Свет
Два милиона мито за упис на Харвард
Брачна двојка од Хонгконг го тужи поранешниот харвардски професор дека им зел два милиона долари ветувајќи им оти нивните синови ќе ги запише на славниот универзитет Харвард.
Ова во четвртокот го пишува дневниот весник Boston Globe, истакнувајќи дека тоа претставува опомена за родителите вмешани во многу компетитивниот „рулет“ на уписите на универзитетите во САД.
„Кога станува збор за примањата на факултетите, гаранција нема и точка. Доколку некој ви каже дека може да ве уфрли на Хравард, тоа е измама“, изјави за весникот Марк Кантровиц, експерт за финансирање и планирање студии од Кренбери во сојузната американска држава Пенсилванија.
Џералд и Лили Чоу, и двајцата државјани на Кина, во својата тужба поднесена уште во 2010 година во окружниот суд во Бостон, наведуваат дека на професорот Марк Зимни му платиле два милиона американски долари бидејќи им било ветено дека нивните два сина ќе ги запише на елитен американски универзитет, по можност на Харвард. Сопружниците во тужбата, исто така, тврдат дека Зимни им рекол дека ќе им помогне околу уплатите на нивните донации на другите елитни факултети, заобиколувајќи го наводниот расизам против азиските донатори.
Сопружниците Чоу го обвинуваа професорот Зимни за измама, кршење на договорот и неоправдано богатење и бараат да им ги врати нивните пари. Зимни во судските поднесоци ги негирал обвинувањата, пишува Boston Globe. Тужбата сега треба да биде префрлена на сојузен суд, а во ноември се очекува првото рочиште, се додава во написот.
Случајот на семејството Чоу е екстремен, а Кантровиц вели дека родителите во САД трошат големи суми во настојувањата своите деца да ги запишат на водечките универзитети, плаќаат советници коишто им помагаат во подготовката за полагање на испитите и пишувањето есеи потребни за пријавување на факултетите.
Минатата година Харвард прифатил само 6,2 отсто од 34.950 пријавени за упис, наведува студентскиот весник The Harvard Crimson.
Харвард имал најниска стапка за упис од ткн Ivy League, групата од осум елитни приватни универзитети во североисточните држави во САД, под Колумбија со 6,9 отсто и Јел со 7,35 отсто запишани студенти, додава студентското гласило./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Папата Лав испраќа 80 генератори и илјадници медицински материјали во Украина
Папата Лав XIV испрати 80 генератори за електрична енергија и илјадници медицински материјали во Украина за да им помогне на цивилите да се справат со ниските зимски температури и континуираните напади, објави вчера Ватикан.
Помошта е организирана како одговор на апелите од бискупите, кои предупредија на растечките тешкотии предизвикани од руските напади врз енергетската инфраструктура и температурите под нулата низ целата земја.
Три камиони со генератори и медицински материјали тргнаа од базиликата Света Софија во Рим и веќе пристигнаа во Фастив и Киев, области силно погодени од неодамнешните напади.
Покрај генераторите, доставени се илјадници медицински материјали, вклучувајќи антибиотици, антиинфламаторни лекови, додатоци во исхраната и мелатонин. Според официјалните лица на Ватикан, вторите се многу барани бидејќи Украинците се борат со стрес и недостаток на сон поради тековните напади.
Од Ватикан додадоа дека се во тек подготовки за испраќање на уште една пратка лекови и храна, а дистрибуцијата ќе биде координирана преку мрежи на парохии низ цела Украина.
Откако ја презеде функцијата минатата година, папата Лав повика на „праведен и траен мир“ во Украина и понуди да биде домаќин на мировни разговори меѓу Киев и Москва во Ватикан.
Украинскиот претседател Зеленски ја поддржа таквата иницијатива, додека руските претставници досега го отфрлија предлогот.
Пред да стане папа, Лав XIV ја осуди целосната инвазија на Русија врз Украина додека служеше како бискуп во Перу.
Свет
(Видео) Хеликоптер за брза помош се урна во Либија, загинаа пет лица
Хеликоптер за итни случаи се урна во базата Ал-Сара во Либија, враќајќи се од мисија за медицинска евакуација, при што загинаа пет лица, објавија локалните медиуми.
Несреќата се случила во област на околу 300 километри југоисточно од градот Куфра, објави порталот Ал-Васат.
helicopter crash occurred at the Al-Sarra air base in southeast Libya, near the city of Kufra.Initial reports described it as involving an "air ambulance" or medical evacuation flight. pic.twitter.com/DgAmj1807G
— NextMinute News (@nextminutenews7) February 10, 2026
Меѓу загинатите се двајца припадници на воената транспортна служба и медицинска сестра од болницата Куфра. Другите две жртви се странски државјани, пилотот на хеликоптерот и неговиот помошник.
Причината за несреќата сè уште не е позната, а либиските власти сè уште не издале официјално соопштение за падот на хеликоптерот.
Свет
Лавров: Долг е патот до мир во Украина
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека нема причина да се биде ентузијастичен за притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп врз Европа и Украина, нагласувајќи дека мирот во Украина е сè уште далеку.
Неговите коментари дојдоа само неколку дена по разговорите во Абу Даби, кои САД, Украина и Русија ги опишаа како тешки, но конструктивни, но сугерираа дека постигнувањето конечен договор може да биде многу тешко, објавија „РИА“ и „Ројтерс“.
Русија сè уште се држи до своите почетни, максималистички барања. Тие вклучуваат територијални претензии кон источните региони на Украина и противење на каква било можност Украина да се приклучи на НАТО или да биде домаќин на западни сили на нејзина територија како дел од безбедносните гаранции.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во своето вечерно обраќање рече дека „сигурните безбедносни гаранции се единствената вистинска основа за мир“. Тој, исто така, предупреди дека Русија би можела да го тестира секое мирно решение со напади или „некои хибридни операции“.
Во меѓувреме, Кремљ соопшти дека датумот за следната рунда разговори сè уште не е одреден, но дека тие веројатно ќе се одржат наскоро. Во исто време, Русија продолжи да ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина.
фото/Depositphotos

