ќе се обидат да организираат уште еден состанок до крајот на есента за да разговараат за отворените и за спорните прашања во билатералните односи.
Фото: принтскрин