Македонија
Интерпелацијата на Јанкулоска пред пратениците

Интерпелацијата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска ќе се најде пред пратениците во Собранието.
Интерпелацијата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска ќе се најде пред пратениците во Собранието.
Интерпелацијата ја покренаа опозициската НСДП, СДСМ и ПЕИ во врска со следењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски за случајот „Кампања“, кој беше уапсен еден ден по изборите под сомнение за нелегално финансирање на кампањата.
„Постојат повеќе причини за поднесување на оваа интерпелација, како што е отворено прикривање на случајот и на доказите од страна на МВР за убиството на Мартин Нешковски, политичкото апсење и затворање на Љубе Бошкоски и директното мешање на министерката за внатрешни работи при одобрувањата за следење, неможноста да се воспостави законски механизам за надзор и контрола над следењето на комуникациите од страна на Собранието на Република Македонија, злоупотребата на министерската функција и овластувања во изборната кампања, појава на организирани криминални групи во структурите на полицијата и други причини кои се доказ дека министерката Јанкулоска нема капацитет да води вакво важно министерство“ се вели во образложението за поднесената интерпелација.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Јанкулоска пак вели дека дебатата во Парламентот ќе покаже дека лидерот на Обединети не бил прислушуван, а барањето политичка одговорност, потврда за безидејноста на опозицијата.
„Во конкретниов случај тие се одлучија за еден потег кој е крајно неаргументиран и јас верувам дека токму тоа ќе биде исходот од парламентарната дебата. На интерпелацијата гледам како на уште една добра можност, на граѓаните да им се презентираат аргументите, а аргументите во голема мера, односно речиси целосно се поклопуваат со она што ние во континуитет го зборуваме, а тоа е дека МВР неселективно постапува во сите случаи каде што имаме индиции за сторен криминал“ вели Јанкулоска.
Лидерот на Обединети за Македонија беше осуден на седум години затвор за нелегално финансирање на изборната кампања и злоупотреба на службената положба. /крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.