Македонија
Македонија погодена од силно невреме
Силно невреме проследено со пороен дожд, ветар со брзина од 100 км. на час, грмотевици и ретка локална појава на град го погоди вчера попладне
Силно невреме проследено со пороен дожд, ветар со брзина од 100 км. на час, грмотевици и ретка локална појава на град го погоди вчера попладне скопскиот, полошкиот и прилепскиот регион.
Како што за Макфакс информираат од Центарот за управување со кризи(ЦУК), во скопското подрачје брзината на ветрот на моменти достигнала и до 100 километри на час, a наврнале 231 литар/m2 дожд.
Поради обилниот дожд под вода се најдоа повеќе улици низ Скопје, поради што сообраќајот во овие делови на градот беше во прекин.
Дежурните екипи на ЈП Водовод и канализација веднаш интервенирале кај новата клучка кај хотелот Континентал, подвозникот кај Стоковната куќа – Мост, подвозникот кај улица Бихаќка, подвозникот кај населбата Бутел, сообраќајницата кај Момин Поток и главната сообраќајница во населбата Чаир.
Во санирањето на состојбата кај новата клучка во близина на хотелот Континентал биле вклучени четири цистерни и екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје. Водата целосно се повлекла од критичните места еден час по полноќ.
Невремето во текот на вчерашниот ден го прекина и првенствениот фудбалски меч меѓу Работнички и Победа, кој во тоа време се играше на Градскиот стадион во Скопје.
Како што информираат од ЦУК, екипата за противградобијна одбрана во Тополчани, вчера во попладневните часови испалила 11 ракети во атарите на селата Болино и Наколец. Поради силниот ветар и лошото време во велешкиот регион забележани се повеќе дефекти во електроенергетската мрежа.
Поради електрични празнења вчера имало поголем број на повремени прекини во снабдувањето со електрична енергија во регионот на Виница, а без струја уште се селата на планината Лисец. Како последица на електрични празнења дошло до прекин во снабдувањето со струја и во селата Дулица и Цера во делчевскиот регион.
Надлежните служби работат на отстранувањето на дефектите и се очекува овие села во текот на денот да добијат струја.
Според податоците од УХМР, и во текот на денешниот ден се очекува да има локална појава на невреме проследена со интензивен дожд, силен ветер, грмежи и град.Температурата на воздухот значително ќе опадне. /крај/цук/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

