Македонија
Предавање на министерот Ивановски пред студентите на ФИНКИ

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во петок на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), имаше обраќање пред студентите на тема „Бенефитите од искористувањето на Отворените податоци”.
Тој се осврна на Законот за отворени податоци со кој институциите се обврзуваат во определен временски период, податоците со кои што располагаат во дигитален формат да ги направат достапни за граѓаните.
„Овој процес е со цел да му се помогне на приватниот сектор и на граѓаните. Очекуваме тоа да поттикне креирање на нови работни места, нови иновации, со што ќе се создаде и нова додадена вредност во економијата”, рече пред студентите министерот Ивановски.
Тој напомена дека Министерството за информатичко општество и администрација инвестира во развој на модерна платформа која ќе овозможи транспарентен пристап до отворените податоци на институциите во Република Македонија.
Платформата е составена од три компоненти: модул за испраќање податоци, модул за централизирана организација и презентација на податоците и модул за дистрибуција на податоци.
„Најголем успех од искористувањето на овие податоци ќе имаме кај студентите, односно младите претприемачи. Сите оние кои ќе бидат заинтересирани да креираат апликации ќе можат бесплатно да ги користат отворените податоци”, рече министерот Ивановски.
Тој ги повика студентите кои се заинтересирани и имаат идеи да креираат апликации и да ги користат податоците на институциите на системот преку веб апликацијата. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бугарското МНР за изјавите на Мицкоски: Демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд

„Потсетуваме дека Европскиот консензус од 2022 година, одобрен од сите земји-членки на Евроспката Унија и Скопје останува валиден патоказ за напредокот на соседната земја во нејзиниот пристапен процес. Зачудувачки е што обврските преземени од Република Северна Македонија, од страна на нејзиниот премиер се доживуваат како „мешање во нејзините внатрешни работи“, е денешната реакција на бугарското Министерство за надворешни работи на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кои се однесуваат на тоа дали вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.
„Неговите изјави ги сметаме за уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи“, се вели во реакцијата од бугарското МНР и се додава:
„Премиерот Мицкоски уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или несакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија“.
Одговарајќи на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ, денеска премиерот Христијан Мицкоски, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата и потсети дека високи претставници на ЕУ велеле оти промената на името на државата е последната работа што треба да се направи.
„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем“, рече Мицкоски.
Според него, Македонија како држава нема проблем со другите народи, туку напротив, ги почитува.
„Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи на суверена држава, не знам за што станува збор. Така што, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи, и Албанците и Србите, Грците, Бугарите, но бараме подеднакво почитување и за нас Македонците“, посочи премиерот.
Македонија
Од утре ски-центарот „Попова Шапка“ нема да работи, до следните снежни врнежи

Од утре ски-центарот „Попова Шапка“ нема да работи па се до следните снежни врнежи.
„Поради временските услови и немањето доволно снег на нашите патеки, од утре, 13 март, Ски центарот “Попова Шапка” привремено ќе ги прекине активностите до следните врнежи од снег. Ви благодариме за страста и енергијата што ја носите на нашите патеки секој ден. Подгответе ја вашата опрема, бидејќи штом се врати снегот, ќе се вратиме и ние“, информираат од ски-центарот.
Македонија
Битола за летниот период ќе има нов базен, најави Коњановски

Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски заедно со Министерот за спорт Борко Ристовски, при денешната посета на локацијата каде што треба да биде изграден затворениот базен во Битола, најавија дека базенот наскоро ќе биде завршен.
„Подготовките веќе се одвиваат на големо. Веќе од следната недела ќе се почне со интензивно продолжување на работата за завршување на базенот. Во договор со градоначалникот и општината, договоривме надзорот да го превземе општината и веќе наредната недела ќе имаме и надзор и ќе можеме официјално да ја продолжиме изградбата на овој базен во Битола, нешто што многу ги интересира битолчани, а беше пред 4 години почнато и ветено, дојде редот ние да го завршиме да го надминеме застојот кој беше изминатите години, но најважно од се е дека од страна на оваа Влада и градоначалникот на Битола, најдовме заеднички јазик, има волја и желба да го завршиме и конечно сите оние базени кои што се почнати, а не се завршени, до крајот на летото ќе ги ставиме во употреба, од што краен бенефит ќе имаат и граѓаните на Битола и граѓаните во сите градови каде што се започнати“, рече министерот за спорт, Борко Ристовски.
Во однос на техничките карактеристики, беше посочено дека објектот е наменет пред се за детска популација, за обука, едукација, пливачки и спасувачки школи кои ќе се едуцираат, но и за граѓанството. После завршувањето на изградбата општината ќе го превземе во сопственост базенот, а најголем бенефит се очекува да има училиштето Даме Груев, во чиј двор се наоѓа овој објект.
Градоначалникот Коњановски, нагласи дека во Битола, никогаш не се вложувало повеќе во спортот, потенцирајќи ги проектите кои ќе следуваат за изградба на спортски игралишта и училишни спортски сали.
Министерот за спорт, Борко Ристовски и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги посетија и другите две локации, каде наскоро ќе се реализираат два нови проекти, за кои општината ја обезбеди проектната документација, а Владата одобри финансиски средства. Станува збор за проектите за изградба на центар за спорт и рекреативни активности – боксерска сала и санација на јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“.