Македонија
Светскиот ден на птиците преселници ќе се одбележи со набљудување птици во Дојран

Група на средношколци од Дојран и околината заедно со заинтересираното локално население преку туристичка прошетка в недела на 11 мај ќе набљудува птици и ќе научи нешто повеќе за значењето на птиците преселници.
Настанот е дел од прославата на Светскиот ден на птиците преселници којшто се одбележува во мај осма година по ред. Преку него се истакнува потребата за заштита на птици преселници и нивните живеалишта. Годинава ќе се организираат над 200 јавни настани низ целиот свет и тие ќе вклучуваат фестивали за птици, едукативни програми и екскурзии.
Оваа година темата на светската прослава е „Птиците преселници и туризмот” и ги истакнува врските меѓу заштитата на птиците преселници и развојот на локалниот еко-туризам.
„Дојран е препознаен како клучно подрачје за биолошка разновидност и спектакуларните движења на птиците преселници може во иднина да привлечат туристи од земјава и странство. Оваа Општина има голем потенцијал за развој на еко туризам кој ќе вклучува набљудување и фотографирање на птици, активности кои ќе бидат корисни за дивиот свет, локалното население и туристите”, изјави Ксенија Путилин, асистент на проектот за едукација и градење на капацитети на Дојранското Езеро од Македонско еколошко друштво.
Настанот е организиран од страна на Македонското Еколошко Друштво (МЕД) во соработка со Општина Дојран.
„Целосно ја поддржувам глобалната кампања да се покрене свеста за заканите на птиците преселници како уништувањето на живеалиштата, прекумерната експлоатација, загадувањето и климатските промени. Повикувам на поголеми интернационални напори да се заштитат птици преселници и мрежата на живеалишта која ним им се потребна за да преживеат, како важен дел од животната средина од која сите зависиме”, се вели во изјавата на генералниот секретар на Обединетите нации(ОН) Бан Ки-мун.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.