Македонија
Одбележан 7-ми мај – Денот на воената полиција, полицијата и безбедноста

Во касарната ,,Илинден” во Скопје, се одржа свеченост по повод 7-ми мај денот на баталјонот на Воена полиција (бВП) и денот на полицијата и безбедноста.
На свеченоста присуствуваа заменикот на министерот за одбрана, Емил Димитриев, заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал-мајор Методија Величковски и други високи гости од МО и ГШ на АРМ.
Заменикот на министерот за одбрана Димитриев во обраќањето пред присутните истакна дека баталјонот на Воена полиција паралелно со развојот на АРМ во изминатите 22 години, секојдневно остварувајќи ги своите основни задачи како што се обезбедување на објектите на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, како и командите на единиците на АРМ, обезбедување на личности и делегации, контрола на воениот сообраќај и откривање, пронаоѓање и спроведување на сторители на кривични дела во одбраната, се оформуваше покажувајќи дека мотото ,,Секогаш подготвени” значи дека доверените задачи ќе бидат квалитетно, професионално и пред се безбедно извршени.
Димитриев пред стројот на баталјонот на Воена полиција го нагласи и учеството на припадниците на овој баталјон во наменските сили ,,Феникс” во мисијата ИСАФ во Авганистан, како уште една потврда на фактот дека за влез во единицата треба да се исполнат посебните критериуми за селекција, слични на оние пропишани за специјалните единици.
Командантот на баталјонот на Воена полиција, потполковник Роберт Тасески истакна дека единицата со која командува, како модерна и мобилна единица во рамките на ОСС Концептот учествува со една воено-полициска чета и вод кој се сертифицирани, при што потенцираше дека припадниците на баталјонот докажале висока подготвеност за извршување задачи, рамноправно со партнерите и НАТО.
На свеченоста беше прочитана честитка од Началникот на ГШ на АРМ до припадниците на баталјонот на воена полиција, како и стимулативни мерки по повод празникот. Припадниците на баталјонот на Воена полиција деновиве достојно го одбележаа празникот со голем број на спортски натпревари, крводарителна акција и хуманирна акција на донирање на прехрамбени продукти во ЈЗУ за деца со белодробни заболувања ,,Козле” во Скопје.
Денот на полицијата и безбедноста, во АРМ го одбележаа и припадниците на службата на военото разузнување и безбедност, кои се наоѓаат во секциите Ј-2 и С-2 во структурата на командите и штабовите на АРМ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието изгласа недоверба на пет членови на Судскиот совет

Собранието изгласа недоверба на членовите на Судскиот совет Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа.
Законодавниот дом констатира дека тие имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судскиот совет.
На седницата не присуствуваа пратениците од СДСМ.
Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.
Македонија
Онлајн медиумите да бидат вклучени во Законот – Владата предлага законски измени

Владата на денешната седница го донесе предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми.
Од Владата образложија дека со оглед на фактот дека резултатите од последните истражувања покажуваат дека над 70 oтсто од јавноста се информира на интернет, со што онлајн медиумите стануваат важен чинител во медиумскиот простор, се наметна потребата од нивно воведување во Законот за медиуми, што ќе придонесе и за поинтензивно поттикнување на саморегулацијата како битен сегмент за професионалното новинарско работење и зајакната конкурентност во медиумскиот простор.
„Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми има за цел да ја зајакне конкурентноста во медиумскиот простор и да ги реши постојните проблеми со интернет порталите, преку поставување на правна рамка која ги препознава како такви, односно јасни правила за нивно основање и регистрација“, се додава во информацијата од Владата.
Македонија
Пренџов: Членот на Судски совет, Чачарова-Илиевска освен што била правна советничка на Заев, била и партиски донатор

На денешната собраниска седница на која се дискутира за интерпелациите на членовите на Судски совет, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов кажа дека членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска јавно кажала дека нема да присуствува на собраниската седница, за јавноста да не се сомнева дека била во Дубаи на отворање на 82-катницата од страна на поранешниот премиер Зоран Заев.
Пренџов нагласи дека за разлика од другите членови на Судскиот совет, таа била истакната како личен адвокат на Зоран Заев.
„Таа е посочена како личниот адвокат на Заев. Се започна во 2017 кога на чело на судските реформи се стави нејзиниот другар и поранешен премиер Зоран Заев, година и пол, две, беше на чело на тие судски реформи, за тој период, двете мерки си ги избриша видео снимките од обвинителството, сите обвиненија му се тргнаа и кога си обезбеди правна сигурност и заштита, се повлече и ги остави тие судски реформи да ги прават Бујар Османи и компанија, па имавме план 3-6-9, но Чачарова-Илиевска била вклучена во сите планови’’, истакна Пренџов.
Тој потенцираше дека судството и Судскиот совет, не било независно бидејќи таа била донесена за член на Судски совет откако претходно била советничка на екс премиерот Зоран Заев.
„Случајно поранешниот премиер Зоран Заев, случајно ја поканил да му биде советничка, бидејќи таа била некој правен авторитет, за којшто само тој и кланот Заеви претходно имале слушнато и така таа дошла во неговиот кабинет правно да го советува, некое време додека не направи простор во Судскиот совет за да стане член’’, рече Пренџов.
Пратеникот додаде дека таа не била само адвокат личен на Заев, туку била и донатор на СДС.
„Случајно, неколку пати донирала пари во СДС. Во 2018, донирала 5540, па 7500, 5600, па потоа дала 16000, па 7500, па потоа донирала нови 17200 денари и така натаму. Луѓе кои донирале пари во СДС, од ова собрание биле гласани како независни експерти, како правни величини и како луѓе коишто требаше да донесат право и правда во Македонија“, заклучи Пренџов.