Македонија
Ивон: Во извештајот ќе има и признанија и лекции за Македонија

Во извештајот за напредокот на Македонија од Европската Комисија оваа година ќе се стави акцент на изборите и за тоа како поминаа тие, вели амбасадорот на Велика Британија Кристофер Ивон.
Во извештајот за напредокот на Македонија од Европската Комисија оваа година ќе се стави акцент на изборите и за тоа како поминаа тие, вели амбасадорот на Велика Британија Кристофер Ивон.
„Извештајот за напредокот на Македонија, сè уште се изготвува, а јас не го пишувам, така што не можам да шпекулирам. Сметам дека секаде каде што има позитивен развој во Македонија, извештајот за напредокот ќе го препознае тоа, а она каде што треба да се преземат подлабоки реформи, исто така ќе се препознае. Оваа година дефинитивно ќе се стави акцент на изборите и како тие беа проследени и сигурно ќе има признанија од меѓународната заедница за изборите, но ќе има и лекции кои ќе можат да се научат“ изјави Ивон на потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Владата на Велика Британија и Ирска.
Во врска со јавната администрација тој вели дека без разлика колку е добра, секогаш може подобро, но вели дека Македонија во оваа област има континуиран развој.
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски е задоволен од спроведените реформи во јавната администрација со оглед на тоа што тие започнале пред седум месеци.
„Имајќи во предвид дека реформата во јавната администрација започнаа пред неполни седум месеци, она што можеме да го видиме од резултатите во некои институции каде што пред два месеци го воведовме уредот каде што граѓаните може директно да ја оценуваат администрацијата, тоа се Управата за јавни приходи, Агенција за катастар, Царинска управа МВР, ФЗОМ, е дека над 75 проценти генерално земено, граѓаните се задоволни од услугата која што им ја нудат токму тие институции“ вели Ивановски и додава дека со проектот за интероперабилност граѓаните не треба да одат од институција во институција.
Најголеми очекувања, Министерството има кон крајот на оваа година, кога дел од проектите ќе бидат реализирани. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на ОАЕ, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси.
Пренесувајќи ѝ поздрав од претседателот на Емиратите, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, амбасадорот истакна дека во неговата работа ќе се фокусира на одржување на добрите политички односи, како и проширување и продлабочување на односите во другите сфери.
Сиљановска-Давкова рече дека чинот на предавање акредитиви е почеток на ново поглавје во зацврстувањето и натамошното унапредување на пријателските односи, коишто двете земји ги негуваат три децении. Таа го нагласи интересот за интензивирање на соработката на економски, трговски и инвестициски план и изрази верба дека бизнисмените и претприемачите од ОАЕ ќе ги искористат погодностите за инвестирање коишто македонската Влада им ги нуди на странските инвеститори. Подеднакво важна, според неа, е и соработката во: образованието, науката, културата, здравството, туризмот и земјоделството, како и контактите меѓу бизнис заедниците и стопанските комори.
Разговарајќи за меѓусебната трговска размена и директните инвестиции на Емиратите коишто во 2023-та година изнесувале 3,11 милиони долари, Сиљановска-Давкова рече дека економските односи не соодветствуваат на одличните политички релации и двете земји треба да работат на нивно хармонизирање.
На средбата, соговорниците се согласија дека преку отворање на амбасада на Емиратите во нашата држава, а која би опфатила и неколку земји од регионот, институционално ќе се подобри амбиентот за соработка.
Посакувајќи му успешно извршување на престижната и одговорна амбасадорска функција, преку него претседателката упати покана до претседателот на Емиратите и владетелот на Абу Даби, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан да ја посети земјава.
Македонија
Одиме во опозиција, доколку има сомнежи во тие што се во Владата, нема што да бараме таму, соопшти Таравари

Минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години и за тоа сме многу гроди, изјави лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари откако вечерва во централното седиште во Тетово беше одржан состанок со највисоките раководни органи на партијата.
„Но промените што ги ветивме за жал не ги испорачавме. И за тоа секојдневно граѓаните не критикуваат. Затоа ние одлучивме да се вратиме кај граѓанинот. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Со „Вреди“ се обидувавме околу шест недели да изнајдеме начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници. Но не успеавме во тоа и денеска констатираме дека доколку има недоверба во тие што се членови на Владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи, немаме што да бараме таму. Едноставно подобро е да бидеме надвор и да се вратиме кај граѓанинот“.
Таравари потенцира дека има огромно незадоволство од Албанците за тоа како владее „Вреди“ во оваа Влада. Основните незадоволства како што посочи се околу Законот за правична застапеност.
Албанците се жалат, додаде Таравари дека третманот на тие што се вработени во администрацијата е полош од порано, што како што рече, нив искрено ги загрижува.
„Многу ни е битен и европскиот пат на Македонија. Мислам дека ова ќе биде тежок период за Македонија. Многу е битно да бидеме што поскоро дел од ЕУ. Така што, не ни преостанува ништо друго освен да кажеме дека одиме во опозиција и во октомври се враќаме со мошне добри резултати на локалните избори“, нагласи Таравари.
Македонија
Муцунски во посета на болницата во Стокхолм, каде беа хоспитализирани македонските пациенти повредени во пожарот во Кочани

Во рамки на дводневната работна посета на Шведска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ја посети универзитетската болница „Каролинска“ во Стокхолм, каде беа хоспитализирани четворица пациенти повредени во пожарот во Кочани.
Во текот на посетата, министерот оствари средба со раководството на болницата, при што беа презентирани капацитетите, ресурсите и експертизата со кои располага оваа реномирана здравствена установа, која во 2025 година беше рангирана како петта најдобра болница во светот.
Муцунски изрази искрена благодарност до целиот медицински персонал за солидарноста, високото ниво на грижа, стручност и професионалност.
„Имавме одлична можност прво да се заблагодариме на директорот на болницата, на докторите и медицинските сестри кои што работеле со нашите пациенти, но исто така да ја искористиме оваа посета за да извлечеме искуства и дополнителен мотив за соработка,“ изјави Муцунски.
Во рамки на разговорите се отвори и прашањето за можностите за воспоставување институционална соработка помеѓу македонското и шведското здравство, со акцент на размена на искуства, експертиза и поддршка.
„Разговаравме за понатамошна соработка помеѓу нашите медицински центри и нашите здравствени власти со Медицинскиот центар ‘Каролинска’, и тоа во многу конкретни области. Останува да ги пренесеме тие контакти и можности до институциите во Скопје и заедно со колегите да почнеме поактивно да ја развиваме таа соработка во делот на здравството,“ додаде министерот во својата изјава.