Македонија
Грчев: Министерот за правда не треба да биде член на Судскиот совет

Претседателот на судскиот совет, Васил Грчев смета дека министерот за правда не треба да биде член на Судскиот совет.
„Се уште стојам на ставот што го имаше судската фела уште кога се носеше законот во 2006 година. Стојам на ставот дека министерот не треба да биде член на Судскиот совет. Ние тогаш како судство испративме сигнали, дадовме предлог министерот да не биде член на советот и јас се уште сојам зад тоа“ вели Грчев.
Грчев, кому за една недела му завршува мандатот, е на овој став бидејќи според него, со тоа се предимензионира неговата улога во Советот и се врзува со политички притисоци.
Судскиот совет донесе одлука за утврдување на одговорноста на претседателката на гостиварскиот суд, Ружа Томовска, но и на истражниот судија кој му го заменил притворот со куќен притвор на човек кој си го убил братот.
За кумановската судијка, пак, Судскиот совет донел одлука за запирање на постапката поради застареност во поднесувањето на барањето, соопшти претседателот на Судскиот совет, Васил Грчев.
На 31 овој месец ќе се бира претседател на Апелација, кога ќе се бираат претседатели на основните судови.
Судскиот совет денеска ги разгледуваше претставките од граѓаните кои не биле задоволни од некоја судска одлука.
Грчев вели дека граѓаните сè уште не се свесни што е во надлежност на Судскиот совет, голем број од нив сметаат дека Судскиот совет може да измени одлука на одреден суд.
Граѓанин се жалел до Судскиот совет бидејќи продавачот го излагал колку млеко дава кравата што му ја продал. Поради тоа сега се жали до Судскиот совет.
Бројот на претставките на граѓаните до Судскиот совет во споредба со минатите години е намалена. Во 2008 и 2009 година, бројот на претставки изнесувал од 1.700 до 1.800, а оваа година се регистрирани од 1.500 до 1.600 претставки.
„Незадоволство има кај странката од одлуката која што ја донел судот или судовите, одолговлекувањето на постапката, некоректниот однос од страна на судот. Најголем број од претставките по проверките на одредени наводи не е утврдена одговорност кај судиите. Ако се тргне од тоа дека граѓаните се незадоволни од судските одлуки, не можеме да очекуваме задоволство, за некој кој го изгубил предметот. Ни на крај памет не ми текнува да ја иделаизирам состојбата во судството. Состојбата во македонското судство не е толку лоша за тоа да биде причина, како и што се обидува тоа да се прикаже во јавноста, дека е пречка за влез на Македонија во евроатланските интеграции. Состојбата во судството во Македонија е многу подобра отколку состојбите на судството во некои други земји кои веќе се членки на Европската унија“ вели Грчев.
Пред истекувањето на неговиот мандат Грчев говореше за притисоците во судството.
“Притисокот е индивидуален. Можеби станува збор за некој вид на ургенции. Подлегнувањето на притисокот е индивидуално. Секој поединец различно реагира на она што во било каква форма на притисок доаѓа кај него. Притисокот не е изум од сега, ниту ќе престане. За да нема притисоци или ургенции од страна на политиката тие треба да престанат, а ние како фела како судии, како членови на судски совет е индивидуално дали ќе подлегнеме или не на притисоците“ вели Грчев./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не само технолошка трансформација, туку суштинска инвестиција во луѓето, јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, порача Рисова Мутлулар

Шефот на Кабинетот на Министерот за јавна администрација, Маја Рисова Мутлулар, и раководителот на Секторот за обуки, Агрон Меџити, учествуваат на состанокот на Директори на институти и школи за јавна администрација (DISPA), што се одржува во Будва, Црна Гора.
Под мотото „Иднината на јавната администрација: Лидерство во криза и постигнување резултати“, настанот има за цел да обезбеди платформа за размена на добри практики, стратегии и иновативни пристапи за градење капацитети кај јавните службеници, особено во време на предизвици и неизвесности.
Настанот е организиран од ReSPA – Регионалното училиште за јавна администрација, во соработка со Европската школа за администрација и поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора.
Во текот на интензивната програма, учесниците дискутираа за дизајнирање на иновативни и флексибилни системи за обука, користење на податоци за управување со човечки ресурси, значењето на коучингот за развој на лидерски капацитети и придобивките од меѓународни и извршни програми за размена.
Во рамки на дискусиите, Рисова Мутлулар истакна: „Јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, тоа значи не само технолошка трансформација, туку и суштинска инвестиција во луѓето. Само преку континуирана обука, поддршка и создавање простор за иновации, можеме да создадеме администрација што ќе одговара на потребите на граѓаните.”
Настанот обедини претставници од ЕУ и земјите од регионот, со цел споделување искуства, градење партнерства и идентификување заеднички приоритети за подобрување на јавните услуги.
Министерството за јавна администрација останува посветено на креирање ефикасна, транспарентна и професионална јавна служба, преку регионална соработка, модернизација на системите за обука и развој на човечките ресурси, велат од таму.
Македонија
МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна.
„На 15.10.2025 во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство“, велат од МВР.
На местото извршиле увид претставници на Завод и музеј – Охрид, заедно со полициски екипи. По целосното расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“, согласно член 264 од Кривичниот законик.
Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.