Свет
Најмалку 17 загинати во напад на сирискиот град Дера
Најмалку 17 лица се убиени ноќта кон саботата , меѓу кои се 9 жени и 3 деца, во јужниот сириски град Дера, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон.
Според активистите на Опсерваторијата, сириската армија извела напад врз станбена населба во градот кој се смета за еден од главните центри на бунтот против претседателот Башар ал-Асад. Во нападот биле ранети повеќе десетици лица, а некои од нив биле во критична состојба.
По нападот, според сириските опозициски активисти, дошло до судир меѓу војската и вооружените бунтовнички групи во градот, по што биле прекинати сите комуникации .
Сириската опсерваторија за човекови права наведува дека притисокот на власта и судирите меѓу војската и бунтовничките сили се засилиле и во сириската престолнина Дамаск, а дека во петокот во целата земја биле убиени 68 лица, главно цивили.
Пред два дена се убиени најмалку 78 лица меѓу кои 18 жени и деца во местото Мазрат ал-Кубеир во централната сириска провинција Хама, а сириските власти и опозицијата си ја префрлаат одговорноста за овој масакр.
Воените мировни набљудувачи со мандат на Обединетите нации во петокот попладне влегоа во селото и наведоа дека пронашле траги за присуство на владините сили, како и дека е извршен масакр, се наведува во соопштението издадено во саботата.
„Во селото немаше ниеден жител, па набљудувачите не може со никого да разговараат кој би сведочел за нападот од средата“, се прецизира во соопштението на набљудувачката мисија на ОН.
Се додава дека во близина на селото биле откриени траги од оклопни возила и дека некои од куќите се оштетени со ракети, гранати и друго огнено оружје и д различен калибар. Притоа западните агенции забележуваат дека само сириската армија поседува оклопни возила и тешко вооружување.
„Во некои од куќите се забележани траги од крв по ѕидовите и подовите. На улиците уште гореше оган и можеше да се почувствува силната реа од изгорено месо“, изјавуваат набљудувачи на ОН.
Во соопштението се додава дека околностите за нападот сé уште не се познати. „Имињата, деталите и бројот на убиените допрва треба да биде утврден. Набљудувачите уште работат на утврдување на фактите“, се додава во соопштението.
Момче коешто живеело во близината на Мазрат ал-Кубеир изјавило дека видело „изгорени тела на деца, жени и девојки’ како лежат на земјата.
Масакрот во селото Мазрат ал-Кубеир, во кое живеле 15-иан семејства со вкупно 150 жители, во покраината Хама, се одигра во средата, две седмици по масакрот во селото Хула каде што беа убиени 108 луѓе, од кои половината деца и 30-ина жени.
Опозицијата и Сириската опсерваторија за човекови права за масакрите ги обвинуваат „шабихите“, локалните вооружени народни милиции коишто го поддржуваат режимот на претседателот Башар ал-Асад, додека официјален Дамаск за масакрите ги обвинува терористичките групации во кои има и платеници од странство а се поддржани од странски земји./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

