Македонија
Средба Груевски – Нода во Токио
Премиерот Никола Груевски денеска во Токио оствари средба со премиерот на Јапонија на која се разговараше за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, информираат од владата.
Премиерот Никола Груевски денеска во Токио оствари средба со премиерот на Јапонија на која се разговараше за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, информираат од владата.
Двајцата соговорници изразиле задоволство што за прв пат од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји во 1994 година, премиер на Македонија доаѓа во посета на Јапонија.
На средбата, исто така, било изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји кои ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање и притоа се нагласи дека постои огромен, неискористен потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, а особено во економската сфера.
Премиерот Груевски уште еднаш изразил сочувство до јапонскиот народ за големиот број на загубени животи и огромната материјална штета од природната катастрофа што ја погоди Јапонија во март 2011 година, како и од проблемите кои се јавија во нуклеарната централа Фукушима, при што укажа дека македонската Влада, како гест на солидарност со трагедијата што и се случи на Јапонија и во рамките на своите можности, се вклучи во хуманитарните напори на меѓународната заедница за поддршка на Јапонија.
На средбата беше истакната потребата од фокусирање на развојот на односите на економската соработка, јакнење на трговската размена и иницирање и зголемување на јапонските инвестиции во Македонија и во тој контекст го информираше премиерот Нода дека во рамките на посетата се организирани два бизнис-форуми, во Токио и Осака, при што истакна дека реформите што ги спроведува Владата на Македонија во повеќе сфери, како и поволностите и компаративните предности кои што ги нуди македонската економија, ќе ги поттикнат јапонските бизнисмени да ја искористат Македонија како порта за водење на нивниот бизнис во европски рамки.
Премиерот Груевски го информираше премиерот Нода дека македонската Влада има донесено одлука на крајот на 2012 година да биде отворена амбасада во Јапонија, при што го пренесе интересот на македонската Влада за реципрочно отворање на јапонска амбасада во Скопје во блиска иднина.
На средбата премиерот Груевски го информираше својот соговорник за реформските процеси што ги презема македонската Влада и за стратешките приоритети во надворешната политика на Македонија за интеграција во НАТО и ЕУ. Во тој контекст, премиерот Груевски истакна дека единствена пречка во европските и евроатлантските интеграции е наметнатиот спор за уставното име на Република Македонија и блокадата од страна на нашиот јужен сосед, за што земјата поведе спор пред Меѓународниот суд на правдата чија што одлука се очекува да се објави на 5 декември, при што ја посочи македонската посветеност за изнаоѓање решение за овој проблем во рамките на процесот што се води во ООН.
Груевски изразил благодарност за досегашната финансиска и техничка поддршка од Јапонија, реализирана меѓу другото и преку активностите на Јапонската агенција за меѓународна соработка во Македонија. Притоа, беше истакната успешната реализација на повеќенаменскиот хидро-проект “Злетовица“, кој беше финансиран од јапонска страна, а воедно ја пренел подготвеноста на владата за натамошни меѓусебни консултации за согледување на можностите за започнување нови инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за ублажување на климатските промени и заштита на животната средина, преку искористување на поволните услови за финансирање од страна на Јапонската агенција за меѓународна соработка.
Премиерот Груевски го известил Нода дека во последните неколку години е зголемен бројот на туристи од азиските земји, при што изрази надеж дека по пуштањето во употреба на реновираниот аеродром во Скопје ќе се зголеми бројот и на јапонските туристи кои секогаш се добредојдени во Македонија.
Во функција на унапредување на односите меѓу двете држави и олеснување на соработката во економијата, премиерот Груевски го изнесе интересот на македонската страна за зајакнување на правната рамка, особено во доменот на взаемна заштита на инвестициите и на одбегнување на двојното оданочување, а во некоја подоцнежна фаза и преку склучување спогодба за слободна трговија. Во овој контекст беше истакнато дека постои потреба и за зајакнување на правната рамка во доменот на полициската соработка, царината, културата, како и образованието, особено во однос на интересот за зголемување на бројот на стипендии за македонски студенти за усовршување или постдипломски студии на државните универзитети во Јапонија.
Во доменот на мултилатералните односи двајцата премиери изразија задоволство од досегашната успешна соработка на ниво на ООН и воедно ја реафирмираа подготвеноста за нејзино продлабочување во наредниот период.
На средбата се заклучи дека оваа посета на Јапонија дава голем оптимизам за текот на идната соработка меѓу двете пријателски земји, особено во економската сфера, а со цел продолжување на политичкиот дијалог на високо ниво премиерот Груевски упати и официјална покана до премиерот Нода за возвратна посета на Македонија. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Акција за чистење и уредување на трим-патеката во Кисела Вода
Во рамките на континуираните активности за одржување на јавните површини и унапредување на животната средина, Општина Кисела Вода од утрово спроведува обемна интервенција за чистење, кастрење, косење и подигнување на кабаст отпад долж трим-патеката, на потегот од објектот на Институтот за јавно здравје до спојката со булевар Србија.
За реализација на овие активности се ангажирани 30 сезонски работници. Со цел ефективно и квалитетно извршување на работите, се користи и целокупната опрема на општината: камиони, тримери и телескопски пили.
Со овие интервенции, Општина Кисела Вода продолжува да работи на одржување чиста и уредна животна средина, обезбедувајќи јавни простори кои се функционални и пријатни за рекреација и слободно време на сите граѓани.
Воедно, локалната самоуправа упатува апел до граѓаните за одговорно и совесно однесување, со правилно одлагање на отпадот, со цел заеднички да ја зачуваме чистотата и редот во нашата општина.
Македонија
Зајкова: Срамно е после 18 месеци чекање нов Кривичен законик да добиеме само козметички интервенции на постоечкиот
На вчерашната седница на Собранието, на која се дискутираше усвојувањето на новите измени на Кривичниот законик, претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, од собраниската говорница порача дека е срамно после 18 месеци замајување на јавноста и на граѓаните дека ќе добиеме целосно нов кривичен законик, денеска да имаме предлог кој што е само уште една козметичка измена.
„Осумнаесет месеци се ветува целосно нов КЗ, се зборува за реформи, за европски стандарди, за правда, а денес пред нас имаме предлог што воопшто не ја менува суштината и воопшто не е нешто поразличен од она што веќе постои. И ова не е реформа и не може да го нарекуваме реформа, ова е чиста козметичка интервенција врз закон кој што безброј пати досега беше сакатен. Не ми е јасно само на кого му одговараше статус квото сите овие месеци? Дали на оние што имаа што да изгубат ако правдата навистина проработи? Можеби им одговараше на некои поранешни или актуелни функционери, на носители на високи функции кои што со години го злоупотребуваат буџетот и јавните ресурси, но сигурно не беше од јавен интерес“, изјави Зајкова.
Според претседателката, ова статус кво им одговара само на оние кои знаат дека со вистински Кривичен законик би се соочиле со реална кривична одговорност. Секој изминат месец со скратени рокови на застареност, значи само уште еден спасен предмет. Зајкова потсети и на предлогот на ЛДП за зголемување на роковите за застареност на кривичните дела, кој што во минатиот собраниски состав беше чуван во фиока под клуч, во овој беше одбиен молчешкум, без аргументи, а во јавноста се прикажуваше дека истото е направено затоа што се чека нов кривичен законик, кој што е даден на мислење во Венецијанската комисија.
„Мене стварно не ми е јасно луѓе, од што се плашите? Ако чесно и одговорно ги вршите функциите во име на граѓаните, како што говорите, зошто се плашите сите од поголеми рокови за застареност? Со измените кои што сте ги предложиле, можеби личи нешто драстично покачена казната, меѓутоа поставувате повторно многу ниски максимални казни за клучните кривични дела, што повторно дава можност за застареност. Во институтот на застареност воопшто и не се интервенира. Повторно се бришат од одговорност службените лица во органите на државната управа, односно министрите нема да одговараат за местење и посредување на тендери. Јавните набавки иако ги има, ќе продолжат да се договараат легално преку распишан тендер со фаворизирање, бидејќи истото не е инкриминирано, а одговорноста ќе се губи низ правните лавиринти што остануваат отворени, оставајќи законски празнини. И ова не е борба против корупцијата. Ова е само менаџирање како повторно да не бидат допрени најмоќните“, посочува претседателката Зајкова.
За спроведување на вистински реформи, Зајкова понуди да го достави и предлог решението на ЛДП, за да се интегрира во новиот кривичен законик или владејачкото мнозинство да го поднесе како нивен предлог, доколку е болно или срамно да се прифати предлог од ЛДП.
„Граѓаните гледаат, паметат и знаат кому точно му служи ова одолговлекување на измените на КЗ. Тоа сигурно не е на правдата, туку веројатно на оние коишто најмногу се плашат од правдата. За волја на вистината, дел од нив и побегнаа, а тука и вас ве гледам како виновни што тоа го дозволивте, иако кога бевте опозиција со години ни ја триевте на глава кои се најголемите криминалци, истите тие што сега се во бегство“, вели Зајкова, додавајќи дека не поддржала, ниту во иднина ќе поддржи закон кој не носи системски измени, но и дека е подготвена да даде целосна поддршка доколку се донесе навистина квалитетен и системски кривичен законик.
“Знам дека тука седат чесни луѓе кои не се плашат од одговорност и дека можеме да донесеме квалитетен системски закон, наместо благи измени“, им порача Зајкова на присутните пратеници.
Македонија
На 108 години почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка која се спаси од Холокаустот
На 108-годишна возраст почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка и најстарата жива Еврејка по потекло од Битола, која го преживеа Холокаустот и до крајот на животот верно го чуваше споменот на битолските Евреи, јави битолската „Тера“.
Рејчел Нахмијас е родена во 1917 година во Битола. Во 1943 година се спасила од депортација во нацистичките концентрациони логори, откако била сокриена во багажникот од автомобилот на тогашниот албански конзул во Битола. Благодарение на овој чин, таа успеала да го спаси животот.
Во тој период имала 26 години, а нејзините спасувачи ја однеле во Албанија, каде што ја поминала Втората светска војна. Со албанското семејство кое ѝ помогнало живеела до 1950 година, по што се преселила во Бостон, Соединетите Американски Држави.
Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзината внука, познатата пејачка Сара Ароесте, која често престојувала во Битола и со голема посветеност го негува споменот на своето семејство и на еврејската заедница која некогаш живеела на Широк сокак.
Во објава на Фејсбук, Ароесте напиша:
„Со длабока тага објавувам дека овој викенд почина мојата херојска драга роднина Рејчел, на неверојатни 108 години. Рејчел е родена во 1917 година во Битолско. Таа била сведок на толку многу работи во својот неверојатен живот. Како единствена преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Оваа фотографија е направена пред само 3 месеци кога таа сè уште беше целосно активна и споделуваше приказни и песни со мене. Има уште многу што да се сподели за мојата Рејчел која беше вистински благослов за овој свет.“
Рејчел Нахмијас останува симбол на преживување, човечка храброст и жив сведок на трагичната судбина на битолските Евреи.

