Македонија
Милошоски: преговорите и спорот во Хаг не си влијаат меѓусебно
Преговорите што се водат со Грција за разликите околу името не треба да влијаат врз процесот што Македонија го води против јужниот сосед пред Меѓународниот суд на правдата за прекршување на времената спогодба, смета министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Шефот на макеоднската дипломатија смета дека спорот пред Хаг не е случај кој треба да и служи на политиката, туку на меѓународното право.„Очекувањата се дека овој процес во Хаг ќе го има својот тек без да биде процедурално попречуван од која било страна. Нормално е дека има различни коментари и политички изјави, а во тој контекс беше дадена изјавата на мојата грчка колешка. Но, имајќи ја предвид нивната внатрешна политичка ситуација, одредени турбуленции, тоа не не изненадува“, изјави Милошоски по презентацијата на Визниот центар во МНР за амбасадорите на земјите членки на ЕУ. Запрашан за коментар на тоа што Атина најавуват силни против докази во спорот, Милошоски вели:„Со овој случај сакаме да дадеме придонес во почитувањето на меѓународното право.Инаку, министерот за надворшени работи не одговори кога точно македонската страна ќе му одговори на медијаторот во спорот Метју Нимиц за последните модификации што тој им ги достави на Скопје и Атина при неговата посета во регионот на почетокот од месецот. Милошоски вели дека тоа ќе биде сторено „кога ќе дојде моментот“.„Имаме одреден концепт во која насока би можеле да се движиме. Заради доверливоста на самиот процес и препораките од посредникот Нимиц тоа да остане со што помалку подробности да не се нанесе штета на процесот, сметам дека кога ќе дојде моментот Македонија ќе биде подготвена да го пренесе својот одговор во овие рамки, да ја задржиме нашата проактивна вклученост во целиот негов ангажман. Сметам дека Република Македонија во иднина ќе покаже дека е страна во овој наметнат спор која може и сака да чекори кон едно приближување на ставовите и кон унапредување на односите меѓу двете земји“, рече министерот за надворешни работи. Милошоски не сакаше ни да ги коментира информациите за тоа дека е постигната согласност за промена на името за варијантата Република Северна Македонија. „Одговорот ќе дојде кога ќе биде време за тоа“, вели Милошсоки.Според него внатрешно – политички консталации во Република Грција влијаат на конструктивноста или неконструктивноста во самиот процес и се фактор кој што има свој удел во создавањето на една посложена консталација на целиот проблем, кој е наметнат од страна на Грција од почетокот на осамостојувањето на Македонија. За тоа на што се должи оптимизмот на Нимиц по средбите во Скопје и Атина шефот на македонската дипломатија упати на медијаторот, но го смета за добра вест.„Сметам дека во секој случај е добра вест што тој како искусен дипломат кој е долги години вклучен во овој билатерален проблем има едно чувство на оптимизам што во секој случај треба да се искористи“, изјави Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

