Македонија
Македонија е во клучна фаза од евроинтегративен процес
Македонија влегува во клучната фаза од евроинтегративен процес и ќе биде потребен еден широк консензус за побрзо остварување на целта.
Македонија влегува во клучната фаза од евроинтегративен процес и ќе биде потребен еден широк консензус за побрзо остварување на целта.
Ова беше констатирано на конференцијата „Лисабон-Скопје-Атина“, што во средата се одржа во Скопје и на која се анализираше Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија.
Евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере смета дека земјата има капацитет и воља да ја постигне поставената цел за интеграција во ЕУ.
„Важно е фокусот да остане на неопходните реформите, кои не треба да се спроведуваат само затоа што ЕУ тоа го вели, туку станува збор за реформи од суштинско значење за државата, која без нив нема да постигне долгорочна политичка стабилност, нема да има демократија и нема да има силна и професионална администрација“, изјави Фуере.
Вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски оцени дека препораката на ЕК претставува јасно охрабрување да се продолжи со сите реформи и заедно со еден широк политички и општествен консензус да се продолжи на патот кон полноправно членство во Унијата.
„Владата ќе продолжи со имплементација на рамковниот договор, со зајакнување на ефикасноста на правосудството, со модернизацијата на администрацијата и со други реформи со цел во наредниот извештај да бидат избегнати негативни забелешки“, рече Наумоски.
Тој нагласи дека Македонија продолжува со преговорите со Грција со цел да се изнајде решение, а не со цел да се преговара во наредните десет години.
„Веруваме дека е можно решение кое што е прифатливо за двете страни, кое што ќе се заснова за меѓусебна почит, разбирање и доверба. Решение во кое, што ќе нема победници и поразени“, изјави Наумовски.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграција, Радмила Шекеринска потсети дека низ конструктивна критика и пошироки консултации меѓу политичките партии може да се стигне до консензус.
Таа изрази песимизам дека преговорите со ЕУ ќе бидат завршени за две години, порачувајќи дека ќе биде потребно да се подготвиме за маратон.
Воедно, Шекеринска не е уверена дека Македонија со сигурност во декември ќе добие датум за преговори и запраша врз што Владата го темели таквиот оптимизам.
Пратеничката од ДУИ Ермира Мехмети јавно запраша дали се водат преговори за идентитетот на државата или за идентитетот на нацијата.
Таа искажа загриженост од најавениот референдум за името, предупредувајќи дека тоа може да предизвика голема етничка поделеност во државата, а може и да го закочи целиот процес.
Дебатата беше организиранa од страна на Фондацијата Институт отворено општество –Македонија и Македонскиот центар за европско образование. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка, утре со врнежи од дожд и снег претпладне , попладне облачноста ќе се намалува
Висината на снежна покривка во 16 часот на Попова Шапка изнесува 34 сантиметри, 17 сантиметри се измерени во Маврови Анови, 12 во Битола, 7 во Ѓуриште, 5 во Тетово, Крушево (во 13ч), 3 сантиметри во Претор, 2 во Штип, Демир Капија, 1 во Крива Паланка, Прилеп, Виница.
До крајот на денот ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне ќе има локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 0, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
До сабота времето ќе биде променливо облачно со пораст на дневната температура. По одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места ќе преминуваат во снег.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Најсилната општина е онаа што ги слуша своите граѓани
Денес во oпштина Кисела Вода се одржа работен состанок меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и референтите и претседателите на месните и урбаните заедници од општината, со цел директно согледување на потребите, проблемите и барањата на граѓаните.
Градоначалничката се информираше од прва рака за состојбите на терен, преку луѓето кои се првиот и најблискиот контакт на граѓаните со локалната самоуправа. Месните и урбаните заедници претставуваат прва адреса каде што жителите ги изнесуваат своите проблеми, без потреба да доаѓаат во општинската зграда, туку најблиску до своето место на живеење. Токму таму најчесто се евидентираат секојдневните предизвици, инфраструктурните потреби и конкретните барања, кои потоа се пренесуваат до раководството на општината.
Во општина Кисела Вода функционираат вкупно 15 месни и урбани заедници, што овозможува поефикасно работење на општината и побрза, подостапна услуга за граѓаните. Ваквиот модел на децентрализирана комуникација значително придонесува за подобро функционирање на локалната самоуправа и навремено решавање на проблемите, истакнуваат од таму.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите од Секторот за месна самоуправа од општината, беше потенцирана важноста од континуирана и интензивна соработка, при што беше договорено навремено да се интервенира за сите прашања што се во надлежност на општината, но и координирано да се постапува во оние случаи каде што решавањето на проблемите зависи од Град Скопје или од централната власт.
-Претставниците од месните заедници се нашите очи и уши на терен. Преку нив имаме директен увид во реалните потреби на граѓаните и можеме побрзо и поефикасно да реагираме. Нашата цел е силна, отворена и двонасочна комуникација, затоа што само така можеме да градиме општина што навистина им служи на своите жители. Денешниот состанок е потврда дека заеднички, со уште поголема соработка, можеме да ги решаваме проблемите, и локалните, и оние што бараат поширока институционална координација- изјави Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Амбасадорот на Турција кај градоначалникот Лимани: „Сигнал за зајакнување на соработката со Гостивар“
Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, денес оствари официјална средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, во рамки на неговата прва посета по преземањето на мандатот од страна на градоначалникот Лимани.
За време на средбата, градоначалникот Лимани ја изрази својата благодарност за посетата на амбасадорот Улусој, оценувајќи ја како доказ за блиските и пријателски односи што Општина Гостивар ги негува со Република Турција. Тој истакна дека оваа посета претставува важна основа за продлабочување на меѓусебната соработка во различни области од заеднички интерес, вклучувајќи ја културата, спортот, образованието, како и економската размена и поттикнувањето идеи за одржлив локален развој.
Од своја страна, амбасадорот Улусој му честиташе на градоначалникот Лимани за победата и преземањето на функцијата, нагласувајќи дека Турција и Гостивар споделуваат заеднички вредности, историја и интереси, кои треба да се искористат како потенцијал за интензивирање на соработката во иднина.
Во рамки на посетата, градоначалникот Лимани и амбасадорот Улусој остварија и заедничка посета на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, образовна институција во која наставата ја следи значителен број ученици од турската заедница. Посетата беше оценета како важен сигнал за посветеноста кон образованието и зачувувањето на културната разновидност во општината.

