Свет
Google објави мапа на Северна Кореја со впишани гулази
Американскиот интернет гигант Google ја актуелизираше мапата на Северна Кореја во кои покрај локациите за центрите за нуклеарни истражувања се впишани и локациите на злогласните работни логори во кои комунистичкиот режим ги затвора своите политички противници.
Мапите на поедини земји на сервисот Google Map Maker ги подготвува со помош на корисниците, како што тоа го прави и интернет енциклопедијата Wikipedia.
Новата актуелизирана карта на Северна Кореја донесува поедини локации на објекти во главниот град Пјонгјанг, како што се училишта, хотели, болници, храмови, пазари и паркови од едната и од другата страна на реката Таедонг која го дели градот на два дела.
Покрај, тоа, означени се и поголемите градови, аеродроми, хемиски постројки, центарот за нуклеарни истражувања, а со сиви точки се означени ткн работни логори.
На пример, околу 100 километри од Пјонгјан, според Google, се наоѓа работниот логор број 18.
Џајиант Мисор од службата на Google Map Maker истакнува дека мапите на Северна Кореја во прв ред се важни за жителите на соседна Јужна Кореја поради историските врски и затоа што многумина од нив во комунистичката држава имаат роднини и потекнуваат од таму. Технички, двете земји уште се во конфликт од завршувањето на Корејската војна која траеше од 1950 до 1953 година.
Во извештаите од мај 2011 година, организацијата за човекови права Amnesty International забележа дека бројот на работни логори е зголемен и дека се проширени последните десет години, како и дека во нив се затворени околу 200 илјади луѓе во „ужасни“ услови.
Интересно е што Google ја објави мапата откако неговиот генерален директор Ерик Шмид заедно со поранешниот американски дипломат Бил Ричардсон по посетата на Кина, престојуваше во тридневна посета на Северна Кореја, што не наиде на добар прием кај американските политички кругови.
Меѓутоа, по враќањето од оваа изолирана комунистичка земја, која одржува блиски односи само со Кина, Шмид изјави дека „одлуката на севернокорејските власти за држење на земјата во виртуелна изолација ќе и’ наштети на иднината на земјата и на нејзиниот стопански раст“ во денешниот свет кој е тесно и сé повеќе поврзан.
Северна Кореја е една од најизолираните земји на светот и според меѓународните организации за човекови права е водечка по цензурата. Тамошното население нема пристап до интернет со исклучокот на неколку стотина луѓе од елитата блиска на власта./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

