Македонија
Нова истрага за падот на „кингерот“
Посебен истражен тим во кој ќе бидат експерти од Хрватска, Босна и Херцеговина(БиХ) и од Македонија повторно ќе ги проверува сите информации поврзани за авионската несреќа во која во 2004 година во близина на Мостар загина тогашниот македонски претседател Борис Трајковски.
Одлуката за воспоставување на таков тим веќе ја потпишал министерот за транспорт и врски на БиХ Дамир Хаџиќ, а неговиот советник Омер Кулиќ во понеделник за агенцијата ФЕНА рече дека тоа е резултат на „мноштвото нови докази“ што ги собрале македонските експерти.
Новиот истражен тим го сочинуваат 15 експерти за воздушен сообраќај и авиони, на кои ќе им се придружи и постојан консултант од САД.
Кулиќ процени дека овој тим своите наоди би можел да ги претстави во период од шест месеци, до една година.
Владиниот „кингер“, во кој беше претседателот Трајковски, шест лица од неговиот кабинет, како и двајца пилоти, се урна во февруари 2004 година кај Ротимље, во близина на Мостар.
Сите патници и екипажот загинаа, а повеќемесечната истрага покажа дека авионот се урнал заради грешка на пилотите и лошите временски услови.
На повторна истрага инсистираа и некои членови на семејствата на загинатите, откако во јавноста се појавија шпекулации за можен атентат врз Трајковски, кои никогаш досега не беа поткрепени со конкретни докази. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Клучката „Момин Поток“ се гради со забрзано темпо, Ѓоргиевски порача: „Наскоро скопјани ќе возат по нов булевар“
Скопје наскоро ќе добие нов булевар, откако со забрзано темпо продолжува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на клучката „Момин Поток“ и булеварот „Никола Карев“.
Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, во моментов е во напредна фаза поставувањето на атмосферската канализација во средишниот дел на булеварот, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот „Словенија“.
Овој сегмент, како што истакнува Ѓоргиевски, е клучен за безбедна, современа и одржлива сообраќајна инфраструктура.
Паралелно се гради и левиот крак од мостот над реката Серава, преку кој ќе се поврзат булеварот „Словенија“ и клучката „Момин Поток“. Со тоа ќе се овозможи побрза и поефикасна врска меѓу неколку важни градски сообраќајници.
„Како што ветив, Скопје пишува нова страница во својата историја. Со дела, не со зборови. Скопјани заслужуваат“, порача градоначалникот Ѓоргиевски.
Македонија
Филипче го повика Жан Митрев да оди кај обвинител и да поднесе кривична, најави и тужби: „Ова не е политика, сега ќе ги тужам“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рече, јавен линч против него преку лаги, манипулации и црна кампања.
Филипче изјави дека секојдневно е цел на неосновани обвинувања, вклучувајќи тврдења за имот, патувања и споредби со убијци, оценувајќи дека ваквите напади ги надминале сите граници на политичка борба. Особено реагираше на обвинувањата поврзани со доктор Жан Митрев, нагласувајќи дека станува збор за тешки и невистинити наводи и најави тужби.
„Вчера, отидоа дотаму, да преку Жан Митрев, за кого како лекар не можам да кажам што мислам, ме обвинија за рекет за цела болница. Претераа. Ова веќе ги поминува сите можни граници. Што ќе смислат следно, утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство? За што следно? Доста е веќе. Сега ќе ги тужам. Мојот одговор преку суд ќе го добијат и наредбодавачите и извршителот“, рече Филипче.
Го повика Жан Митрев да отиде кај обвинител и да поднесе Кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон.
„Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави. ВМРО ја помина секоја граница и јас преку ова нема да поминам. Ова не е политика. Веројатно дефинитивно во Македонија на сите им се јасно што прават“, додаде Филипче.
Во обраќањето, обвини дека власта намерно дефокусира од, како што ги нарече, вистинските проблеми – буџетскиот дефицит од две милијарди евра, ниските плати и пензии, прашањето со мигрантите, корупцијата, тендерските постапки и исплатите преку државни институции.
Тој оцени дека ваквата политика ја турка државата кон изолација и создава одбивност кај граѓаните кон политиката, наместо да се зборува за подобар животен стандард, европска иднина и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.
Македонија
Вандализиран паркот „Бановина“ во Аеродром – искршена урбаната опрема, оштетена фонтаната, а провалено е и во чуварската куќа
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот Бановина, каде што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Од Општина Аеродром потсетуваат дека паркот „Бановина“ неодамна бил целосно обновен и опремен со современа урбана опрема, наменета за сите генерации.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од општината, нагласувајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција, а од општината упатуваат апел до граѓаните да го чуваат јавниот простор, да пријавуваат вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.

