Македонија
Нова велосипедска патека на кејот на Вардар

Нова патека наменета за велосипеди и ролерки во петокот започна да се гради од левата страна на кејот на Вардар.
Нова патека наменета за велосипеди и ролерки во петокот започна да се гради од левата страна на кејот на Вардар.
Патеката ќе биде долга 1.800 метри, а ќе се протега од Камениот мост до фабриката Комуна.
Почетокот на градежните работи го означи градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
-Станува збор за модерна патека која значително ќе го олесни движењето на скопјани. На овој начин тие ќе можат да ги користат своите велосипеди за да стигнат до работното место.Ова е само прва фаза од изградбата на патеката,а ќе има уште две фази што се планираат за следната година. Се надеваме дека до крајот на 2010 година целосно ќе го уредиме кејот на Вардар-истакна градоначалникот Трајановски.
Градежните работи ги изведува градежното претпријатие Маврово, а инвестицијата е тешка 8 милиони денари.
За сите три фази од изградбата на патеката градот планира да потроши околу 30 милиони денари./крај/вм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлог – законот за Судски совет е во владина процедура

Предлог – законот за Судски совет е прикачен на е-Влада, а Министерството за правда го доби и мислењето од Венецијанската комисија.
„Станува збор за конструктивен и содржаен документ што содржи јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои ние како Министерство вложивме сериозен фокус. Тие забелешки веќе се разгледани. Особено значајно за нас е што Комисијата го препозна транспарентниот и инклузивен процес при изработката на законот – преку јавни расправи, експертски консултации и вклучување на сите клучни чинители. Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина“, велат од Министерството за правда.
Според нив, ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството.
Клучни новини кои се предвидени со Законот: се предвидува јавност во постапкатата за разрешување на претседател/заменик на Советот, постапката мора секогаш да биде транспарентна, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, воведување јавна расправа за кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност, зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите и унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ.
„За првпат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот. Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега директно одговараме на таа препорака. Очекуваме предлог – законот за Судски совет наскоро да биде усвоен во Собрание, како што и беше предвидено“, велат од Министерството за правда.
Македонија
Филмска музика со Тарабунов и камерен оркестар на Плочник во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите скопјани на незаборавен музички настан „Центарска симфонија“, што ќе се одржи утре вечер, на зајдисонце во ритамот на македонската и светска филмска музика.
Музичката ѕвезда Александар Тарабунов, заедно со камерен оркестар, ќе интерпретира познати филмски композиции, со ново симфониско руво.
„Вчера отидов на проба да ги видам нашите музичари и звучеа светски, уживав во безвременската музика од култниот македонски филм „Исправи се Делфина“ од композиторот Славе Димитров, но и во музиката од филмот „До Балчак“. За првпат пред публиката ќе биде изведена и новата песна на Тарабунов „Заедно“ адаптирана специјално за камерна оркестрација. Ги повикувам скопјани да дојдат и да уживаат во една вечер посветена на култната филмска музика. Ќе се сплотиме ‘Заедно’ со емоции и музика, во Центар, во срцето на нашето Скопје. Ваквите настани се потсетник дека Центар е и ќе остане културното срце на Скопје. Ве очекуваме на едно магично музичко патување низ времето и сеќавањата“, вели Герасимовски.
Настанот е во организација на Општина Центар, а во соработка со МГ Мјузик продукција. Влезот е слободен.
Македонија
Се очекува Македонија годинава да ја посетат 1,5 милиони туристи, најбројни се гостите од Турција

Македонија веќе бележи двоцифрен годишен пораст во бројот на странски посетители, најновите податоци покажуваат 21.6 % раст во првата половина од 2025, во однос на истиот период од минатата година, соопшти Министерството за култура и туризам.
Од таму велат дека ако се задржи ваквиот тренд, се очекува дека бројот ќе достигне околу 1,5 милиони странски туристи до крајот на годинава, според пресметки на локалните туристички работници.
Туристите од Турција и понатаму се најбројни, со учество до 42% меѓу странските гости и постојан раст. Србија покажува исто така забележителен подем, односно раст од 20–30%, особено во Скопје и Охрид. Раст бележат и Германија, Грција, Хрватска и Романија, кои остануваат меѓу првите 10 пазари. Пазарите како Бугарија, Албанија и Словенија се стабилни, додека кај држави како Косово, САД, Италија и Холандија не се забележани значајни промени.
„Ова би можело да донесе приходи до 500 милиони евра и важно е државата и бизнисите да инвестираат во инфраструктурата, зајакнување на туристичките капацитети, развој на одржлив туризам и рамномерен регионален развој за да го одржат темпото и да извлечат максимум корист“, велат од Министерството.
Во услови на зголемен развој на туризмот, според Министерството, се наметнува потреба од реформски мерки во насока на градење ефективен систем на туризмот и создавање поврзана функционална целина која има за задача да одговори на потребите на туристичката дејност и туризмот.
„За таа цел Министерството за култура и туризам презема низа реформски и организациони мерки, за што во моментов се одвива процес на преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и екипирање на секторот во рамки на министерството со што Министерството за култура и туризмот станува адреса за обраќање за туристичкото стопанство“, се наведува во соопштението.