Македонија
Ќе се решава за стечајот на А1
Привремениот стечаен управник на А1 телевизија на закажаното рочиште треба да го приложи финансиско – економскиот извештај што една недела го изготвуваше во телевизијата.
Привремениот стечаен управник на А1 телевизија на закажаното рочиште треба да го приложи финансиско – економскиот извештај што една недела го изготвуваше во телевизијата. Денеска на рочиштето во 9:30 стечајниот управник треба да препорача дали да се отвори стечајна постапка или не, а Основниот суд Скопје 2 да донесе одлука. На рочиштето ќе се изјаснат и барателот на стечајот, во случајов Управата за јавни приходи преку Јавното правобранителство и должникот, А1 телевизија, кој ќе биде присутен со свој претставник. „Мојата обврска е да изготвам извештај за економско – финансиската состојба на должникот, во случајов на А1 телевизија, согласно документацијата која ќе ми биде дадена на увид. Извештајот се базира на финансиската документација на должникот и надлежните институции“ изјави Петров за Макфакс.Утре персоналот и целиот новинарско – уредувачки тим на А1 телевизија може ќе останат без работа ако судот прогласи стечај за А1. Со отварањето на стечајот ќе престане и работниот однос на сите вработени во телевизијата. Според законот за стечај, ако судот прогласи стечај за А1 ќе престане и работниот однос на сите вработени во телевизијата. Единствено, стечајниот управник може да побара привремено да остане дел од тимот додека телевизијата емитува програма. Управата за јавни приходи минатата недела до Основниот суд Скопје 2, достави предлог за отворање стечајна постапка против А1 телевизија. Барањето било поднесено за да се обезбеди ефикасна наплата на долгот.Членовите на Советот за радиодифузија пак имаа различни мислења за тоа дали со отворање на стечајната постапка ќе и се одземе дозволата за работа на телевизијата. Различно го толкуваа членот 62 од Законот за радиодифузија кој вели „Ако настапи стечај или ликвидација, дозволата за работа престанува да важи“.Инаку, А1 телевизија должи вкупно 9,5 милиони евра и овие средства треба да ги подмири до средината на август. Во судскиот процес „Пајажина“ кој се води против сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски и неговите блиски соработници, сите обвинети освен управителот на А2 телевизија, Жаклина Ѓорѓиевска пред Судскиот совет ја дадоа своја одбрана.Сите се изјаснија за невини и се оградија од финансиското работење во фирмите каде што биле управители.Дневните весници, кои беа во сопственост на Велија Рамковски, Шпиц, Време и Коха **** е Ре“ веќе не излегуваат во печат, а новинарите се на колективен одмор. Вестите на А1 телевизија се редуцирани, а новинарите поделени во тимови ги подготвуваат вестите без репортерски извештаи, анализи, интервјуа или дебати. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.

