Македонија
Засега без најава за намалување на пратеничките плати

Засега нема иницијатива за намалување на платите на пратениците и државните функционери во Македонија со претстојниот ребаланс на буџетот
Засега нема иницијатива за намалување на платите на пратениците и државните функционери во Македонија со претстојниот ребаланс на буџетот.
Ова произлегува од истражувањето на редакцијата на Макфакс поттикнато од информациите од соседните земји, каде што под удар на светската економска криза, платите на функционерите се намалени или замрзнати.
Портпаролот на Собранието Тодор Пендаров рече дека Владата како надлежна за предложување на мерки за справување со кризата, е таа која може да покрене иницијатива за намалување на платите на пратениците .
Од надлежното Министерство за финансии велат дека процесот на подготовка на ребаланс на Буџетот за 2009 година е во тек, поради што не можат во овој момент да дадат конкретен одговор.
Во моментот кога ребалансот ќе биде одобрен од страна на Владата, јавноста ќе биде информирана за сите новини што ги носи тој, велат од Министерството.
Висината на месечната плата на претседателот на Собранието за месец февруари 2009 година изнесувала (нето) 89.241,00 ден, а платата на пратеник за истиот месец изнесувала 63 255,00 ден.
Оттука може да се заклучи дека годишно за нето плати на пратениците се издвојуваат над 91 милиони денари или околу 1,5 милиони евра.
Во оваа сума не се вклучени дневниците, кои што за службени патувања во Македонија изнесуваат 800 денари, додека за пат во странство најниската дневница изнесува 50 евра (за патување во БиХ) а најскапата е 116 евра (за Данска).
Владата во Србија се очекува деновиве да го усвои Предлог законот со кој ќе бидат намалени сите плати во јавната администрација, кои се поголеми од 40.000 српски динари (околу 420 евра).
Словенија неодамна донесе одлука за намалување на платите на пратениците и државните функционери, додека Хрватска ги замрзна платите во јавната администрација. /крај/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.
Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.