Македонија
Стечајците го продолжија протестот пред Влада
Дел од групата стечајци кои денеска протестираа пред Собранието, протестот го продолжија пред Владата.
Дел од групата стечајци кои денеска протестираа пред Собранието, протестот го продолжија пред Владата.
Тие го блокираа сообраќајот на улицата пред Владата, а полиција само го обезбедуваше протестот и не ги спречи во намерата да го сопрат сообраќајот, што предизвика револт кај возачите.
Стечајците денеска го продолжија протестот поради неприфаќањето на нивниот Предлог-закон од страна на Собранието за материјално обезбедување на повеќе од 6.000 стечајни работници./крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никола Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ нов претседател на Советот на Општина Бутел
Денеска се одржа првата конститутивна седница на советот на Општина Бутел на која беа верифицирани мандатите на избраните членови на советот.
На оваа седница со мнозинство гласови беше избран и новиот претседател на советот на Општина Бутел, Никола Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Дарко Костовски му честита за изборот и му посака успешна работа.
„Искрено и од се срце се надевам на одлична и конструктивна соработка со Советот на Општина Бутел и дека заедно ќе реализираме многу проекти за доброто на граѓаните на Општина Бутел“, рече Костовски.
Македонија
Почнува мониторинг-системот за енергетска заштеда од фотоволтаиците во училиштата во Кисела Вода
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес во ООУ “Кирил Пејчиновиќ” присуствуваше на пуштањето во употреба на онлајн мониторинг софтверот, кој претставува финална активност во рамките на проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност и заштита на човекова околина“.
Со овој чекор целосно се заокружува реализацијата на проектот, во рамките на кој беа поставени фотоволтаичните системи во сите основни училишта на територијата на oпштина Кисела Вода.
Мониторинг софтверот претставува web-базирана платформа преку која во реално време може да се следи моменталното производство на фотонапонскиот систем, вкупното дневно, месечно и годишно производство на електрична енергија, како и вкупно произведената енергија од денот на пуштање во работа на системот до денес. Дополнително, софтверот овозможува континуирано следење на работата на системите. При појава на евентуални аномалии, корисниците автоматски добиваат известување, што овозможува навремена реакција и максимално искористување на сончевата енергија.
Со проектот беа проектирани и инсталирани мрежни он-грид фотоволтаични системи со вкупна моќност од 140 kW во сите основни училишта во општината Кисела Вода, како и едно училиште во општина Зелениково. Овие инвестиции овозможуваат годишна заштеда од околу 160 MWh, односно 70 до 80 проценти по училиште, што претставува 18 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија на општината, со значителен придонес кон заштитата на животната средина и намалување на емисиите на јаглероден диоксид.
„Со денешното пуштање во употреба на мониторинг софтверот заокружуваме една целина која претставува вистински пример за современ и одржлив пристап кон енергетското управување. Благодарение на овие системи, нашите училишта веќе остваруваат значителни заштеди и активно придонесуваат кон намалување на енергетската зависност. Енергетската ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија се приоритет на мојата работа и ќе останат насока во која ќе продолжиме и во наредните четири години: кон зелена, модерна и енергетски самостојна општина“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Стопирани 130 милиони евра за македонските земјоделци – Николовски предложи план за надминување на состојбата со ИПАРД по корупцискиот скандал
Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски истакна дека поради суспензијата на исплатите од европската ИПАРД програма, над 130 милиони евра инвестиции во земјоделството се ставени во мирување, а земјоделците и компаниите се соочуваат со неизвесност и недоверба.
„Суспензијата на исплатите поради корупцискиот скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието предизвика шок, недоверба и огромна неизвесност кај илјадници македонски земјоделци и компании“, изјави Николовски.
Според податоците што ги изнесе, со суспендирањето на ИПАРД 3, блокиран е целиот буџет од 128 милиони евра, од кои дел веќе бил ставен во употреба за кофинансирање на земјоделски инвестиции.
„Досега има склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои се исплатени само 10 милиони. Над 180 инвестиции, вредни повеќе од 25 милиони евра, се директно погодени, а уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани,“ посочи тој, додавајќи дека овие бројки ги потврдило и Министерството за финансии.
Николовски нагласи дека зад бројките стојат луѓе, семејства и фирми кои вложиле сè во модернизација и очекувале поддршка од државата и Европската Унија.
„Тие денес се оставени без одговор кога и дали ќе им бидат исплатени средствата, дали воопшто ќе можат да продолжат со проектите,“ изјави тој.
Пратеникот нагласи дека ситуацијата претставува сериозен ризик за економски колапс во земјоделството и дека потребно е итно институционално делување.
„Ова е силен удар – програмата која беше симбол на развој и модернизација денес е на колена,“ рече Николовски, додавајќи дека владата и ресорните министерства мора да реагираат координирано и одговорно.
Тој го претстави планот на СДСМ за деблокада на ИПАРД, кој предвидува неколку клучни чекори:
Утврдување на фактичката состојба и институционалните слабости што довеле до суспензијата.
Изработка на акциски план, кој државата ќе го достави до Европската комисија, со јасни антикорупциски мерки, засилена контрола и поголема транспарентност во спроведувањето на европските фондови.
„Нашата порака до Брисел мора да биде јасна – ова е изолиран случај, а секој што е инволвиран ќе биде санкциониран,“ порача Николовски.
Николовски ја заврши прес-конференцијата со повик за институционална одговорност и системска промена во управувањето со европските програми.
„Време е да изградиме систем кој нема да зависи од поединци, туку од јасни правила, интегритет и отчетност. Само така ќе гарантираме дека европските средства ќе продолжат да се користат таму каде што им е местото – за поддршка на македонските земјоделци и развојот на руралните средини,“ рече пратеникот.

