Македонија
Паскали: Македонија е на добар пат со политика за долгорочни цели и визии
„Македонија и понатаму ќе има клучна улога на Балканот – географски добро поставена со култура која ги идентификува само Македонците. Важно е да се нотираат добрите политички одлуки на Владата и премиерот Груевски, особено во делот на зближување и градење добри односи со Кина, Индија и со Русија“, истакна американскиот аналитичар, Умберто Паскали, за програмата „Гласот на народот“.
Според Паскали, политиката на Груевски е со долгорочни цели и визии. Неговото однесување било и се уште е пример за многу други лидери, а неговиот оптимизам и активизам се предизвикувачки.
Американскиот аналитичар истакнува дека Македонија оди во добар правец и дека политичко лидерство, предводено од премиерот Никола Груевски, има доста постигнувања кои ќе бидат основа за понатамошна доверба од граѓаните, додавајќи дека Македонија може да биде горда на ваков политичар.
Паскали смета дека граѓаните на престојните претседателски избори поддршката треба да ја дадат за актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов поради неговата професионалност, но и промоцијата на културата, хуманоста и идентитетот на Македонија.
„Неговиот интелектуален и човечки талент, неговата способност да создаде пријатели насекаде низ светот и да и даде лице на културата, историјата и хуманоста на Македонија. Лидери како овие го создаваат богатството на земјата, нивната политичка храброст ги одвлекува и им создава бес на оние кои сакаат да ја дестабилизираат земјата”, вели Паскали.
Според Паскали, Европската унија го покажа вистинското лице, во случајот со Украина. Тој тврди дека заедницата била клучниот спонзор на државниот удар и на насилството во Украина, но, вели дека Европа и САД во никој случај нема да сакаат војна. Владите на сите тие држави, според него, не се суверени туку управувани од финансиските центри на Волстрит и тие во Лондон.
„Некомпетентните водачи на меѓународната заедница изгубија секаква смисла и го фрлија оружјето на социјална дестабилизација, вооружена инвазија – направија фашистички марш во Киев, како тој на Мусолини во Рим, кој беше насочен кон рускиот народ. Беа со цел да и се даде на Русија третман како Либија, и тоа не го правеа тајно. По изјавите дадени од страна на Џорџ Буш до Михаил Горбачов дека НАТО не може да се користи за притисок кон Исток, сега американската Влада го направи токму тоа и кон руска територија”, вели Паскали.
Тој додава дека токму поради тоа западните дипломати веднаш побрзале да го признаат легитимитетот на новата Влада и да го поддржат Јацењук, кандидатот на Викторија Нуланд како нов премиер додека членовите на Парламентот биле брутално претепани на улица, нивните куќи нападнати, нивните семејства тероризирани, за наводно да се обезбеди нивната поддршка за демократскиот процес.
Сепак, Паскали тврди дека нападот кон Киев не бил своевидна војна против Русија туку всушност војна кон Европа.
Најважната точка, е дека оваа војна и политиката на грабеж не е во интерес на Европејците, па дури и на Американците, истакнува американскиот аналитичар Умберто Паскали за програмата „Гласот на народот”./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

