Македонија
Позитивни оценки за македонското правосудство

Првиот меѓународен извештај за проценка на имплементација на Стратегијата за реформи во судскиот систем доби позитивна оценка.
Првиот меѓународен извештај за проценка на имплементација на Стратегијата за реформи во судскиот систем доби позитивна оценка.
„Во извештајот експертите од Европската комисија оценуваат дека за краток временски период се донесени голем број на закони како и важни технички и организациски промени.Министерството за правда е задоволно од оценката и самиот извештај кажува дека е направен одличен напредок“, рече државниот секретар во министерството за правда, Биљана Бошковска.
Цитирајќи делови од извештајот, Бошковска рече дека е констатиран импресивен напредок во делот на судската независност, додека во делот на јавното обвинителство експертите имаат наведено дека локалниот систем може да прерасне во модел, кој што може да им користи на сите оние држави кои сакаат да воспостават биланс помеѓу автономијата на обвинителството како и ефикасноста на контролата на криминалот./крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани од Даблин: Блокирањето на процесот на интеграција ја поткопува стабилноста на континентот

Работната посета на Ирска, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Даблин, ја започна со средба со ирскиот државен министер за европски прашања и одбрана, Томас Брн, која беше посветена на продлабочувањето на билатералните односи и институционалната соработка меѓу Северна Македонија и Ирска, со фокус на европската интеграција, реформските процеси и регионалната стабилност.
На средбата беше истакната важноста на имплементацијата на Реформската агенда и Планот за раст на ЕУ за ЗБ како главни двигатели на приближувањето кон Унијата. Поаѓајќи од пораките испратени од Самитот за Планот за раст на ЕУ што неодамна се одржа во Скопје, средбата овозможи и продлабочување на дијалогот околу натамошната имплементација на оваа иницијатива како инструмент за забрзување на интеграцијата.
Министрите разговараа за европската перспектива на земјата и претстојното ирско претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2026 година, како можност за дополнително зајакнување на соработката со земјите од Западен Балкан.
Муртезани се заблагодари за цврстата и доследна поддршка што Ирска ѝ ја дава на Северна Македонија, особено за нејзината принципиелна и гласна позиција за дебилатерализација на евроинтегративниот процес преку отфрлање на билатералните условувања и залагањето за пристапување засновано исклучиво на исполнети критериуми и заслуги, како основа за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на Унијата. Тој ја поздрави посветеноста на Ирска во нејзината активна улога во унапредувањето на евроинтегративниот процес во пресрет на претседавањето, особено преку подготовката на првата Ирска Стратегија за Западен Балкан.
Во светло на тековните подготовки на овој документ, како национална стратегија на Ирска, а кој треба да ја постави рамката за посистемска и продлабочена соработка со земјите од нашиот регион, министерот Брн оцени дека навремената посета на министерот Муртезани претставува вреден придонес за подготовката на Стратегијата, како и во насока на унапредување на политичкиот дијалог и соработката во делот на евроинтеграциите.
Брн и Муртезани разговараа за можностите што овој документ ќе ги отвори за засилено ирско дипломатско присуство во регионот, интензивирање на политичките билатерални контакти, поддршка за нашата реформската агенда, како и соработка во домените на културата, образованието и економијата. Тие исто така се осврнаа на регионалната стабилност и политиката на проширување на ЕУ, кои претставуваат централни елементи на ирските приоритети за време на претстојното претседавање со Советот на ЕУ и ќе бидат рефлектирани и во Стратегијата за Западен Балкан.
Mинистерите Муртезани и Брн се согласија дека во услови на зголемени геополитички превирања, зачленувањето во Европската Унија не е само политички избор, туку стратешка неопходност за зајакнување на европската безбедносна архитектура.
Соговорниците констатираа дека блокирањето на процесот на интеграција ја поткопува стабилноста на континентот, додека одржлива и предвидлива интеграција на земјите-кандидатки е во заеднички интерес. За време на средбата, Брн и Муртезани потенцираа дека проширувањето мора да остане меѓу клучните приоритети на Унијата и дека стабилна и обединета Европа е најдобриот одговор на предизвиците со кои се соочува и регионот на ЗБ и Унијата.
Министерот Муртезани исто така нагласи дека Владата на Северна Македонија е заинтересирана за иницијативи кои ќе помогнат во приближување кон Единствениот европски пазар, во спроведување на ЕУ-реформите и во подобро искористување на ИПА фондовите. Во тој контекст, двајцата министри разговараа за можностите за институционално партнерство и пренос на ирското искуство и знаење, вклучително и преку техничка помош и обуки за јавната администрација, во соработка со Ирскиот институт за јавна администрација и други релевантни институции.
Македонија
Македонски Концепт: Итно да се констатира дека „Договорот за добрососедство” е раскинат од страна на Бугарија

Од политичката партија Македонски Концепт велат дека остануваат цврсто на својот став дека Договорот за добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е еднострано раскинат од страна на Република Бугарија.
„Согласно Став 13, Член 3 од Договорот, со донесувањето на Рамковната позиција во бугарското Собрание и нејзиното доставување преку официјален Меморандум до Република Македонија и сите земји членки на Европската Унија на 17.09.2020 година, Република Бугарија формално-правно го раскина Договорот“, велат од таму.
Според Македонски Концепт овој чин е спротивен на духот и содржината на Договорот и резултирал со уназадување на македонско-бугарските односи, создавање на непријателство наместо пријателство и блокирање на европската интеграција на Република Македонија.
„Во тој правец, Македонски Концепт бара итно констатирање на престанокот на важноста на Договорот од страна на македонските институции; прекин на работата на т.н. историска комисија; прекин на важноста на Протоколите потпишани од Никола Димитров и Бујар Османи и изготвување нова Преговарачка рамка со ЕУ“, се наведува во соопштението.
Од Македонски Концепт велат дека остануваат посветени на отворање ново историско поглавје на вистинско пријателство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и на реална интеграција во Европската Унија, цврсто следејќи ги 6-те фундаментални вредности врз кои е формирана Европската Унија.
Македонија
Можно е Костадинов да се кандидира за градоначалник на Струмица како независен кандидат

Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, ја отвори можноста да се кандидира како независен кандидат за нов мандат, oткако СДСМ не го предложи за претстојните локални избори, по што тој го замрзна членството во партијата.
На социјалните мрежи, Костадинов сподели дека добива стотици пораки, повици, разговори – со прашањето: „Дали ќе се кандидираш како независен кандидат за градоначалник?“ Неговиот одговор е: „ Да, можно е, но оваа одлука не е конечна ова е мисла во зачеток“, напиша Костадинов.
Дополнително, вели, и дека не сака со ништо да им наштети на неговите другари (мисли на довчерашните сопартијци од СДСМ) со кои делел и добро и тешко, но не може да молчи пред енергијата што ја чувствува од граѓаните.
Најави дека одлуката ќе ја соопшти јавно за неколку недели – и таа ќе биде остра, конечна и целисходна. Зашто кога одговараш пред народот, вели Костадинов, мораш да бидеш подготвен не само да победиш, туку и да ја носиш победата со чест.
СДСМ вчера ги соопшти имињата на 11 кандидати за градоначалници, а Костадинов повеќе не е нивен предлог за Струмица. Во овој град Социјалдемократскиот сојуз вчера го предложи Марјан Даскаловски, по што Костадинов објави дека го замрзнал членството во партијата. Информира дека одлуката ја донел со чесност и срце, со уверување дека СДСМ треба да се врати таму каде што и е местото. Костадинов , потоа, поради, како што рече, тешката состојба на неговата партија најави ново интерпартиско делување кое ќе почне да го креира во следните месеци, а ќе го презентира по локалните избори.