Македонија
Останаа уште 198 кандидати за пилоти во МВР

По тестовите за англиски јазик и здравствените проверки на пријавените лица на конкурсот за пилоти за хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работим од вкупно 298 останаа уште 198 кандидати.
„По завршувањето на тестовите за познавање на англискиот јазик од вкупно тестираните 298 кандидати, тестирањето го минаа 214 кандидати (од кои 102 со високо и 112 со средно образование). По однос, пак на завршената селекција за утврдување на здравствена способност на кандидатите според критериумите за полициски службеник од 214 кандидати, селекцијата успешно ја минаа 198 кандидати”, се наведува во соопштението на МВР.
Во наредниот период процесот на селекција продолжува со фазата селекција на земја (Ground screening) која што ќе се изведува од страна на експерти од “Елбит Системи” од Израел, во Центарот за обука на пилоти на аеродромот Александар Велики.
Инаку како што претходно МВР информираше, на конкурсот за прием на 12 пилоти со и без работно искуство којшто беше објавен на почетокот на годинава се пријавија вкупно 466 кандидати, по што се започна со ригорозната селекција преку фазата на административно тестирање и проверката на моторичките способности на пријавените кандидати.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Петровец без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиено известување од ЕВН Македонија, ги информира граѓаните дека на ден 13.09.2025 година (сабота) ќе има прекин во напојувањето со електрична енергија.
Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, без струја ќе останат корисниците на ул. 5 во село Огњанци (потег од основното училиште до маркет „Перо“), во општина Петровец.
Македонија
Денес топло време, од утре нестабилно со локален пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 16, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Под влијание на циклонска активност во недела попладне, во текот на ноќта и во понеделник претпладне времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд (над 25 l/m²) и засилен ветер. Во понеделник ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h). Во деновите потоа ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Дел од Центар денес без вода поради дефект на водоводната мрежа

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиено известување од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, ги информира граѓаните дека на ден 13 септември 2025 година (сабота) ќе има прекин во водоснабдувањето во делови од Центар.
Поради уличен дефект на цевка со пречник Ф-275 мм на бул. „11 Октомври“ бб, кај Зелениот пазар, без вода ќе останат корисниците на потегот од Собранието до бул. „Кочо Рацин“, како и дел од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Прекинот ќе започне во 8 часот и ќе трае сè до санирање на дефектот, информираат од ЈП „Водовод и канализација“.