Македонија
Давитоглу: Патот на Македонија кон ЕУ треба да биде отворен
Пораката за поддршка за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, како и за добри македонско-турски односи денеска во Скопје ја пренесе шефот на турската дипломатија Ахмет Давитоглу во рамките на неговата дводневна посета во земјава.
Пораката за поддршка за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, како и за добри македонско-турски односи денеска во Скопје ја пренесе шефот на турската дипломатија Ахмет Давитоглу во рамките на неговата дводневна посета во земјава. На средбата со неговиот македонски колега Антонио Милошоски, биле констатирани добри политички, економски и културни односи меѓу двете земји. Давитоглу ја повтори поддршката од страна на Турција за евро-атлантската интеграција на земјава. „Ја поддржавме кандидатурата на Република Македонија за членство во НАТО и ќе продолжиме на најсилен можен начин да ги поддржиме во тие напори. Верувам дека патот на Македонија кон Европската Унија треба да биде отворен и се надевам дека заедно ќе бидеме една активна средина како членки на Унијата. Успехот на Македонија е и наш успех“, порача Давитоглу. Тој нагласи дека трговската размена меѓу двете земји изнесува околу 320 милиони долари, а вкупните економски инвестиции достигнале ниво од околу 500 милиони долари. Заблагодарувајќи се за поддршката за земјава Милошоски нагласи дека Македонија и Турција се пример за добри билатерални односи. „Однесувањето на Македонија и Турција во Балканскиот регион е такво што не создава дополнителни проблеми, туку дава придонес оние постојни проблеми и недоразбирања да се надминуваат во интерес на стабилноста и заедничката соработка“, рече министерот Милошоски. Давитоглу и Милошоски констатираа дека земјава е пример за етничка и верска толеранција. Во тој контекст, се заложија за заштита на верските објекти што од перидот на Отоманската империја се наоѓаат на територијата на Македонија. На шега, министерот Милошоски изјави дека поради набиената агенда на министерот Давитоглу, нема да бидат во можност заедно да гледаат една епизода од турската серија „Шехерзад“. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

