Македонија
Димитров и Протуѓер ќе ја изложат позицијата на Скопје
Македонскиот преговарач во разговорите за името со Атина, амбасадорот Никола Димитров и шефот на кабинетот на македонскиот премиер Мартин Протуѓер денеска заминуваат во Њујорк на средба со медијаторот Нимиц
Во Њујорк, преговарачите на Република Македонија во спорот за името со Република Грција на преговорите кои се водат под пакровителстовото на Обединетите нации, ќе се сретнат со посредникот Метју Нимиц. Двајцата имаа претходно конултации со претседателот Бранко Црвенковски и со премиерот Никола Груевски и како што е најавено пред посредникот ќе ја презентираат позицијата на Република Македонија којашто е во насока на македонските национални интереси. „Бидејќи овој сериозен процес не би сакале да го оптоваруваме и дополнително со подробности од ова прашање, би се воздржал од други коментари, а тоа што треба да биде пренесено ќе биде на оние што треба да ја примат македонската позиција, односно Нимиц, и уверен сум дека двајцата претставници ќе го направат тоа на најдобар можен начин“, нагласи министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на вторничната прес-конференција по средбата со заменикот-помошник државен секретар на САД, Стјуарт Џонс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Срушена дивоградба во Јурумлери, инспекции во Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека во Јурумлери на ул. 9 е отстранета дивоградба по постапување на општинската инспекција и донесено решение за рушење.
Сопственикот постапил по решението и сам ја отстранил дивоградбата.
Градоначалникот најави дека инспекциите се на терен и вели дека нема да дозволи диво градење и непочитување на прописите.
„Ставаме ред и почитување на Законот за градење. Инспекциските служби континуирано се на терен и постапуваат таму каде што има неправилности. Нема да дозволиме диво градење и непочитување на прописите“, вели Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да го почитуваат Законот за градење.
Македонија
(Видео) По барањето за извинување од „Пирамид билдинг солушнс“, СДСМ тврди: Сè е јавно достапно
Откако компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ побара извинување од СДСМ, од опозициската партија велат: „Тоа што АКТ го објави се факти, аргументи и докази. Станува збор за 51 тендер во општините, во вредност од 16 милиони евра, и сите податоци се јавно достапни.
Петар Огњеновиќ рече дека фирмата може да се обрати до Јавното обвинителство и од таму да бара извинување.
СДСМ прашува дали е спорен мандатот на Доновски како член на избирачки одбор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и дали станува збор за клевета или за факти што, како што тврдат, укажуваат на тендерски шеми.
Според СДСМ, сопругата на Доновски е сопственичка на три фирми, а една од нив, „Аксес инженеринг груп ДОО увоз-извоз Скопје“, е основана во 2019 година со Филип Гулевски, кој подоцна станал сопственик и на „Аксес констракшн груп увоз-извоз Скопје“.
СДСМ тврди дека оваа фирма на 4 декември 2025 година добила тендер од 1,1 милион евра за спортски сали во Крушево и Аеродром, доделeн од Министерството за спорт.
Од партијата порачуваат дека Антикорупцискиот тим ќе продолжи со јавно објавување на информации и докази, наведувајќи дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп покриен шанк во паркот „Авионче“
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп на урбана опрема – покриен шанк, по пат на електронско јавно наддавање, што ќе се спроведе преку електронскиот систем www.e-stvari.mk.
Предметот на закуп е покриен шанк со вкупна површина од 118,76 квадратни метри, лоциран во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче. Објектот располага со кафе-бар, кујна, тоалети, тераса и помошни простории и се дава под закуп за период од пет години.
Рокот за поднесување пријави е до 13 февруари 2026 година, а електронското јавно наддавање ќе се одржи на 16 февруари 2026 година.
Како дел од посебните услови, најповолниот понудувач ќе има обврска во рок од 90 дена да постави детско игралиште со реквизити во паркот, да обезбеди редовно одржување на просторот, јавен пристап до тоалетите, систем за управување со отпад и 24-часовна чуварска служба.
„Со оваа постапка продолжуваме со транспарентно управување со јавниот простор, унапредување на парковската инфраструктура и создавање подобри услови за граѓаните, како и поддршка на локалниот бизнис сектор“, велат од Општина Аеродром.
Целосната документација и условите за учество се достапни на www.e-stvari.mk и на официјалната веб-страница на Општина Аеродром, односно на следниов линк: https://sn.rs/rvpmd.

