Македонија
Пратениците не гласаа за измените на Деловникот
Пратениците не гласаа за предлог-измените на Деловникот за работата на законодавниот дом, откако, по повикот на претседателот Трајко Вељановски, членовите на опозицијата не дојдоа во салата a во пртеникот на СДСМ Макрадули го образложи неучеството пред новинарите
По денешната расправа, на која не учествуваа пратениците од опозицијата, претседателот Трајко Вељановски побара половина час пауза, со цел, членовите на опозиционите партии да дојдат во Собранието и да се произнесат во однос на предлог-измените на Деловникот. Откако тоа не се случи, Вељановски ја прекина седницата.„Ако сакаме да се интегрираме во европското семејство, ако сакаме државнички одлуки, треба, пред се, овде, во овој наш заеднички парламентарен дом да бидеме интегрирани за суштинските работи. Сепак, како и да не води судбината, наша и моја обврска е да бидеме оптимисти, постојано да подаваме рака и да укажеме на заедништво и на вистински пат кој не води напред. Во оваа смисла, рака е подадена постојано од моја страна и отворена за изгласување на овој заеднички усогласен текст на Деловникот“, рече Вељановски.Изгласувањето на измените на Деловникот со консензус се толкуваше како порака за функционирање на политичкиот дијалог во земјата, што требаше да биде испратена пред одржувањето на Советот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, закажан за следната недела.„Денес владејачката партија го покажа своето вистинско лице. Граѓаните имаа прилика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се изнаслушаат навреди, многу ниско ниво на комуникација, а највеќе од се’, измислици и лаги“, изјави пратеникот Јани Макрадули обвинувајќи го парламентарното мнозинство за „стил на Милошевиќ“, оправдувајќи го така неучството на пратениците на опозициската СДСМ на денешната седница на која требаше да се галса Деловникот за работана Собранието на Република Македонија.„Сето тоа, со една единствена цел. Да се обидат да најдат алиби за тоа што повторно, и покрај сите препораки на меѓународната заедница, и покрај подадената рака од опозицијата за градење на конзенсус и вистински политички дијалог, Груевски, Вељановски и ВМРО-ДПМНЕ си играат со европските перспективи на Македонија и поднесоа Деловник без консензус.“, додаде Макрадули.Макрадули го обвини спикерот Вељановски дека дозволил надвор од Деловникот да се зборува за се’, само не за тоа дали измените на предложениот Деловник се во согласност со Венецијанската комисија. „Со денешната реторика, ВМРО-ДПМНЕ неуспешно се обиде да се оправда и да ја подели одговорноста за негативниот извештај од ЕУ кој намногу од се’ ќе зборува за: политичко влијание во вработувањето и работењето на администрацијата; отсутство за вистинска борба против корупцијата, владиниот притисок врз судството, немањето на посветеност кон ОРД, законот за антидискриминација, притисокот врз медиумите, немањето на Закон за енергетика по европски стандарди, имањето на Закон за електронски комуникации по сталинистички терк, огромни потрошени средства за „Скопје 2014“итн..“, рече Макрадули.Пратеникот на СДСМ рече дека владејачката партија „се’ уште има шанса да донесе одлука во интерес на граѓаните“, што според него ќе се стори доколку се изгласа посебно работно тело, како што е договорено со WFD, кое ќе го контролира трошењето на парите на граѓаните.„Само така ќе потврди дека кај Груевски и ВМРО-ДПМНЕ постои искрена посветеност за ЕУ и НАТО интеграциите на Македонија“, заклучи Макрадули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

