Свет
Венецуела избира претседател и курсот на државата
Во Венецуела во недела се одржуваат претседателските избори на коишто граѓаните ќе избираат меѓу актуелниот левичарски претседател Уго Чавез и кандидатот на десната опозиција Енрике Каприљес, со што ќе се одреди курсот на државата за следните шест години.
Вкупно, инаку, седум кандидати се регистрирани на претседателските избори во Венецуела, меѓутоа само двајца од нив, според аналитичарите, имаат вистинска шанса за победа, претседателот Уго Чавез и единственот кандидат на опозицијата Енрике Каприљес.
Право на глас во Венецуела имаат се речиси 19 милиони луѓе, а жестока борба за нивните гласови се водеше во кампањата последните неколку седмици. Избирачките места низ целата земја, ги има повеќе од 13.600, ќе бидат отворени во 6 часот наутро по локално време (15.30 по македонско време). За безбедноста на денот на гласањето се ангажирани 139 илјади војници.
Педесет иосумгодишниот Чавез има намера да стане шеф на државата третпат по ред: во 1999 година тој стана претседател, а во 2009 година се одржа референдум со кој беше укинато ограничувањето една иста личност да може да се кандидира и да биде избрана за претседателската функција повеќе пати. Поранешниот офицер, Уго Чавез ја презеде функцијата, откако извесно време мина во затвор поради неуспешниот обид за државен удар од 1992 година.
Чавез чудесно се опорави од карциномот и сака нов шестгодишен мандат за да ја зацврсти својата социјалистичка револуција темелена на приходите од нафтата. Победата ќе му овозможи и да ја продолжи национализацијата и да ја зацврсти контролата врз економијата на земјата.
Енрике Каприљес, кој неодамна наполни 40 години, успеа во февруари 2012 година да победи на прелиминарните избори со што стана единствен опозициски кандидат кој ќе се бори со Чавез за претседател. Каприљес е адвокат и економист по професија. Неговиот татко потекнува од сефардските Евреи од островот Курасао. По мајка му, пак, има руски и полски корени, а таа дошла во Венецуела за време на Втората светска војна. Семејството се занимава со бизнис во сферата на медиумите, забавата и со недвижнини.
Првпат венецуелската опозиција, којашто инаку традиционално е меѓусебно непомирлива, организираше предизбори за избор на свој претседателски кандидат.
Енрике Капиљес, гувернер на сојузната држава Миранда, втората по бројот на население и најбогата федеративна единица на Венецуела, доби 62,2 отсто од гласовите во однос на неговиот главен противкандидат Пабло Перез за кого гласаа 29 отсто од поддржувачите на венецуелската опозиција. На предизборите што ги организираше опозицијата учествуваа малку помалку од три милиона гласачи, или 16 отсто од вкупното избирачко тело во Венецуела, додека аналитичарите претходно сметаа дека и одѕив од 10 отсто би претставувал значаен успех за опозицијата.
Првпат во последните години ситуацијата пред изборите во Венецуела може да се нарече непредвидлива. Различни анкети на јавното мислење спроведени во земјата, дадоа дијаметрално спротивни резултати во оценувањето на тоа кого преферираат граѓаните на Венецуела. Додека според институтите блиски на владините кругови јавното мнение навестува „убедлива“ победа на Чавез со разлика од 20 до 30 отсто, повеќето независни анкети покажуваат мала предност, којашто ја имал на денот на анкетирањето актуелниот претседател на Венецуела. Само во една од анкетите, Каприљес е во предност пред Чавез за речиси еден милион гласови.
Во меѓувреме, пред изборите, Венецуелците почнаа да купуваат масовно сол, шеќер и кибрити. Тие велат дека луѓето не знаат што ги очекува утре, па за секој случај го набавуваат најпотребното.
И двајцата кандидати водеа активни и многу динамични кампањи, со посети на повеќе градови во оваа јужноамериканска земја. Притоа, Чавез се покажа, како и секогаш, како брилијантен оратор, одржувајќи масовни митинзи на своите поддржувачи од коишто го обвинуваше својот противник. Каприљес, исто така, одржа масовни митинзи, вклучително и во главниот град Каракас, но сепак, беше повоздржан во своите оцени за работата на актуелниот претседател. Неговата реторика, како што велат локалните аналитичари, беше повеќе фокусирана на конкретни работи коишто треба да ги сработи во текот на својот претседателски мандат, и кои, според него, не ги направила владата на Чавез. Тој ветува економски раст, нови работни места и побезбедни улици во градовите.
Венецуела гласачите всушност треба да ја одреди насоката по којашто ќе се движи нивната земја наредните неколку години. Доколку повторно биде избран Чавез, Венецуела ќе продолжи по патот на остварувањето на „Боливарското движење кон социјализмот“, како што го нарекуваат овој курс актуелниот претседател. Ако, пак, победи Каприљес, Венецуела ја очекуваат реформи и либерализација. Каприљес ветува дека ќе се создадат услови за развој на бизнисот и остварување на урамнотежени социјални програми.
Активностите на владата на Чавез во последниве години беа фокусирани на национализација во различните индустрии, вклучувајќи ги и нафтената и златопреработувачката. Многу од поранешните сопственици на компаниите во земјата побараа меѓународна арбитража. Досега Венецуела учествуваше во околу 20 постапки во врска со национализацијата. Најголемите спорови меѓу владата на земјата и компаниите произлегоаа во случаите на компаниите „Exxon“ и „ConocoPhillips“ по проектите за барање и производство на нафта по сливот на реката Ориноко.
Покрај тоа, Чавез се закани и со национализација на приватните банки и претпријатија, доколку се потврдат информациите за нивната поддршка на активностите на опозицијата да ја дестабилизира ситуацијата во земјата, и доколу го одбиваат финансирањето на малите земјоделски стопанства.
Истовремено, властите инјектираа големи финансиски средства во различни социјални проекти, како што се изградби на куќи во рамките на програмат „Големата мисија за домување“.
Гласањето во недела ќе претставува најголемото искушение за Чавез кој веќе 14 години е на власт. Наспроти него Каприљес беше принуден да води маратонска речиси осуммесечна кампања „од врата до врата“, која сепак создаде најдобра можност да се победи на изборите Чавез од 1998 година.
Чавез кој преживеа кус обид за воен удар во 2002 година, е издигнат речи на ниво на култ прикажувајќи се како месијанска реинкарнација на Симон Боливар, латиноамериканскиот херој во борбата за независност од шпанскиот колонијализам од XIX век. Ја доби наклонетоста на Венецуелците со бесплатните здравствени клиники, субвенциите во земјоделието, новите универзитети. Последните години ги зголеми пензиите на најстарите пензионери, доделуваше стипендии за сиромашните мајки и изгради десетици илјади домови за социјалните случаи.
Од друга страна, му се забележува дека многуте национализации на компаниите го ослабиле приватното претприемништво а дека партиските апаратчици имаат контрола над вработувањето. Слабото спроведување на законите, дисфункционалните судови и лесно достапното оружје ја претворија Венецуела во земја на насилство. Опозицијата го критикуваше дека честите прекини во снабдувањето со електрична енергија потсетуваат дека приходите од нафтата не се стабилни.
Каприљес вети дека ќе стави крај на доктрината на Чавез за државна економија и ќе ја замени со прагматичен баланс на социјалната политика и слободниот пазар, Тој е голем поборник на визијата на бразилската пазарно ориентирана левица којашто за десет години 35 милиони луѓе од најдолниот ги претвори во среден слој на општеството. „Секој мора да направи листа од своите проблеми и да се запраша колку од тие проблеми ги решила ‘славната револуција’?“ порача Каприљес на еден од своите последни митинзи.
Чавез е сигурен во својата победа. Тој неодамна изјави дека оценува оти ќе освои најмалку 70 отсто од гласовите, а претходно ја објави својата намера да го победи Каприљес со „нокаут“. На сметка на својот противник, Чавез често упатуваше остри и понекогаш дури и надвор од политичката пристојност коментари, особено, правејќи споредби со свињите, како и обвинувања за поврзаност со трговците со дрога.
Каприљес, пак, повеќепати ја постави темата за здравјето и силата на актуелниот претседател. Како што е познато, Чавез беше заболен од рак, кој бараше негов долготраен третман во Куба и во самата Венецуела. Сега тој тврди дека е „совршено здрав“, но опозицискиот кандидат го нарече мамење на граѓание со долгото отсуство на претседателот на државата и неговиот стил е, всушност, водење на земјата преку социјални мрежи.
Изборните органи објавија за наводни планови на радикалната опозиција да организира безредија и провокации на денот на изборите. Првите луѓе на армијата и полицијата ветија дека ќе ги преземат сите можни мерки во рамките на уставот со цел да се избегнат конфликти и провокации. Во меѓувреме, опозицијата ги обвини властите за намерата да употребат секакви средства за да ја спречат и да не ја признаат победа на Каприљес. Неколку дена пред изборите, во еден од регионите на земјата беа убиени со огнено оружје, тројца поддржувачи на опозицискиот кандидат.
Поради безбедносни причини, од петокот навечер, 5-ти октомври, до понеделник 8-ми октомври, забранета е продажбата на алкохолни пијалаци, како и носење оружје за сите, освен за припадниците на војската, полицијата и специјалните служби кои се на должност.
Изборите во Венецуела со големо внимание ќе бидат следени и од другите левичарски влади во Јужна Америка, од Еквадор до Куба, коишто зависат од великодушната помош на Чавез и пониските цени на венецуелската нафта./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Објавена снимка од пронаоѓањето на телото на Џефри Епстин
Британскиот „Телеграф“ објави досега невидени снимки од надзорни камери кои го прикажуваат моментот кога затворските чувари го пронашле телото на Џефри Епстин во неговата ќелија на 10 август 2019 година.
Финансиерот бил приведен во Metropolitan Correctional центар во Њујорк под обвинение за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација, објавува „Телеграф“.
Just hours before Epstein killed himself in police custody, surveillance cameras captured an orange figure apparently heading in the direction of his cell
Watch the moment when guards found Epstein's body in his cell ⤵️ pic.twitter.com/Tb80fcNL23
— The Telegraph (@Telegraph) February 9, 2026
Околностите на смртта на Епстин, официјално прогласени за самоубиство, како и неговите врски со голем број моќни и познати личности, вклучувајќи претседатели, медиумски магнати и членови на кралското семејство, поттикнаа бројни теории на заговор дека тој бил убиен.
Досега, снимката од откривањето на телото никогаш не беше јавно објавена.
Свет
Разбиена криминална организација „Лос Пулпос“ во Чиле
Вчера, чилеанските власти објавија апсење на 34 осомничени лица поврзани со перуанската банда Лос Пулпос, објави француската новинска агенција афп.
Од почетокот на годината, чилеанската полиција спроведува интензивни операции, а со најновиот чин се известува дека оваа криминална организација е практично разбиена. Меѓу уапсените е и водачот на бандата, изјави Кристијан Сепулведа, првиот човек што ја предводеше борбата против организираниот криминал.
„Со задоволство можеме да кажеме дека оваа криминална организација, која дејствуваше и во Сантијаго, е практично разбиена“, изјави Луис Кордеро, чилеанскиот министер за безбедност, на прес-конференција. Од 34-те уапсени лица, 32 се перуански државјани, еден е Чилеанец, додека националноста на последниот не беше прецизирана.
Од 2021 година, чилеанската полиција уапси вкупно 50 лица поврзани со организацијата Лос Пулпос откако беше откриено нивното присуство во чилеанската престолнина. Иако Чиле се смета за најбезбедна земја во Јужна Америка, криминалот се зголеми во последната деценија.
Европа
Британскиот премиер одбива да поднесе оставка
Британскиот премиер Кир Стармер ги отфрли повиците за оставка, дури и од неговиот партиски лидер во Шкотска, и рече дека ќе продолжи да се бори откако назначувањето на Питер Манделсон за амбасадор во Соединетите Држави ја втурна неговата влада во криза.
Под притисок поради назначувањето на човек чии врски со починатиот американски сексуален престапник Џефри Епстин се најдоа под лупа, Стармер се обидува да го промени наративот, но оставката на друг близок соработник и барањето за негово заминување покренаа дополнителни прашања за неговата проценка и способност за управување, објави Ројтерс.
Анас Сарвар, лидерот на шкотските лабуристи, стана највисокиот партиски функционер кој побара оставка од Стармер.
„Опструкцијата мора да заврши и раководството на Даунинг стрит мора да се промени“, изјави Сарвар на прес-конференција во Шкотска, каде што поддршката на лабуристите опадна од изборите во 2024 година. Кратко потоа, шефот за комуникации Тим Алан поднесе оставка, второ високо рангирано заминување за два дена.
Заминувањето на Алан следеше по заминувањето во недела на најблискиот помошник на Стармер, Морган МекСвини, кој рече дека ја презема одговорноста за советување за назначувањето на Манделсон на највисоката дипломатска функција на Велика Британија во Соединетите Држави.
И покрај интервенцијата на Сарвар, Стармер подоцна доби пораки за поддршка од неговите клучни министри и некои потенцијални ривали за водство на партијата, а позитивниот прием на состанокот на пратениците од Лабуристичката партија сугерира дека засега нема да има обид да се собори.
„Откако се борев напорно за можноста да ја променам нашата земја, нема да се откажам од мојот мандат и мојата одговорност кон народот, ниту ќе нè турнам во хаос како што направија другите“, рече Стармер на состанокот, нагласувајќи дека неговиот фокус е на спречување на популистичката Реформска партија, предводена од ветеранот од Брегзит, Најџел Фараж, да дојде на власт.
„Ова е мојата борба, нашата борба и ние сме во неа заедно“. Портпарол на Даунинг стрит рече дека Стармер има „јасен петгодишен мандат од британскиот народ да спроведе промени, што тој ќе го стори“.
Неговиот заменик Дејвид Лами, министерката за финансии Рејчел Ривс и министерката за надворешни работи Ивет Купер, меѓу другите, ја дадоа својата поддршка. Неговата поранешна заменик Анџела Рејнер, која се смета за еден од главните кандидати за негов наследник, му ја понуди својата „целосна поддршка“.
„Ги повикувам сите колеги да се обединат, да се сетат на нашите вредности и да ги применат во пракса како тим. Премиерот ја има мојата целосна поддршка да нè води кон таа цел“, објави таа на социјалната мрежа Икс. Стармер беше пречекана со аплауз од пратениците на лабуристичката партија, од кои еден за Ројтерс изјави: „Засега е безбеден“.

