Македонија
Кластерските здруженија добија 26.000 евра за поддршка на проекти

Министерот за економија Беким Незири во четвртокот ги додели решенијата за поддршка на кластерските здруженија, согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 година, овозможувајќи на тој начин континуирана поддршка на деловната заедница, согласно нивните потреби, а со цел реализација на предвидените проекти.
„Годинава, за поддршка на проекти на кластерските здруженија доделени се средства во вкупен износ од 1.600.000 денари, и тоа за заеднички проекти за поврзување на кластерите со универзитетите, за развој на иновативноста и развој на брендирани производи, за секторска извозна промоција, за организирање тематски саеми и за развивање на стандарди за квалитет и прилагодување на барањата на ЕУ пазарите“, рече министерот Незири.
Тој информираше дека поддршка добиле Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење од Скопје, Текстилно трговско здружение – Текстилен кластер, Штип, Здружение на собирачи, откупувачи, преработувачи и трговци со самоникнати видови шумски плодови – Велес, Кластер за преработка на овошје и зеленчук (МАП) – Скопје, Здружение на органски производители „Органика“, с. Отавица – Велес.
Целта на постоењето на кластерите, кои се посебно атрактивни за малите и средните претпријатија, е иницирање на заеднички активности и проекти за секторски и регионален развој, иновации и извоз, преку зголемување на соработката меѓу фирмите, науката и други развојни чинители. Успешното поврзување во кластер резултира со мрежа од взаемно корисни врски за размена на информации, идеи, поддршка во врска со нови технологии, истражувања и развој, стекнување на способности, пазари, нови деловни модели и други сфери од заеднички интерес.
„Уверен сум дека оваа и идните програми за поддршка на кластерското здружување, кои се креираат во Министерството за економија, а за кои ќе се заложам да добијат повеќе средства, ќе создадат амбиент кој ќе побуди нови идеи и активности за унапредување на конкурентноста на македонската економија на нејзиниот пат за членство во Европската унија“, рече Незири,
Министерот Незири додаде дека со Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 година, поддржани се проектите на 5 кластерски здруженија, кои беа избрани за најдобри, од вкупно пристигнати 14 квалитетни проекти, што претставува доволен сигнал за наредната година да се обезбедат повеќе средства, за поддржување на вакви проекти, кои ќе имаат позитивен ефект врз зголемување на економскиот раст на државата.
Во петте кластерски здруженија кои ја добија финансиската поддршка членуваат 120 компании, со над 20 илјади вработени. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.