Македонија
Наумовски: Не треба да се плашиме од дебати за евроинтеграциите
Вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски, денеска рече дека не треба да постои стравување од дебати во врска со тоа кој колку направил за европската интеграција на Македонија
По вчерашната изјава на евроамбасадорот Ерван Фуере, според која, тврдењето дека во 1995 г. Македонија пропуштила шанса за интеграција во Унијата е ширење фантазија, Наумовски рече дека за евентуално пропуштени шанси од тој период одговор треба да дадат тогашните власти.„Јас не знам дали во 1995-та година и било нешто понудено на Република Македонија. Тоа најдобро можат да го кажат оние што во 1995-тата ја предводеа државата и тие политичари можат најдобро да кажат колку тие во тој период направиле за европската интеграција на Република Македонија, колку реформи спровеле во тој период и колку ја доближиле државата до наредниот степен за целосна интеграција на државата во Европската Унија“, изјави Наумовски.Смета дека клучните чекори во евроатланската интеграција на земјата се направени во време на политичката опција што моментално е на чело на државата.„Пред се, тоа е Спогодбата за стабилизација и асоцијација, стекнувањето на статусот државата-кандидат, добивањето на препораката за почеток на преговорите, како и визната либерализација. Доколку детално се анализираат сите овие моменти, кога се случиле, односно кога биле реализирани активностите за нивна реализација, јасно може да се види дека една политичка опција има завршено најголем дел од работите за три од овие четири клучни моменти во европската интеграција на Република Македонија“, изјави Наумовски.Во понеделник евро-амбасадорот Фуере рече дека дебата за евентуално пропуштени шанси во европската интеграција во деведесеттите години е губење на време и ширење на фантазија. Побара фокусот да се насочи кон иднината на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.

