Македонија
Отворен новиот скопски аеродром „Александар Велики“
Отворен е новиот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, десет пати поголем од досегашниот, кој ќе има капацитет да услужи четири милиони патници годишно.
Отворен е новиот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, десет пати поголем од досегашниот, кој ќе има капацитет да услужи четири милиони патници годишно.Инвестицијата вредна 100 милиони евра е на турската компанија ТАВ, која до 2030 година ќе управува со аеродромот. Во присуство на неколку стотина граѓани, меѓу оние што ја пресекоа црвената лента што симболично беше отворен новиот аеродром беа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, генералниот директор на ТАВ Аеродроми, Мустафа Сани Шенер. „6 септември 2011 година влегува во историјата како ден кога е заокружен еден од најголемите инфраструктурни зафати во поновата историја на Република Македонија“, рече премиерот Груевски.„Проектите за аеродромите носат важни промени и претставуваат важен услов за создавање идни бизниси“, изјави Шенер.„Од денес, граѓаните на Република Македонија ќе можат со гордост да патуваат, со гордост да пречекуваат гости и со гордост да го презентираат новото лице на Македонија“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.„Новите и модернизирани објекти се изградени според најновите и современи светски стандарди, а воедно е набавена и нова опрема со што аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе функционира согласно највисоките меѓународни стандарди, кои овозможуваат значително подобри услови, комодитет и простор за патниците – нешто што тие го бараа години и години наназад“, рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски.Проектот за модернизација на аеродромот опфаќа нова терминална зграда од 40.000 метри квадратни со шест патнички пристапни мостови, продолжена полетно-слетна писта со што се овозможува оперирање на авиони со поголем капацитет, нов поголем паркинг за автомобили, нов карго терминал, противпожарна и спасувачка станица, нова административна зграда и комплетно нова внатрешна инфраструктура. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Молкот на СДС за отписот на 2.000 тони јачмен и пченица е потврда за криминалот вреден 800.000 евра
Молкот на СДС за отписот на 2.000 тони јачмен и пченица од стоковите резерви на државата е потврда за тоа дека станува збор за криминал вреден 800.000 евра, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако по направениот записник на Димковски, а потоа донесен и заклучок од страна на владата на Заев, Филипче и Николовски, за отпис на 2.000 тони јачмен и пченица, од СДС нема ниту осуда ниту оградување.
Напротив, тие влегоа во штитење на овој криминал на нивниот ментор Заев и учениците Филипче и Николовски.
Зошто СДС го брани овој криминал вреден близу 800.000 евра? Дали оваа пченица и јачмен преку посредници има достигнато двојна цена на црн пазар во соседна држава? Дали ова трио на Заев, Филипче и Николовски, се има добро нафатирано, а жртвеното јагне во случајот е Димковски“, прашува Манасиевски.
Итрината, додава тој, оди дотаму да по само некое време, тогашната влада мислејќи дека ќе го покријат за нив, ситниот криминал, потпишале 2 тендера за 20.000 тони јачмен и пченица.
И ова, како што оценува, СДС пробува да го штити.
„Знаеме дека во СДС останаа неколкумина во врвот кои се продолжена рака на Заев и Филипче. Се додека овие луѓе не заминат, СДС ќе има полн багаж зад себе“.
Македонија
Андоновски: Со бесплатните Wi-Fi зони и електронските уреди го надминуваме дигиталниот јаз меѓу студентите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари работна посета на Филозофскиот факултет во Скопје, каде заедно со деканот Оливер Бакрески ја потврдија досегашната успешна соработка преку потпишување Меморандум за соработка и ја претставија новата бесплатна интернет зона наменета за студентите.
„Можам да најавам дека ова е првата ваква зона која Министерството за дигитална трансформација ја обезбедува од сопствени средства. Вакви зони ќе предвидиме и во студентските домови каде што постои потреба, како и на останатите факултети и универзитети. Најмногу се фокусираме на просторот каде што се присутни најмногу студенти и професори,“ изјави Андоновски.
Министерот се осврна и на проектот за ваучерите за електронски уреди за студенти, за кој што рече дека со овие два проекти се овозможува надминување на дигиталниот јаз кој што постои меѓу студентите.
Во рамки на посетата, тој се обрати и пред студентите, потенцирајќи дека државата и Владата веруваат во нивните способности и им даваат безрезервна поддршка. Тој ги охрабри студентите да ја користат секоја можност, да учат, да напредуваат и да созреваат, бидејќи „тие се иднината која треба да ја води Македонија напред“.
Македонија
СДСМ обвинува за тендерски скандал: Вториот вработен во фирмата со договори од 9 милиони евра бил поврзан со УБК и уништувањето на опремата за прислушување
На прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека власта продолжува со, како што рече, „криминални тендерски шеми“. Таа посочи дека вториот вработен во фирмата која добила тендери од речиси 9 милиони евра за само шест месеци е Глигор Поцев.
Кузеска наведе дека Поцев бил сведок во случајот „Таргет–Тврдина“ за уништувањето на опремата за масовно прислушување, како тогашен вработен во УБК во периодот на Сашо Мијалков. Таа нагласи дека токму фирмата во која тој сега работи склучила рамковна спогодба со Владата за софтверски лиценци за виртуелна платформа.
„Како лица кои биле дел од разузнавачки структури, поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување, денес повторно се во игра за милионски тендери за софтвери?“, праша Кузеска, додавајќи дека изборот на истите кадри од „тој период“ не може да биде случаен.
Таа оцени дека скандалот со тендери вредни 9 милиони евра, дадени на фирма со само две лица и формирана пред една година, покажува дека кај Мицкоски се применуваат „истите методи“ како во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
„Методите се исти – милионски тендери за фирми со сомнителна историја, целта е богатење на партијата и поединци од врвот на власта“, изјави Кузеска.
СДСМ побара институциите да спроведат истрага и да утврдат одговорност, истакнувајќи дека „овие дела не застаруваат“ и дека, како што рече, „одговорност мора да има и ќе има“.
Кузеска заклучи дека „работата сè уште не е завршена“.

