Македонија
Власта и опозицијата се обвинуваат за евентуалнa негативна оценка од Брисел
Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања доколку евентуално, Македонија во вторник добие негативна оценка од Советот за стабилизација и асоцијација.
Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања доколку евентуално, Македонија во вторник добие негативна оценка од Советот за стабилизација и асоцијација. Според СДСМ, власта ги крие слабостите под закрила на нерешениот спор, за што владејачкото мнозинство негира. „Има една реченица што доаѓа од Брисел, а тоа е дека власта сака под закрила на нерешениот спор сака да ги прикрие сите свои слабости од Законот за енергетика, притисок во судството, партизација на администрација, па се до Законот за антидискриминација. Има серија на проблеми кои се директно генерирани од страна на власта“, изјави Јани Макрадули од СДСМ. Илија Димовски од СДСМ демантира и вели дека се што е направено, а според него е многу, ќе биде констатирано во извештајот на ЕК. „Oваа Влада според сите проценки на меѓународните владини институции се занимава со подобрување на борбата против корупцијата и според сите светски скали бележи напредок така што паѓаат сите забелешки на опозицијата која свесно сака да предизвика Македонија да добие негативен извештај. Само на тој начин опозицијата ќе си ги оправда сите свои деструктивни дејанија во последните неколку месеци“, изјави Димовски. Претходно првиот парламентарец Трајко Вељаноски изјави дека одговорноста за евентуалниот негативен извештај што би можел да произлезе од денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се одржува со Брисел ќе ја сноси и тој и власта и опозицијата. Од СДСМ велат дека Вељановски не може да најде оправдување. „Што и да стори Вељаноски не може да најде оправдување за лошиот сигнал што го испрати во саботата кога го стави на пленарна седница Деловникот без консензус и без присуство на опозицијата. Ниското ниво на политичка комуникација на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кое свесно го дозволи Вељаноски на седницата, обвинувања и споредби со Караџаферис и радикалниот Лаос, воопшто не одат во прилог на градење на вистински политички дијалог“, рече Макрадули. Според Макрадули, СДСМ во изминатиот период покажала и сериозна волја и сигнали за вистински политички дијалог во интерес на европските интеграции на Македонија. За тоа дали ќе се вратат на координација за формирање тело за контролирање на трошењата на народните пари и да го изгласаат Деловникот, Макрадули вели дека има сеуште шанси да се закаже посебна седница, на која ќе се стави точката за формирање работно тело за контрола на трошењето на народните парите. „ВМРО-ДПМНЕ и Вељаноски имаат се уште шанси да закажат посебна седница, на која ќе се стави точката за формирање работно тело за контрола на трошењето на парите без разлика што „на трик и со десантски методи е изменет Деловникот после последните усогласувања на Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања“, рече Макрадули. Опозицијата како што рече тој ќе го изгласа Деловникот по формирањето на вакво тело. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека опозицијата свесно избегала од седницата во саботата и од координациите за Македонија да добие негативен извештај. „Еден од клучните приоритети за да добиеме позитивен извештај беше изгласувањето на измените на Деловникот со консензус. Ние го акцептиравме барањето на ЕУ да биде донесен Деловник со консензус. Организиравме долги дебати, ги прифативме сите барања на опозицијата и ги вградивме во Деловникот за кој што се усогласивме. Недоаѓањето на опозицијата на таа седница е нивна одлука Македонија да добие негативен извештај“, изјави Димовски. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Севдаил Демири и Ресул Шабани добитници на наградата „22 ноември“
Утре во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ ќе ја додели државната награда за признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Северна Македонија, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија.
Добитници на наградата „22 Ноември“ за 2025 година се проф. д-р Севдаил Демири, истражувач, публицист и поет, и Ресул Шабани, писател.
Македонија
Единствена Македонија: Уставниот суд се мајтапи со народот
Единствена Македонија најостро реагира на денешното соопштение на Уставниот суд со кое на отворена сцена се мајтапат со народот пишувајќи дека судијката Добрила Кацарска е судијка со интегритет, самостојност и независност, велат од партијата.
„А што може да се очекува од еден Уставен суд кога сите уставни судии се дојдени во овој суд по линиии кои немаат никаква врска со знаење, способност и достигнување. Цела Македонија знае дека Добрила Кацарска дојде во Уставниот суд преку непристоен и срамен пазар – наменска осуда на лицата за 27 април во замена за функција во Уставниот суд. Добрила Кацарска е дел од поблемот и решението е во нејзиното бркање од судот со што ќе се раскине со темното минато. Цела Македонија знае дека марионетата Зоран Заев ја испорача ветената награда до Добрила Кацарска со претседателско место во Уставниот суд за успешно завршената работа за наменската осуда на македонските патриоти како што се Вилијам Михајловски Гајда и останатите за 27 април на затворска казна од два века затвор“, се наведува во соопштението од Единствена Македонија.
Од таму велат дека изборот на Кацарска за судијка во Уставниот суд ја потврдува и поразителната вистина дека Македонија се држи на линијата на темното минато кога за нарачани судски одлуки следувала награда за судски функции.
Македонија
Во Кочани почна со работа регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка
Во Кочани почна со работа регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка на Црвениот крст.
Министерот Азир Алиу го посети центарот каде информираше дека целта е да се продолжи со организирано обезбедување професионална психолошка помош, советување и поддршка за повредените од пожарот, нивните семејства и целата заедница.
„Центарот за ментално здравје ќе биде место за доверлива и безбедна грижа, со акцент на справување со траумата, загубата и емоционалните последици. Во Центарот, во рамки на првата фаза ќе работат девет психолози, кои ќе обезбедуваат индивидуални и групни сесии, психоедукација и поддршка за волонтерите и вработените. Овој центар е пример за тоа како треба да изгледаат вакви објекти низ целата држава. Министерството за здравство целосно го поддржува проектот и континуирано ќе дава поддршка за оваа иницијатива со која покажуваме дека иста е важноста на менталното здравје, како и физичкото, и заедно со Црвениот крст и нашите партнери ќе продолжиме да градиме систем на грижа и солидарност“, истакна министерот Алиу при посетата.
Тој, исто така, информираше дека во наредните три години, центарот располага со буџет од 150 илјади евра, обезбедени од Црвениот крст на Австрија и на Србија, како и други партнери и донатори. Средствата ќе бидат насочени кон обезбедување современа опрема, едукативни програми и континуирана поддршка за стручниот кадар, со цел граѓаните да добијат најквалитетни услуги.
„Оваа иницијатива го покажува континуитетот во грижата за повредените лица од трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека од самиот почеток трошоците за лекување и рехабилитација на повредените се покриени од државата, а по завршување на болничкото лекување обезбедивме и рехабилитација на повредените лица во објектот на Пониква. Токму таму, покрај рехабилитацијата и 24-часовното присуство на физиотерапевти, овозможивме и континуирана психолошка поддршка, која сега продолжува во овој центар во Кочани. Нашата заложба е сите пациенти да ја добијат потребната здравствена заштита и потребната психо-социјална поддршка“, рече Алиу.

