Македонија
Иванов – Тадиќ: Суштината на евроинтеграциите е во внатрешните реформи
Македонија и Србија не треба да се обесхрабруваат од пречките на патот кон Европската Унија, туку треба да работат на реформите што ќе резултираат со исполнување на сите потребни критериуми за членство, заклучија претседателите Ѓорге Иванов и Борис Тадиќ по денешната средба во Скопје.
Македонија и Србија не треба да се обесхрабруваат од пречките на патот кон Европската Унија, туку треба да работат на реформите што ќе резултираат со исполнување на сите потребни критериуми за членство, заклучија претседателите Ѓорге Иванов и Борис Тадиќ по денешната средба во Скопје.
Иванов порача дека одлагањето на доделувањето на датум за старт на пристапните преговори не ја обесхрабрува Македонија да работи на исполнувањето на сите потребни критериуми. Целта, како што рече, е да ја создадеме Европа внатре во државата.
„Ние продолжуваме со сите наши реформи, со сите достигнувања на европски вредности, критериуми и принципи внатре во државата. Како држава имаме цел да ја создадеме Европа внатре во државата. Тогаш многу полесно ќе одат преговорите, многу полесно ќе можеме да и кажеме на унијата дека сме зрели да бидеме нејзин член“, рече Иванов.
Ваквата порака на Иванов, порача Тадиќ треба да биде пренесена во Белград. Призна дека откако Србија не се стекна со кандидатски статус за членство, дошло до обесхрабрување кај дел од српските политичари. Посочи дека тој лично ќе продолжи да ја убедува меѓународната заедница дека Србија има легитимни интереси на Косово.
„Обесхрабрувањето и откажувањето беше карактеристика во политиката на западниот Балкан во децениите зад нас. Суштината на европските интеграции се внатрешните реформи и реформи на вредностите. Никогаш не треба да се откажуваме и тоа треба сите заедно да го научиме. Истовремено, треба да имаме една добро планирана и една добро проектирана политика. Србија има иднина во Европската Унија, потполно сум уверен и Македонија и целиот наш регион. Тоа е сосема сигурно е најсигурната зона за нашите граѓани“, рече Тадиќ.
Во однос на спорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, двајцата претседатели со став – црковниот проблем не е прашање со кое треба да се занимаваат властите во Македонија и Србија.
„Што се однесува до господинот Вранишковски, господинот Јован, неговото доаѓање во Македонија непосредно пред мојата посета е негов личен чин и се однесува на правната постапка што се води во Македонија против него и нема никаква врска со моето доаѓање во Македонија. Не сум ниту известен за неговото доаѓање, бидејќи тој има право да се однесува како секој граѓанин во согласност со своите интереси“, рече Тадиќ.
„Црковните прашања да ги оставиме на црквите, а судските случаи на судот“, рече Иванов.
Двајцата претседатели размениле мислења и за економската соработка меѓу двете земји, како и инфраструктурното поврзување. Подетално за двете прашања ќе се разговара на попладневниот Македонски-српски бизнис форум, каде Тадиќ и Иванов ќе имаат свои обраќања.
Посетата на Македонија Тадиќ ќе ја заокружи утре со средби со српската заедница во земјата. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

