Свет
Четворица штитеници мртви за две недели
Полицијата била повикана да поведе истрага за смртта на една 30-годишна жена оти постоеле сомневања за причините од што починала
ВО СПЕЦИЈАЛНИОТ ЗАВОД ВО ДЕМИР КАПИЈА
Полицијата била повикана да поведе истрага за смртта на една 30-годишна жена оти постоеле сомневања за причините од што починала
Смртта на четворица штитеници во рок од 15 дена ги вознемири вработените во Специјалниот завод во Демир Капија, единствена институција во државата што згрижува најтешко ретардирани лица. За една од настраданите штитенички била поведена и истрага, бидејќи постоеле сомневања во причината за смртта. Вработени обвинуваат дека во тешки услови, кога во установата владее грип, директорот и единствениот лекар во заводот биле на седумдневен семинар во Србија.
Нашите извори, кои сакаат да останат анонимни, велат дека квалитетот на исхраната што ја добивале 330 тешко и најтешко ментално ретардирани лица е лош, нема доволно чаршафи, а поради недостиг од памперс-пелени на неподвижните им биле ставани стари и искинати крпи. Некои од децата немале чорапи, а боси не можеле да одат на вежби. Нашите извори тврдат дека смртноста во заводот споредено со истиот период во претходните години била зголемена.
Лекарот Јордан Нечев потврдува дека за смртта на една 30-годишна штитеничка побарале полициска истрага оти постоеле сомневања од што настапила смртта.
– Истрагата треба да потврди дали се работи за автоагресија, напад од друг штитеник или напад од друго лице во заводот – вели Нечев.
Тој негира дека меѓу згрижените има зголемена смртност. Според него, дали има или нема зголемување на смртните случаи, може да се каже кога ќе се споредат бројките од цела календарска година.
– Дури и ако има зголемена смртност, тоа не е поради негрижа, туку поради стареење на штитениците, нивната истоштеност и неможноста сами да се хранат. А установата нема доволно вработени за да ги храни со лажичка – вели Нечев.
Некои од штитениците, кои се неподвижни, како што вели тој, сонце не виделе со години. Нечев ги повикува надлежните да го решат проблемот со некои од болниците што одбивале да ги примат нивните штитеници како пациенти заради староста или менталната ретардираност. Тој потврдува дека има грип, но дека не е од епидемиолошки размери, иако издале наредба за забрана на посети кај штитениците. Лекарот признава дека во заводот нема доволно ќебиња, но вели дека има памперс.
Директорот Петре Николов, кој со Нечев вчера се врати од Дефектолошките денови во Србија, соопшти дека со функцијата во октомври лани наследил и долгови од околу 17 милиони денари. Наишол на празна каса бидејќи биле потрошени сите пари за јавни набавки. Благодарение, вели, на надлежното министерство, со ребалансот на буџетот биле покриени долговите. Новото раководство се трудело да ги исправи 11-те аномалии во јавните набавки што биле утврдени со ревизијата на работењето на установата во 2005 година. Министерството за труд и социјала ја прифатило новата систематизација, која предвидува 189 работници во институцијата, наспроти сегашните 124.
– Има поединци на кои не им одговара доброто работење во заводот, па сега прават проблеми – смета Николов.
Тој негира дека исхраната била лоша и дека невработено лице располага со хуманитарната помош, како што тврдат луѓе што сакаа да останат анонимни.
Светлана Дарудова
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos

