Свет
Лавров: Дамаск почна со исполнувањето на планот на Анан
Сириските власти почнаа со спроведувањето на планот на специјален пратеник на ОН и Арапската лига, Кофи Анан за надминување на кризата во Сирија, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров во вторникот, по разговорите со сирискиот колега Валид Муалем.
„Ние со министерот Муалем (министерот за надворешни работи на Сирија, Валид Муалем, кој е во посета на Москва – з.р.) зборувавме до детали за имплементацијата на планот. Напоменуваме дека ни беше потврдена посветеноста на сириското раководството на сите свои обврски, и информации во однос на ангажираноста на војската и тешкото вооружување во градовите“, рекол на прес-конференцијата во Москва, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, пренесува РИА Новости.
Планот на специјалниот заеднички претставник на Обединетите нации и на Арапската лига за Сирија, поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, предвидува спроведување од страна на сириската влада и на опозицијата голем број обврски, во прв ред престанок на вооруженото насилство од страна на сите страни под ефективна контрола на специјален механизам на ОН, обезбедување хуманитарна помош за населението во областите зафатени со конфликтот и почнување на политичкиот дијалог во земјата. Предлозите на Анан беа едногласно одобрени од страна на Советот за безбедност на ОН со изјавата на неговиот претседавач од 21-ви март. Во неа беше јасно кажано дека Анан редовно ќе го информира Советот за безбедност за напредокот на неговата мисија.
Истоврмено рускиот министер за надворешни работи истакнал дека Москва нема да го игнорира „добро познатиот факт дека предлозите на Кофи Анан, не беа прифатени од повеќето опозициски групи, вклучувајќи го и Сирискиот национален совет“.
Според Лавров, уште пред почетокот на спроведувањето на планот на Анан, „партнерот на западните земји“ Сирискиот национален совет соопштил дека „овој план нема да успее“.
„Ги повикуваме сите опозициски групи, и сите држави коишто имаат влијание на политичката а особено вооружената опозиција, да влијаат за итен прекин на огнот од сите страни, како што е предвидено со планот на Кофи Анан“, изјавил Лавров.
Лавров потсетил дека шестте предлози на Анан сугерираат „првите чекори што треба да се преземат се повлекување на војската и тешката опрема од градовите, но целосен и одржлив прекин на огнот, според планот на Анан, е можно само со реципрочност, при што сите страни ќе соработуваат со специјалниот пратеник за оваа цел, како и за создавање услови за присуство на теренот на ефективен механизам за мониторинг“.
Во почетокот на април Кофи Анан изјави дека официјален Дамаск ја дал својата согласност за спроведување на неговиот план да започне не подоцна од 10-ти април. Тој исто така, предложи да се бара од завојуваните страни прекин на огнот за рок од 48 часа потоа.
Минатиот четврток, сириските власти го информираа специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига, за делумно повлекување на војската од три сириски града – Идлиб, Забадани и Дера’а. Сепак, официјален Дамаск, во неделата соопшти дека нема да ги повлече своите војски сé додека вооружените групи не дадат писмена гаранција за прекин на огнот. Командата на Слободната сириска војска одби да даде таква гаранција, но изрази подготвеност да престане со борбите на 10-ти април, дури и без повлекување на владините трупи од населените места. /крај/рн/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

